Романот „Црна мајка земја“ од Кристијан Новак на македонски јазик е објавен од „ПНВ Публикации“

Деновиве од печат излезе романот „Црна мајка земја“ од хрватскиот писател Кристијан Новак. Преводот од хрватски јазик е дело на Сашо Огненовски, а романот е издание на „ПНВ Публикации“.

Станува збор за моќна и, на моменти, мачна приказна за младиот и успешен писател Матија, кој се обидува да ја надмине креативната, но и љубовната блокада, процес што ќе го одведе до болните и потиснати трауми од детството. Животот исполнет со лаги и со лажни сеќавања наеднаш доживува пресврт, па Матија ќе мора да се соочи со духовите од минатото.

Книгата е добитник на наградата „Роман на годината“, што ја доделува хрватскиот „Тпортал“. Романот е преведен на многу јазици и поместен е во листата на десет најдобри хрватски романи во последните 50 години.

– Новак ја илустрира комплексноста на филозофскиот концепт на вистината (и на лагата) преку хетерогената структура на романот, што се состои од пет нехронолошки распоредени поглавја, кои се занимаваат со различните верзии на вистината или, поточно, прикажуваат како егзистенцијалната вистина на главниот јунак се менува во зависност од тоа кој и кога ја перципира и ја толкува – констатира Љубица Матек.

Кристијан Новак (1979) се занимава со истражување во подрачјето на контактната лингвистика и на историската социолингвистика. Автор е на три романи: „Обесени“ (Инсула, 2005), „Црна мајка земја“ (Алгоритам, 2014) и „Циган, но најубав“ (Океан Море, 2016).

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 90, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 24-25 јули 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот