Рекорден број болни на Светскиот ден на здравјето: Надмината психолошката граница од 4.000 починати

Скопје, окомври 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Психолошката граница од 4.000 починати од компликации од ковид-19 е надмината, откако во земјава до завчера беа регистрирани 4.022 лица кои ја загубија битката со коронавирусот од почетокот на пандемијата. Низ целата земја во болничките кревети има рекордни 1.740 пациенти, најголемиот дел од нив дишат со кислородна поддршка, а неделава се очекува понатамошен раст на новозаразени, активни случаи и хоспитализирани. Од 29 март до 4 април се регистрирани 40 проценти повеќе заразени споредено со претходната недела. Во овој период имало 260 смртни случаи што е зголемување за 27 проценти.

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека новите рестрикции во движењето на граѓаните и во работата на стопанските субјекти, треба да го намалат притисокот врз болниците, но уверува дека слободни болнички легла има доволно – 260, и никому нема да му биде скратено правото на здравствена заштита.

Филипче: Верувам дека летово сликата ќе биде многу поразлична

– Болнички места има, лекувањето завршува за голем број хоспитализирани и ќе има исписи. Платото, со исклучок на неколку градови, е достигнато и ќе следува намалување на бројот на новодијагностицирани. Очекуваме до крајот од јуни голем дел од населението да биде вакцинирано, врз основа на проекциите кога ќе дојдат вакцините и како ќе оди дневната динамика на вакцинација. Никој не може да предвиди со сигурност, но верувам дека летово сликата ќе биде многу поразлична. Јавно би се вакцинирал за да се демантираат сомнежите, но не сакам да му го одземам местото на некој што е поприоритетен, така што тоа ќе го сторам кога ќе имаме повеќе пратки вакцини – рече Филипче во интервју на ТВ Алсат.

Матичните лекари почнаа да им закажуваат термини за вакцинација на граѓаните повозрасни од 75 години, со вакцината на производителот „Астра-Зенека“. Отворени се нови места во системот „Мој термин“ и возрасната граница е спуштена за две години. Неофицијално, 20 до 30 проценти од граѓаните не сакаат да се имунизираат или се предомислуваат барајќи друга вакцина, или откако утврдиле дека имаат антитела, односно дека ја прележале болеста.

Вакцинацијата се одвива добро во здравствените домови и во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, велат здравствените власти. Оптимумот вакцинирани граѓани што сакаат да го постигнат во овој објект е седум илјади дневно.

Работно одбележан Светскиот ден на здравјето

Лекарите и другиот здравствен персонал во земјава вчера немаа време да го прослават Светскиот ден на здравјето – 7 април. Преморени се од целогодишните дежурства и стресови, од фактот што не им е дозволено да земат одмор, но во борбата за спас на човечки животи и нема време многу за размислување.

Проф. д-р Гривчева-Старделова, претседател на Лекарска комора, вчера ги пофали своите колеги што се одзваа масовно на повикот за вакцинирање: според официјалните податоци, 75 отсто од нив веќе се вакцинирани против ковид-19.

– Лекарската комора изразува најдлабока почит и благодарност до сите здравствени професионалци за силната истрајност, упорност и несебична грижа за сите пациенти, а особено за оние што се соочија со ковид-19. Посебна почит искажуваме кон лекарите што битката за животот на другите ја платија со сопствениот живот – се обрати Гривчева-Старделова по повод Светскиот ден на здравјето.

Оваа година е година на вакцинацијата. Година за која се надеваме дека ќе биде последна во која живееме со мерки, рестрикции и ограничувања. Вакцинацијата е единствениот начин да го победиме вирусот, но, за жал, таа не се одвива со посакуваното темпо никаде во светот, по повод празникот писмено се обрати до колегите и министерот за здравство Венко Филипче.
Специјалната награда од Македонското лекарско друштво, по повод Светскиот ден на здравјето, ја доби Македонското здружение на инфектолози за секој поединец инфектолог во првите борбени столбови од пандемијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот