Руската вакцина сепак нѐ интересира, здравствените власти се премислија

Фото: EPA

Министерството за здравство изрази интерес за руската вакцина, иако првично информираше дека набавката за вакцина на ковид-19 ќе се врши преку механизмот КОВАКС при Светската здравствена организација.

„Надлежните советодавни тела на Министерството за здравство задолжени за вакцини и имунизација го следат процесот развој на сите вакцини. Во однос на руската вакцина, Министерството за здравство преку амбасадата на Руската федерација, после нивната понуда имаше дополнителни прашања и изрази интерес за фазата на развој во која се наоѓа вакцината, дали се поминати сите фази на клинички студии, дали и кога е планиран извоз и која би била цената“, информира Миинистерството за здравство.

Вчера агенцијата Спутник.рс јави дека раководството на нашата држава ја проучува можноста за купување на руска вакцина против коронавирус, повикувајќи се на извори од Амбасадата на Русија во Скопје.

Руските дипломати во втората половина од август го известиле министерот за здравство Венко Филипче за успешните резултати од тестирањето на вакцината „Спутник V“ во Русија. Тој бил запознат со можностите за организација на испораки на препаратот преку рускиот Фонд за директни инвестиции.

„Ова прашање беше тема на разговорите со премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче. Македонската страна засега ги проучува достапните материјали за вакцината „Спутник V“. Се договорија за сите прашања за кои е заинтересирано Скопје директно да разговараат експертите од македонското Министерство за здравство и Рускиот фонд за директни инвестиции“, соопштија од руската амбасада за Спутник.

Првичните информации од Министерството за здравство беа дека набавката за вакцината против Ковид-19 ќе се врши преку механизмот КОВАКС при Светската здравствена организација. Тоа е механизам на СЗО со кој што се обезбедува, рамноправна дистрибуција на соодветна количина на вакцини согласно популацијата во одредени земји се додека не се достигне 20 проценти од населението да биде вакцинирано. Во однос на активноста на ЕУ, тие потпишаа билатерален договор со компанијата АстраЗенека за земјите членки на ЕУ и до нас е испратено писмо со понуда од Полска преку полскиот амбасадор во нашата земја. Тестирањата за вакцината на АстраЗенека на луѓе, која се сметаше за една од најперспективните, пред неколку дена беа прекинати откако се појавија сериозни несакани ефекти кај дел од пациентите вклучени во истражувањето, ретко воспалително нарушување на ‘рбетот наречено трансверзален миелитис. Од компанијата соопштија дека тестирањата се привремено прекинати и дека ќе ги  продолжат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот