Сета надеж во старите ветувања од Софија и во принципите на Европа

Шефот на дипломатијата Бујар Османи смета дека одржувањето на првата меѓувладина конференција, што е предвидено да се случи во декември, а со која се означува почеток на преговорите, е веќе договорена работа, а не посебна одлука.

Објаснувачкиот меморандум што Бугарија го испрати до земјите членки на ЕУ, во кој се доведуваат во прашање македонскиот јазик и идентитет, предизвика реакции на македонската политичка сцена. Македонската нација, во документот на соседите, се означува како творба на Тито и се бара од земјата да „раскине со идеолошкото наследство од комунистичка Југославија“ што, според Софија, е причина за „етничкиот инженеринг“ во Северна Македонија. Јазикот не се признава.

– Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија создава правна рамка и нуди инструменти за менаџирање на билатералните прашања и ние сме посветени на неговата имплементација – изјавија од Владата во врска со меморандумот што Софија го достави до земјите членки на ЕУ.

Оттаму наведуваат дека правото на самоопределување и на самоидентификација се темелни европски вредности и цивилизациски придобивки и дека посебноста на македонскиот јазик и на македонски етнички идентитет се неспорен факт.

– Македонскиот јазик е составен дел од личната карта на Северна Македонија во Обединетите нации и дел од многуте прифатени и признати модерни јазици што се изучуваат на универзитети во целиот свет. Во 21 век во Европа, прифаќањето на минатото, но и на сегашноста се одраз на одговорна и зрела политика и вистинско пријателство – смета Владата.

Според Владата, тврдењата и изјавите што содржат навреди, не водат кон пријателство.

– Пријателството е двонасочна улица и најмногу зависи од нас самите, од нашето почитување на европските вредности и принципи. Договорот за пријателство, добрососедство и соработка е одраз на заемното почитување и пријателство и подразбира и бара одговорност и учество од двете страни – велат од Владата.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи не сакаше содржински да го толкува меморандумот и напомена дека поради тоа што земјава е кандидат за членство, не е дел од кореспонденцијата внатре во Унијата и до нив официјално не е стигнат тој документ. Тој додаде дека преку секојдневните комуникации треба да се дознаваат битните информации за државата, нагласувајќи дека нема да навлегува во материјална расправа за меморандумот.

– Меѓувладината конференција, со која се означува и почетокот на преговори со Европската Унија, е предвидена за декември. Тоа е нешто за што е постигнат консензус во март, а поддршката ја даде и Бугарија – истакна Османи.

Шефот на дипломатијата смета дека одржувањето на првата меѓувладина конференција, што е предвидено да се случи во декември, а со која се означува почеток на преговорите, е веќе договорена работа, а не посебна одлука. Тој нагласува дека комуницираат со сите земји членки по сите прашања и нивниот однос секогаш бил коректен, а тоа е дека преговарачката рамка не е платформа каде што се билатерализираат односите меѓу земјите.

Османи смета дека Комисијата е формирана на паритетна основа и ќе успее да ги изнајде заедничките моменти на спојување и зближување.

– Целта не е негативна компетиција за наметнување на нашите наративи еден на друг, туку оттргнување на овој процес од стегите на политиката. Досега имаше резултати од таа комисија за околу пет-шест историски личности, договорени се начините за заедничко одбележување на нивното дело. Комисијата треба што поскоро да се состане – рече Османи.

Во однос на Гоце Делчев, рече Османи, деновиве прочитал дека најдобриот начин да му се оддаде почит е да се изгради автопатот Скопје-Софија, кој би го носел неговото име.

– Навистина сметам дека политиката и политичарите можат само да им пречат во обидот на историчарите и на научниците да ги осветлат овие прашања што се товар меѓу двете држави – рече Османи.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ претходно предложи македонското Собрание, како контра одговор на бугарското Народно собрание, да усвои една заедничка декларација, во која идентитетот на македонскиот народ, посебноста на македонскиот јазик и сите други културни и национални обележја би биле заеднички потврдени и со самото тоа, како што вели, афирмирани како дел од европските вредности на културните и националните идентитети на овој континент.

Во меѓувреме, според извештаите од македонски дописници од Брисел, овој агресивен притисок на официјална Софија врз европските партнери со кој се бара бугарските толкувања за историјата да станат услови за почнување преговори со Македонија, засега не наидува на поддршка во ниту една земја членка на Европската Унија.

Според дипломатски извори во Брисел, таму нема расположение тоа што не успеа Грција – да докаже дека не постојат Македонци, македонска нација и македонски јазик и на што потроши три децении – сега да го продолжи Бугарија, а другите земји членки со поддршка да го заробат овој процес.

Самиот факт дека Бугарија почувствува потреба со меморандум да го дообјаснува тоа што го испрати како официјалната владина позиција за преговорите, сугерира дека не успеала во тоа што го бара досега. Неофицијално, земјите членки сметаат дека овие прашања треба да се решаваат на билатерална основа и да не ги оптоварува преговорите со ЕУ, па нема ни расположение бугарските барања да влезат како посебна точка во Поглавјето 35, за „други прашања“. Јасно е, сепак, од досегашните искуства, дека кога е во прашање Брисел, никогаш не смее да се земе нешто како сигурно.

Засега очекувањата се дека амбасадорите не ќе можат да решат околу ова прашање, па тоа ќе се најде на еден од наредните министерски состаноци на ЕУ, најверојатно во ноември. Дотогаш, според најавата, премиерот Зоран Заев ќе оди во Софија и ќе се обиде да ги испегла односите.

Генерално, меѓудржавната позицијата за преговорите, што Софија ја усвои во октомври минатата година, и овој меморандум нема голема разлика, освен во интонацијата и генералната порака. Првиот документ беше напишан со јазик поприфатлив за европски политичари, а вториот е погруб и јасно ја разоткрива  намерата на Софија – ЕУ да стави печат за нас како народ со „бугарски корени“, чиј јазик е „регионална форма на бугарскиот“, а „македонски“ е само под наводници и постои од 1945 година, т.е. македонскиот идентитет да го прогласи за политички инженеринг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот