Регистрирани 105 нови случаи на морбили
Д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје, член на Комисијата за заразни болести во рамки на Министерството за здравство, денеска информираше за актуелната состојба со морбили во државата.
– Заклучно со денешниот ден се регистрирани вкупно 105 нови случаи на морбили, од кои 49 во Скопје, а 56 во другите градови низ државата. Вкупно досега со ова заболување се регистрирани 1.625 пациенти. Ова е најголема бројка на заболени од морбили во последните 25 години, посочи д-р Караџовски.
Во однос на најновите 105 случаи, д-р Караџовски потенцираше дека 77,1% се невакцинирани лица, вакцинирани само со една доза или лица за кои воопшто нема податок за вакцинален статус.
– Досега вкупно 27.000 лица се вакцинирани од почетокот на епидемијата, меѓутоа уште 15.600 лица се подложни на вакцинација, чувствителни на вирусот, а досега не се вакцинирани. Токму затоа, како епидемиолог, апелирам да се продолжи со вакцинацијата, истакна д-р Караџовски.
Инаку, од медицинскиот персонал досега се вакцинирани вкупно 1.246 здравствени работници.