Реакција на Тинекс Пролет: Сведоци сме на судиски криминал во Македонија

Фото: Tinex Prolet

Ракометниот суперлигаш, Тинекс Пролет изрази незадовлство за судењето на нивните натпревари. Пролет на последните пет натпревари во првенството претрпе четири порази, а според нив најголеми виновници се арбитрите.

Во соопштението објавено на нивниот клупски сајт тие се жалат на делењето на правдата на три од претходните пет дуели, иако на еден од нив победија (против Бутел). Во натпреварот против Еурофарм Пелистер (29:32) сметаат се најмногу оштетени, фаворитот тука го скрши отпорот во последните десетина минути.

За натпреварот против Охрид кој го загубија со (28:32) директорот Сашо Огњановски вели дека биле направени дури 18 грешки на нивна штета.

„Ова веќе станува ненормално. Од натпревар во натпревар судењето е се покатастрофално за Тинекс Пролет. Она што го правеа судиите со Бутел, а успеавме да победиме, како да беше најава за сето она што ни се случуваше на последните две средби. Едно е да постои одредена погрешна проценка, две-три судиски грешки се нешто сосема нормално на секој натпревар, но 18 на еден дуел како овој со Охрид. Дефинитивно, ние сме сведоци на судиски криминал кој ја минува секоја граница и сметаме дека мораме да реагираме бидејќи ако овој тренд продолжи, ракометниот спорт ќе почне да тоне. Свесни сме за своите квалитети и веруваме дека (особено на домашен терен) можеме да се носиме со секого. Јавно прашуваме, зошто послабиот да не може да го победи посилниот, само затоа што судиите така ќе одлучат, секогаш во корист на финансиски помоќните клубови, а на штета на ракометниот спорт“, изјави Огњановски.

Веднаш по мечот со Охрид раководството на Тинекс Пролет најави жалба, што сепак не беше испратена.

„Тоа е главниот проблем, што судиите се неказниви и како такви сите нивни грешки се ставаат под тепих. Па сведоци бевме ланската сезона на катастрофална грешка на истиот судиски пар, Металари – Николовски, на нашиот дуел со Бутел. Тогаш ние за доброто на ракометот настапивме во спортски дух, за тие судии сезонава да продолжат во ист стил, дури и полошо делејќи ја правдата на нашите натпревари. Не гледаме потреба да се жалиме кога никој не казнува судии. Нив ги делегира комисија, од која едниот член е активен судија, а другиот е активен делегат, меѓу другото и татко на еден од спорните судии за нас. Тоа е причината поради која не поднесовме жалба, кој може да ги казни и кој воопшто треба да ги казни. Не гледаме поента со регуларни жалби, па наместо тоа, решивме како клуб со видео-записи да ги објавуваме сите судиски грешки на нашите натпревари, како доказ за криминалите против Тинекс Пролет. Секоја наредна кражба ќе ја објавуваме на ист начин, преку нашата веб-страница и профилите на социјалните мрежи, за целата јавност да биде сведок на матните игри на штета на нашиот клуб. Сакам да потенцирам, во македонскиот ракомет има и исклучително квалитетни судиски парови кои професионално и достојно си ја вршат работата и вистинска штета е што нашиот спорт станува заложник на само неколку двојки кои си земаат за слобода да го кројат изгледот на табелата. За доброто на ракометот, тоа мора да престане“, порачува Огњеновски.

Од клубот за крај порачаа дека за слични ситуации во иднина ќе ја инфорираат ЕХФ бидејќи како што велат станува збор за судии со значки на европската ракометна федерација, па така треба да биде информирани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот