Рецензија за „Кајмак“: Поглед во огледало

Сцена од „Кајмак“/Фото: Маја Аргакијева

Внимавај што посакуваш, може да ти се исполни. Ама не како што очекуваш.

Од тука тргнува приказната на „Кајмак“ во режија и по сценарио на Милчо Манчевски. Овој филм го доживеав како огледало на нашата реалност, а понекогаш не е пријатно да се погледнеме во огледало, да се видиме какви сме навистина и за што се` сме способни за да дојдеме до целта. Колку сме спремни да направиме незамисливи нешта…

Ниеден филм на Манчевски не можете лесно да го сместите во еден жанр, бидејќи никогаш не се задржува само на површното, туку копа длабоко. Секогаш има повеќе слоеви кои успеваат да не` заинтригираат. „Кајмак“ е црна комедија која ќе ве насмее, ама и ќе ве замисли за важни нешта.

Можеме ли ладнокрвно да ставиме цена на љубовта, на мајчинството… Колку лесно дозволуваме да влезе некој трет во брачната постела…  Кога умира љубовта, а исчезнува времето кога заедно сме се смееле… Зошто сме секојдневно толку вулгарни…   Што кога алчноста за пари ги закопува во кал сите морални принципи. На крајот, кој е патот до среќата?

„Кајмак“ е сценаристички силен и издржан филм, со вдахновена режија на Манчевски и многу посветено внимание на детали. Извонредната актерска екипа во секоја сцена покажува раскошен талент. Моќни се изведбите на Камка Тоциновски  како Ева, успешна жена без елементарна култура и чувство за другите, водена од бескрајна амбиција, модерна и софистицирана, но само однадвор, и на Филип Трајковиќ како нејзиниот сопруг Методи, чии внатрешни превирања, емоции и донесување одлуки ги чувствуваме длабоко. Неговите животни избори и вистината му тежат на душата…

Гледајќи ја Сара Климоска се прашувам има ли нешто што таа не може да одигра? Толку суптилно и уверливо ја игра Доста, чиј живот е во рацете на другите се` до моментот кога самата ќе стане свој господар.

Инсерт од филмот „Кајмак“/ Фото: Маја Аргакијева

Карамба на Александар Микиќ е мајсторски одигран лик, низ кој блеснува дарбата на Микиќ со леснотија да не` води од моменти полни со хумор до неочекувани ситуации и расплет.

Симона Спировска во потполност ја оправдува довербата на Манчевски со кого соработува првпат, оживувајќи го прецизно ликот на Данче кој доживува најголема промена во филмот, од вечно незадоволство до чувство на слобода и љубов…

Ана Стојановска како Виолетка делува слободно како летно ветре, насмеана и расположена за флерт, но никогаш не е се како што изгледа на прв поглед… Таа со голема умешност прави изборите на Виолетка да изгледаат природно и возможно во средина во која табуата споро се рушат.

Сцена од филмот „Кајмак“/Фото: Маја Аргакијева

Впечатливи епизоди остваруваат Петар Мирчевски, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов.

Данскиот директор на фотографија Улрик Боел Бенцен совршено ја доловува емоцијата и живоста на испреплетените приказни. Динамичната  монтажа на Емил Нунинга од Холандија и музиката  на „Дејниш стринг квартет“ и на Игор Василев – Новоградска ефектно го засилуваат пулсот на  филмското дејство, додавајќи топлина и чувство на блискост.

Имам само едно мое, лично правило за добар филм. Ако ми предизвика емоции и ме поттикне на размислување, тогаш филмот ме допрел и ме разбудил. Тоа е моќта на вистинската уметност, а „Кајмак“ го направи тоа на фантастичен начин.

Оваа урбана приказна, провокативна и полна со изненадувања, ни дава да размислуваме за слободата да избереме живот по свои правила, за храброста да се направи првиот чекор и да се тргне кон среќата.

Можеме ли да го издржиме погледот во огледало? И уште поважно, да се смениме на подобро?

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот