Самостојната изложба на слики „Метаморфози“ на Панде Петровски е поставена во галерија „Остен“

Панде Петровски

Во галеријата „Остен“ на 28 март, во 19 часот, ќе биде отворена самостојната изложба на слики со наслов „Метаморфози“ на уметникот Панде Петровски. Изложбата е дел од најавната програма на „Остен Биенале Скопје 2024“, а истовремено и програмски дел од јубилејната година на Панде Петровски – 65 години творештво.

– Најновиот циклус „Метаморфози“ на Панде Петровски, не само што е повеќе од циклус, туку е и своевиден автохтон, обемен опус, дневничко и упорно запишуван со специфичен ликовен јазик: зрел, изграден и сериозно обликуван и духовно преобразуван во потполна ликовна посветеност.

Тоа своевидно виртуозно воспевање на елементарната линија, која најчесто е вистинската, елементарната, суштинската и најдлабоката азбука во сликарството.

Циклусот „Метаморфози“ е творечки резултат на потполно изградена комплетна ликовна зрелост, со линиски бравури кои не се во функција само за изразот на творечкото – цртачкото сугестивно изразување, туку, пред сѐ, се сериозен и исклучително важен мисловен, симболичен и асоцијативен јазик во изградувањето, пред сѐ, на една неповторлива и мошне значајна поетско мисловна композиција – истакнуваат од „Остен“.

Панде Петровски е роден на 25.09.1939 г. во Брусник, Битола. Завршил Педагошка академија во Скопје, ликовна насока во класата на Вангел Коџоман. Работел како наставник по ликовно воспитание од 1964 до 2002 година. Член е на ДЛУМ (Друштво на ликовни уметници на Македонија) и ДЛУБ (Друштво на ликовни уметници Битола). Координатор е на меѓународната ликовна колонија „Де Ниро“ – Битола од нејзиното основање (2005 год.).

Реализирал повеќе самостојни изложби (од 1959 до 2014) во Битола, Кавадарци, Охрид, Креплин и Жагубица (Србија), Крањ (Словенија), Упсала (Шведска), Сиднеј и Волонгог (Австралија). Учествувал на многубројни групни изложби (од 1964 до 2004) во Битола, Кавадарци, Неготино, Прилеп, Штип, Куманово, Струга, Скопје, Софија (Бугарија) и Истанбул (Турција).

Неговите дела биле изложени и на меѓународни изложби на карикатури во Скопје, Струмица, Белград, Земун, Монтреал, Габрово, Истанбул и на меѓународни ликовни колонии во Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Грција и Романија (во период од 1999 до 2015).

Неговите цртежи се објавувани во повеќе весници, како „Нова Македонија“, „Остен“, „Просветен работник“, „Битолски весник“, „Без навреда“ и во повеќе списанија за култура, како и антологиите за македонскиот и балканскиот афоризам. Исто така неговите цртежи се наоѓаат и во книгите: „Бели мисли и размисли“ (афоризми), „Оаза на плачот“ (хуморески), „Думи“ (афоризми и хуморески), „Срце куќа најширока“ (цртежи – монографски каталог), „Хомољски мотиви“ (цртежи). Неговите илустрации ги има и на насловните страници во повеќе од 100 книги за деца и возрасни.

Добитник е на повеќе награди, меѓу кои наградата „Кирил и Методиј“ за особени достигнувања во образованието, наградата „4-ти Ноември“ на Општина Битола од oбласта на ликовната уметност, наградата на XIX Југословенски конкурс за сатиричен цртеж и современа карикатура на „Студенски збор“, специјална награда на 37. Светска галерија на карикатура „Остен“ – Скопје, плакета 50 години МНД – Битола, наградата „Борислав Траиковски“ за најдобро ликовно остварување на годишната изложба на ДЛУБ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот