Се подготвува ли копнена инвазија на Киев? Путин и Лукашенко формираат заеднички воени трупи на границата со Украина

Александар Лукашенско, Владимир Путин
Александар Лукашенко и Владимир Путин во Москва / Фото: EPA-EFE/SHAMIL ZHUMATOV / Архива на Слободен Печат

Рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на Белорусија Александар Лукашенко,се договорија да формираат нови заеднички трупи на самата граница со Украина, што ги зголеми стравувањата од нова копнена инвазија на Киев.

На состанокот со неговиот совет за безбедност, Лукашенко потврдил дека белоруската и руската армија концентрирале дополнителни војници „поради тензијата на белоруската граница со Украина“, пренесува британски Телеграф.

Александар Лукашенко
Александар Лукашенко

Овие информации доаѓаат само неколку часа откако украинските градови претрпеа разорни напади и главниот град Киев беше бомбардиран за прв пат од пролетта. Путин коментираше дека тоа е одмазда за украинскиот напад на мостот на Крим.

Лукашенко не прецизираше колку белоруски војници ќе распореди или каде точно ќе бидат испратени, но оваа изјава е најблиску до шпекулациите за испраќање војници во Украина.

Стравувања од обид за опсада на Киев

 

Белорускиот претседател , кој речиси беше соборен од националните протести во 2020 година, и нареди на армијата да подготви сместување за неколку илјади руски војници кои ќе пристигнат во Белорусија во наредните денови. Овие трансфери би можеле да бидат застрашувачки знак дека Москва повторно ќе се обиде да го опколи Киев.

Руските вооружени сили се блиску до најголемата нуклеарна централа во Украина/ Фото: Твитер

За потсетување, Белорусија, исто така, служеше како „отскочна даска“ за инвазијата во февруари, дозволувајќи им на руските војници да поминат низ белоруска територија и да навлезат во северна Украина за да ги нападнат предградијата на Киев.

Украина во понеделникот ја обвини Русија дека користела беспилотни летала камикази, лансирани од Белорусија, во некои од смртоносните напади изведени вчера Уништени се девет беспилотни летала лансирани од Белорусија и Крим, соопшти украинската армија.

украина мапа
Обработка на податоци: Слободен печат. / Иван Самарџиев

Обвинувања за план за напад на Белорусија

 

Лукашенко, пак, веќе ја обвини Украина дека има намера да ја нападне Белорусија, што се смета како нереален аргумент и изговор со кој тој сака да го оправда новото распоредување војници .
– Обуката на радикалните милитанти – во Полска, Литванија и Украина – кои се подготвуваат да извршат разни саботажи, терористички напади и да организираат воен бунт во Белорусија станува директна закана за оваа земја – гласеше оправдувањето на Лукашенко за распоредување на допоплнителни војници заедно со Русија .
Лукашенко особено ги потенцираше Белорусите кои избегаа по постизборното задушување на продемократските промени во таа земја а кои формираа два доброволни баталјони во Украина, кои, според него би можеле да бидат искористени за напад на Белорусија

русија тенкови EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Продавање на суверенитетот“

Михаил Подољак, советник на украинскиот претседател, го обвини Лукашенко за „продажба на последните делови на белорускиот суверенитет“ на Русија.
– Изјавата за распоредување на новиот воен контингент е едноставно официјализирање на окупацијата – вели Подољак додавајќи дека не верува дека е веројатна втора руска инвазија од Белорусија, пренесува Јутарњи лист.

И Европската комисија во понеделникот ја предупреди Белорусија да се воздржи од помагање на Русија, повикувајќи го официјален Минск да се откаже од какво било мешање во „бруталниот, нелегитимен потфат“ на Москва што ги крши и Повелбата на ОН и меѓународното право.

Петер Стано, портпарол на Комисијата, му се закани на Лукашенко со „нови и силни акции“ доколку се приклучи на руската инвазија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот