Конституивна седница во Собрание / Фото: Слободен печат - Драган Митрески
Конституивна седница во Собрание / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Сега имаме развојна стратегија за следните 20 години, против неа гласал само еден пратеник

„Одржлива, иновативна и конкурентна економија, одржлив локален и регионален развој што обезбедува кохезија, демографска ревитализација, социјален и културен развој, сигурно, безбедно и отпорно општество, зелена трансформација, владеење на правото и добро управување“ – ова, се целите содржани во новата Национална развојна стратегија (НРС) за периодот 2024-2044 година, која попладнево ја донесе Собранието со 70 гласови „за“, еден „против“ и ниту еден воздржан.

Стратегијата, како што беше речено, е водечки документ со кој се дефинираат главните национални развојни цели, стратешки области и приоритети за забрзан, инклузивен, рамномерен, родово еднаков и одржлив развој на Македонија. Донесена е со политички консензус и низ инклузивен процес во кој биле вклучени МАНУ, Владата, Собранието, академската заедница, експерти, граѓанскиот и бизнис секторот, како и политичките партии.

И додека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ дадоа целосна поддршка за донесување на Стратегијата, Блерим Беџети од ДУИ побара нејзино повлекување и корекции, повикувајќи се на актуелните случувања со Уставниот суд. Реџеп Исмаил од Левица, пак, оцени дека НРС е историски промашена, методолошки неточна и идеолошки изгубена.

„Основната идеја на НРС е да овозможи континуитет во стратешкото планирање и конзистентен одговор на главните предизвици, без оглед на политичката ориентација. НРС е клучен стратешки документ што ја дефинира визијата за развој на Република Северна Македонија, која во основа се темели врз три базични национални развојни цели: Зајакнување на конкурентноста на економијата преку функционален и иновативен екосистем, усовршување на вештините, знаењето, вклученоста и отпорноста на граѓаните, Модели на управување што се отворени, отчетни, сеопфатни и отпорни, способни да спречат и соодветно да реагираат, поттикнувајќи просперитет за сите општествени групи, како и Социјалната инклузија што подразбира подобрени социјални, здравствени и образовни услуги во насока на обезбедување корист за поединците, бизнисите и за општеството во целина, истакна заменик министерката за животна средина и просторно планирање“, Ане Лашкоска, образложувајќи го текстот.

Според Лашкоска, како стратешки и развоен документ, НРС ги идентификува клучните предизвици и државните приоритети, особено имајќи го предвид стремежот на земјава да се приклучи кон Европската Унијадо 2030 година, како и заложбата за одржлив развој преточена во Агендата 2030.

„Луѓето имаат висок животен стандард, реализирајќи се во економија што е одржлива, конкурентна и нуди еднакви можности за сите. Институциите се ефикасни, отчетни, одговорни, иновативни и отворени за учество на граѓаните. Заедниците во кои живееме се зелени, безбедни, отпорни на современите ризици и опасности, инфраструктурно поврзани и дигитализирани. Овие услови придонесуваат да се создаде основа за просперитетни млади, поединци што се задоволни, среќни, здрави и луѓе што активно стареат. Уметноста и културата се столбовите на нашето општество и придонесуваат за подобрување на колективната благосостојба и за меѓународната перцепцијата за државата. Нашата држава е активен и почитуван член на меѓународните организации и на регионалните иницијативи, каде што промовира вредности, норми и процеси што резултираат во подобрување на животот на сите луѓе“, предвидува меѓу другото Стратегијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот