СДСМ: Милошоски да не ги блокира измените на Законот за рестриктивни мерки

Антонио Милошоски / Фото: ,,Слободен печат''- Драган Митрески

Откако вчера беше објавено дека на „црната листа“ на САД се впишани и актуелниот градоначалник и кандидат за претседател на претстојните избори, Стевче Јакимовски, и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, како и членови на нивното потесно семејство, повторно се актуелизира прашањето на донесувањето на Законот на рестриктивни мерки кој го предложи Владата.

Предлог-законот на двапати патуваше до Собранието. Откако Владата изврши корекции во предлог законското решение и го достави до Собранието, од Кабинетот на претседателот на Собранието рекоа дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки истиот ден кога пристигнал на собраниската адреса, на 6.02.2024 година, и откако претседателот Митрески, согласно неговата деловничка належност го проверил Предлог законот, тој истиот ден го доставил и до пратениците.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки беше ставен на првата наредна седница, односно на 143. собраниска седница, што беше одржана на 9.02.2024 година, со што почна да тече рокот за закажување на седница на Комисијата за надворешна политика на Собранието, на која предлог законското решение за рестриктивни мерки треба да се разгледа во прво читање.

Претседател на оваа комисија е Антонијо Милошоски, и тој од 9 феверуари наваму ја нема закажано таа седница.

Од Кабинетот на Митрески информираат дека до претседателот на Собранието е пристигнато и известување дека Стопанската комора на Северна Македонија до претседателот на Комисијата за надворешна политика Милошоски доставила барање за одржување на јавна дискусија по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки, која може да се одржи откако оваа точка ќе биде разгледана на матичното работно тело во прво читање.

Милошоски со незакажувањето на седница на Комисијата за надворешна политика, како надлежна според Деловникот за прво читање на Предлог-законот за рестриктивни мерки, ја блокира и јавната расправа по законското решение за што јавноста покажа посебен интерес.

„Последната одлуката на нашиот стратешки партнер, САД е уште една потврда зошто итно е потребно да се донесе овој закон и да се создаде можност сите вакви случаи наведени од нашите стратешки партнери да може да се процесираат преку домашното законодавство. Милошоски, кој раководи со собраниската Комисија за надворешна политика, веднаш да го стави на дневен ред Законот за рестриктивните мерки, Мицкоски и ДПМНЕ да го поддржат и законот да биде усвоен“, побараа од СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот