Сеул го тужи Пјонгјанг за кревањето во воздух на заедничката канцеларија за врски во 2020 година

Северна и Јужна Кореја, Фото: МИА

Јужна Кореја денеска поднесе тужба против Северна Кореја за отштета од 44,7 милијарди вони (32 милиони евра) заради минирањето на заедничката канцеларија за врски, што се наоѓа северно од нивната заедничка граница, во 2020 година, јави Хина.

Симболичната тужба, поднесена во јужнокорејскиот Централен окружен суд во Сеул, доаѓа во време на долгогодишни затегнати односи и зголемена загриженост во врска со нуклеарното оружје и ракетната програма на Северна Кореја.

Јужна Кореја имаше рок до петок да побара компензација за штетата, кога истекува тригодишниот статут за застареност на делото.

Портпаролот на Министерството за обединување, кое се занимава со односите со Северна Кореја, Ку Бјунгсам, денеска изјави дека севернокорејското минирање на зградата е незаконско и насилно дело што ги прекршува договорите и „фундаментално ги оштети темелите на меѓусебното почитување и доверба“.

Не постои јасен начин Јужна Кореја да ја принуди Северна Кореја да плати репарации, доколку судот во Сеул утврди дека соседот е одговорен за експлозијата и штетата.

Ку додаде дека тужбата, прва што една јужнокорејска Влада ја поднела против севернокорејската Влада, има за цел да го зачува законското право на Јужна Кореја на компензација.

Во јуни 2020 година, Северна Кореја со експлозив ја разнесе канцеларијата за врски на Јужна Кореја во пограничниот град Каесонг, откако го критикуваше неуспехот на Јужна Кореја да ги спречи севернокорејските дезертери да испраќаат пропагандни летоци преку границата користејќи балони.

Зградата во време на детонацијата веќе беше празна бидејќи Северна Кореја ја затвори канцеларијата во јануари 2020 година, кога ја затвори и границата поради појава на коронавирусот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот