Рецензија: „Power of the Dog“ – Голема умешност со минорен ефект

Power of the Dog/Twitter
Power of the Dog/Twitter

Сценарио: Џејн Кемпион и Томас Севиџ, Режија: Џејн Кемпион, Улоги: Бенедикт Камбербач, Кирстен Данст, Џеси Племонс, Кинематографер: Ари Вегнер, Музика: Џони Гринвуд

Џејн Кемпион, по пауза од 12 години се појавува со нов, амбициозен проект со наслов „Power of the Dog“. Интересирањето на фестивалите за нејзиното ново дело беше очекувано, па така и фестивалот во Венеција и фестивалот во Сан Себастијан, филмот на Кемпион го вметнаа во своите главни, натпреварувачки програми. На венецијанскиот фестивал го доби Сребрениот лав за режија, а во Сан Себастијан наградата „Себастијан“ за најдобар филм.

Несомнено, Џејн Кемпион со својот филм „The Piano“ од 1994 година, кој се закити со бројни фестивалски признанија и Оскар, го сврте вниманието на публиката, а особено на филмските професионалци, пред се поради својот специфичен, авторски оригинален пристап кон третирањето на сликата и наративот. Таа внесе во филмот една поинаква, иновативна филмска дискреција збогатена со моќна едноставност и контрапунктно богатство од длабоки, жестоки и исконски емоции. Со „The Piano“, Кемпион се промовира како врвен филмски авторитет. Нејзините следни филмови го потврдија нејзиниот рејтинг иако тешко беше да се достигне квалитетот на „The Piano“.

Jane Campion/EPA-EFE/ETTORE FERRARI
Jane Campion/EPA-EFE/ETTORE FERRARI

Со својата жанровска недефинираност, филмот го плаќа својот данок

Почетокот на минатиот век, на ранчот на браќата Бурбанк во Монтана. Фил е необичен, спартански воспитан фармер со тежок карактер, арогантен и доминантен. Кон сопругата на својот брат (Роуз и Џорџ) и кон нејзиниот син (Петер) покажува отворен анимозитет, кој полека поминува во наклоност и некаков вид попуштање…Драмата полека минува во психолошки трилер на играње со умот водејќи кон сосема предвидлива завршница.

„Power of the Dog“ е добар филм, особено за оние гледачи кои имаат повеќе трпение, и за оние кои знаат да ја толкуваат филмската слика. И за оние кои сакаат да се „занимаваат“ со филмска контемплација. Па сепак, со жанровската недефинираност (вестерн, драма, романса?) веќе на половина, филмот го плаќа својот данок.

Power of the Dog/Twitter
Power of the Dog/Twitter

Ќе се покаже дека проблемите се во сценариото кое режисерката се обидува да го компензира со долги (навистина одлично снимени) кадри од планинските пејсажи на Нов Зеланд. Приказната како да излегува од контрола, како Кемпион да не успева да ги стабилизира своите лак и стрела и сосема малиот ветар од здивот (како оној на робинхудовата Мериeн) на сценариото не и допушта да ја погоди целта. Дијалозите лутаат некаде по оние новозеландски красотии, неможејќи да ја го најдат вистинскиот пат.

И таквата, речиси неприродна релација помеѓу ликовите, која Кемпион сепак вешто ја решава со метафоричните балансирања помеѓу тензичната и мрачна комуникација и дневната светлина, како се ближи крајот на филмот, мрачноста и светлината стануваат се побесмислен и неприфатлив контраст. Во меѓувреме пак, иритираат и нелогичните и лоши драмски пресврти. Ова особено се однесува на упадот со квир темата како и злоупотребата на животните, што дополнително додава горчлив вкус на дифузната приказна.

Ликовите во филмот се посебна приказна. Со оглед дека се работи за врвна актерска екипа, очекувањата се секогаш големи. Талентот на сите актери неспорно наместа се потврдува, па сепак, впечаток е дека тие самите недоволно се препознаваат во филмските карактери, на моменти како да играат колку да ги задоволат идеите на Кемпион. За актери како Камбербач и Данст улогите во „Power of the Dog“ се расипништво и злоупотреба.

Power of the Dog/Twitter
Power of the Dog/Twitter
Power of the Dog/Twitter
Power of the Dog/Twitter
Power of the Dog/Twitter
Power of the Dog/Twitter

Што се однесува до музиката на Џони Гринвуд, и тука се работи за некои полукомпромисни решенија. Имено, ионака неубедливите драматични секвенци во филмот, се решени со доза на иритирачки дисонанци и дисторзии, што потсетува на евтини хорор решенија. Не, музиката воопшто не е лоша. Многу добро се доживува само како аудио запис.

За крај, Кемпион ќе остане авторитет во својата режисерска професија, како вешт филмски емулатор и врвен визуелист. Штета е што во изминативе 12 години филмска (не и ТВ) апстиненција не успеала да открие или напише по атрактивно сценарио. Насловот на филмот е минималистичка загатка која сами ќе ја откривате.

Почитта кон Кемпион останува, кон „Power of the Dog“– само делумно.

Оценка 2.5.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот