илустрација / пожар кај дојранското село Николиќ / Фото: Инфомакс / скриншот

Сè уште беснее огнената стихија во Дојранско, активни се уште четири пожари низ Македонија

Пожарот кај дојранското село Николиќ, кој пет дена гори на отворен простор, сè уште не е целосно ставен под контрола. Опасноста од негово проширување кон општина Валандово е реална, а теренот е непристапен, што ја отежнува интервенцијата, велат надлежните.

Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, за ТВ „24“ изјави дека пожарот можел да биде спречен навреме доколку се интервенирало од воздух, како што тој бараше уште првиот ден.

„Требаше навреме да се реагира. Пожарот е на непристапно место и имаше потреба од воздушно гасење“, рече Ангов.

Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека утрово на терен биле испратени екипи на „Национални шуми“, а со механизација се пробиваат планинските патишта за да се обезбеди пристап до огнената линија.

Во моментов на територијата на државата се активни пет пожари од вкупно девет регистрирани во последните 24 часа. Сериозна е и ситуацијата во општина Велес, каде што гори мешана шума меѓу селата Џидимирци и Крушје. И овој пожар се наоѓа на непристапен терен, а го гаснат пожарникари од Скопје и Велес.

Голем пожар вчера зафати и три куќи во скопската населба Злокуќани. Според Центарот за управување со кризи, огнот започнал во една куќа, но поради силниот ветер и сувата вегетација брзо се проширил и зафатил уште две соседни куќи.

На терен веднаш интервенирале екипи на Противпожарната бригада на Град Скопје, а по наредба на надлежните, заради безбедност, била исклучена електричната енергија на нисконапонската мрежа. Во пожарот повредени се две лица.

Според податоците на ЦУК, од 1 до 14 јули годинава се регистрирани 411 пожари на отворен простор. Институциите апелираат на крајна внимателност и навремено пријавување на секое сомнително движење или чад.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот