Се стега обрачот околу социјалните мрежи: Насилните содржини, дезинформациите и пропагандите најголеми проблеми за општеството

социјални мрежи
фото: илустрација / Unsplash

Зајакнување на системот на контрола во образовните институции, подигнување на степенот на образование, подигање на медиумската писменост и зајакнувањето на стручните служби кои ќе се грижат за менталното здравје на децата, би помогнало многу во процесот да не дојде до состојби за кривична одговорност кај малолетници, советуваат дел од домашните експерти

Насилни содржини во видео игри и филмови, закоравен образовен систем, незаинтерирани родители, неконтролирани социјални мрежи полни со дезинформации и пропаганди, но и лесен пристап до оружје, се проблемите кои деновиве испливаа на површина во македонското општество и го вклучија алармот на институциите за поголема безбедност откако во Белград се случија двата масакра.

Токму зајакнување на системот на контрола во образовните институции, подигнување на степенот на образование, подигање на медиумската писменост и зајакнувањето на стручните служби кои ќе се грижат за менталното здравје на децата, би помогнало многу во процесот да не дојде до состојби за кривична одговорност кај малолетници, советуваат дел од домашните експерти каде според нив, вклучувањето на алармот за поголема контрола врз децата на социјалните мрежи би допринело до намалување на насилството и општо зголемување на безбедноста меѓу луѓето во земјава.

Во тој контекст комуникологот и експерт по комуникации Бојан Кордалов за „Слободен печат“ вели дека тенка е линијата меѓу законското регулирање на интернет просторот со информации и почитувањето на слободата на говорот. Сепак според него, поголемата вклученост на институциите во општествата е неопходно за ставање на некаков ред во морето на информации и дезинформации кои секојдневно им се пласира на граѓаните особено преку социјалните мрежи.

Бојан Кордалов – комуниколог / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

– Првенствено потребно е да разбереме зошто некои држави се одлучија да вршат ограничување на социјалната мрежа Тик Ток. Зборуваме за загриженост околу безбедноста и сигурноста што се пренесува на таа мрежа и според мене како земја членка на НАТО и западните вредности легитимно е од страна на домашните институции да се разгледува таквата опција – посочува Кордалов.

Според Кордалов кога станува збор заштита на децата од содржините на социјалните мрежи постојат две клучни компоненти.

-Кога зборуваме за заштитата на децата од Тик Ток мораме да истакнеме дека има негативни компоненти како за децата така и кај возрасните луѓе на оваа социјална мрежа, а за тоа сведочат и примерите во општеството каде неодамна деца настрадаа поради имитирање на содржините пласирани токму на Тик Ток. Но, ако мислиме дека со укинување на Тик Ток во училиштата дека ќе ја спречиме негативната кампања, се плашам дека нема да ги исполни тоа очекување ниту од безбедносен ниту од образовен агол. Таквите мерки од страна на државата ќе бидат чисто популистички донесени без ефект – појаснува Кордалов.

Комуникологот советува дека за надминување на овој сериозен проблем кој го мачи домашното општество но и општествата на другите земји во регионот потребно е поголема вклученост на институциите на терен меѓу засегнатите.

– Треба сериозна државна стратегија која според мене би се реализирала на терен и тоа преку активна вклученост на институциите со засегнатите лица, овдека говорам и со децата но и со поворзрасните, родителите. Ако мислиме дека на родителите државата ќе им ги решава проблемите е сосема погрешно размислување, напротив додека самите не си ги решиме проблемите кои ги мачат нашите најблиски секогаш ќе има место за вакви инциденти кои се случуваат и во кои неретко се губат дури и човечки животи – смета Кордалов.

Според него државите од регионот вклучително и Македонија потребно е да го следат светското односно европското законодавство кое се однесува на регулирање на интернет просторот. Во таа насока државите од регионот треба да го креираат своето законодавство за оваа сфера кое пред се ќе биде модерно и во исто време демократско.

Фото: Pexels/Geri Tech/Karolina Grabowska

Кои се ризиците од ТикТок

Министерот за образование Јетон Шаќири во изјава за медиумите по отворањето на конференцијата за италијански јазик во Ректоратот на УКИМ, најави дека надлежните институции ќе ги проценат потенцијалните ризици од употребата на „ТикТок“ од учениците за да се заклучи дали треба да се ограничи нејзиното користење. За безбедноста во училиштата ќе има интензивни состаноци со вклученост на педагози, психолози и родители, а од септември прирачници и протоколи со мерки.

Институциите за безбедност треба да проценат колку е лош материјалот на „ТикТок“, со оглед и на неколку видеа од ученици за кои постапува МВР. Ќе се вклучат и Министерството за информатичко општество и администрација и Агенцијата за електронски комуникации, како и други институции од ИКТ-секторот за да се разгледаат начините на употреба на оваа апликација.

„Ако можеме од институциите за информатика да имаме конкретни ограничувања во начинот на отворање, внесување податоци, ќе ги разгледаме сите можности, рече Шаќири, додавајќи дека за препораки во однос на овие содржини се размислува и во други земји.

Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу претходно се изјасни дека како министерство, немаат заземено став дали треба да се забрани ТикТок, но сметаат дека е потребна регулација на социјалните платформи.

„МИОА има јасен став дека е против секој вид на говор на омраза или насилство, без исклучок, и поддржуваме санкционирање на секој извор на говор на омраза/насилство. Министерството ги зема предвид сите социјални платформи без исклучок. Иако во моментов не заземаме став за забрана на која било социјална платформа, но и како родители, силно сметаме дека социјалните платформи како феномен на цивилизацијата на нашето време треба да почнат да се регулираат“, вели Алиу.

Неопходна е широка дебата и едуцирање на младите за користење на социјалните мрежи

Во исто време министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на прес-конференција, во рамките на 50. Европска регионална конференција на Интерпол во Охрид, за предлозите за намалување на границата за кривична одговорност кај малолетници, по масакрот во Србија, Спасовски рече дека е потребна широка дебата која би помогнала во процесот.

„Одлуките не треба да ги носиме водени од емоциите, туку да ги носиме од разумот, она што е рационално во еден момент да може да го направиме. Така што, сметам кога се работи за безбедноста сите опции коишто ќе ја подобрат безбедноста, вреди и да се размисли и да бидат прифатени“, рече Спасовски.Според него, родителите имаат сериозна одговорност во тој дел осврнувајќи се на контролата врз децата во однос на пристапот на интернет, социјални медиуми и слично.

Експертите за комуникации и педагозите се едногласни дека во предупредувањето дека институциите и чинителите, освен рестрикциите и забраните за користење на социјалните мрежи кога се децата во прашање, треба колку што е возможно најбргу да ја воведат дигиталната воспитна компонента за децата, дигиталната и медиумската писменост и во соработка со родителите да креираат безбедна средина во новата ера на социјални медиуми.

Забрана за ТикТок или делумно ограничување

Македонија би можела да биде една од многуте земји во светот во кои апликацијата Тик-Ток е забранета во училиштата. Во светот, од безбедносни причини, 16 земји го забранија Тик-Ток на глобално ниво. Обединетото Кралство и Нов Зеланд минатата недела објавија мерки за блокирање на ТикТок од државните уреди, што дополнително ги зголеми тензиите меѓу сопствениците на апликацијата и западниот свет. Во САД, Белата куќа минатиот месец им даде на федералните агенции 30 дена да го отстранат ТикТок од сите телефони и системи. Одделот за правда и ФБИ во моментов ја истражуваат социјалната мрежа за следење на новинари преку апликацијата.

Упадот во приватноста и заштита на личните податоци беа првичните мотиви за банирање на ТикТок, но, како и во овој закон, се понагласени се и причините како што се опасните активности кај помладите корисници кои се доминантните корисници на оваа социјална мрежа. Како примери се наведуваат борјните игри со предизвици кои се опасни по животот и безбедноста, како случаи во кои се воздигнуваат и оправдуваат насилни активности, па дури и убиства и самоубиства.

За подобро да го илустрира тоа, „Axios“  објави графикон на кој е прикажана светска мапа со земји кои одлучиле да ја забранат апликацијата во сопственост на кинеската компанија „Бета Денс“.

ФОТО: Земји кои го забранија Тик Ток во Светот.

Според графиконот, земјите кои воведоа делумна забрана, што значи дека апликацијата нема да биде дозволена на официјалните телефони на јавните службеници, се: САД, Канада, Нов Зеланд, Тајван, Финска, Шведска, Франција, Австрија, Шпанија, Португалија, Холандија, Белгија, Литванија, Латвија, Естонија, Германија, Велика Британија, Чешка, Полска, Романија, Бугарија, Словенија, Италија, Словачка, Хрватска, Унгарија, Данска и Грција.

Во овие земји забраната за ТикТок се однесува за владините уреди, но не и за приватните телефони. Земји кои воведоа целосна забрана за ТикТок се Индија, Авганистан и Индонезија. Во меѓувреме, Пакистан и Бангладеш воведоа привремена забрана.

Дезинформациите стануваат камен на сопнување во членство во ЕУ

Дезинформациите во македонскиот интернет простор се шират забрзано и ги има сè повеќе. Загриженост за ова прашање истакна и Европската комисија во последниот Извештај за 2022 година за напредокот на С. Македонија во нејзиниот евроинтеграциски пат. Во Извештајот се вели дека постојат „растечки закани од дезинформации“, а како главен извор на различни видови на дезинформации ги посочуваат онлајн медиумите и социјалните мрежи.

– Онлајн медиумите не се регулирани со конкретен закон, а постојат различни ставови за потребата од регулација, особено во поглед на растечките закани од дезинформации. Онлајн медиумите и платформите на социјалните медиуми се главниот извор на дезинформации, мисинформации, говор на омраза, прекршување на професионалните стандарди и прекршување на правата на интелектуална сопственост, се вели во Извештајот на ЕК за 2022 година. – се вели во докиументот на ЕК.

Во документот на ЕУ се додава и дека во контекст на дезинформациите коишто доаѓаат во врска со војната во Украина, македонската Владата во март 2022 година го забранила реемитувањето на руски ТВ канали со измена на Законот за рестриктивни мерки. Инаку досегашни извештаи кои се темелат на полициски извори посочуваат дека полицијата до сега има постапувано по десетици предмети, но додаваат дека сепак е многу тешко бидејќи нема конкретни закони. Од таму на неколку пати досега информираат дека реално кривично дело нема но, и дека можат да постапуваат по нив само кога се поврзани со друго кривично дело. Во Кривичниот законик – кривично дело за лажни вести нема. МВР постапува против лажните вести во кордианција со Јавното обвинителство. Од таму се наметнува прашањето дали треба нов закон каде лажните вести ќе бидат кривично дело.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот