Разговор со психологот Марија Конеска: Родителите не смеат да остават стравот и несигурноста да тлеат во детето

Состојбата на изолација на која сме подложени сите, сѐ со цел да се намали можноста од зараза со коронавирус, децата различно ја доживуваат. Како децата полесно да се справат со новонастанатата состојба во која им е ограничено движењето, како да им се објасни колку е важно сега да останат дома, но и што е најдобро родителите да направат за своите деца доколку имаат панични напади и се плашат да не се разболат, но и да не изгубат некој близок, разговаравме со психологот Марија Конеска.

Како психолог и како родител, што мислите, како изолацијата влијае врз децата?

– Имајќи предвид дека изолацијата и карантинот за сите нас се новонастанати услови, реално и сосема логично е влијанието врз сите нас, особено врз децата, да биде различно. Децата реагираат различно и тоа во зависност од возраста. Некои се изненадени, други, пак, се задоволни, малите можат да бидат весели, други вознемирени, нервозни, но на сите деца изолацијата влијае мошне негативно, со оглед на тоа дека не треба да излегуваат надвор, да не се движат и дружат со своите другарчиња. Реалноста е дека многу од децата покажале бес во неприфаќање на изолацијата, па родителите се нашле доста затечени како да се справат со своето дете. Влијанието на изолацијата врз децата е повеќе негативно, бидејќи и самите родители не знаат како да им го објаснат овој нов начин на функционирање на своите деца, кој е тежок и за самите нив.

Што им порачувате на родителите, како тие, заедно со децата, полесно да го издржат овој период кога активностите надвор воопшто не се препорачуваат?

– Родителите секогаш треба да изнајдат начини да им го исполнат секое време на децата продуктивно и во добра полза. Како што ќе издржат родителите, така ќе издржат и нивните деца. Родителите и преку своите постапки и преку своите чувства пренесуваат на децата начин на функционирање и начин на чувствување на нештата. Родителите мора да бидат силни, доста трпеливи и смирени и секогаш тука за своите деца. Да ја погледнеме и позитивната страна на оваа состојба, при што ние како родители поминуваме многу повеќе време со нашите деца отколку што сме поминувале досега.

Како најлесно да им се објасни на децата што, всушност, се случува и зошто не смеат да излегуваат надвор од своите домови?

– Не е лесно да му објасните на своето дете дека вакво нешто толку сериозно и опасно по нашето здравје, досега немало и дека за тоа сѐ уште светот нема решение. Да му кажете дека и вие сте исплашени и во бессознание за иднината. Но, од друга страна, пак, знаете дека ако тоа буквално така му го сервирате на детето, било вие било преку вестите, тоа може да го погоди многу сериозно, и ако и вас ве види многу вознемирени секојдневно, тоа ќе се вознемири уште повеќе. Затоа, водете грижа вашите деца да не ги следат вестите што се пренесуваат за жртвите, заразените, за опасностите од оваа ситуација колку што е тоа можно. Од друга страна, мора да разговарате со децата и тоа често. Оваа состојба не се објаснува во еден збор, во еден разговор, со детето се разговара постојано, но се разговара за она што треба да се преземе, што треба родителите да направат и без тешки зборови да им се објасни на децата дека сепак има загрозувачка состојба за нашето здравје, но дека со заедничка грижа и внимание можеме да ја поминеме. Потребно им е да им се посочи дека ова ќе помине и дека тие и сите ние го можеме тоа.

Како да се постапи со децата кои се испаничени дека може да се разболат тие или некој член од нивното семејство? Како најлесно да им ги вратите позитивните мисли и насмевката?

– Децата што се испаничени од оваа ситуација и не требало воопшто да се доведат до таков момент. Многу е потешко да ја вратите насмевката кога веќе сте пропуштиле да реагирате на моментот кога таа се изгубила. Родителите мора секојдневно без престан да разговараат со децата. Не смеат да ги остават стравот и несигурноста да тлеат, бидејќи и покрај нивниот огромен труд да бидат весели, тоа може да излезе во друга форма во подоцнежните години. Стравот кај децата да не изгубат близок, може да ги доведе до сериозна паника. Мора да се обрне внимание на размислувањата на децата, од каде потекнува стравот, како ја примиле таа информација… Треба да реагираат на индикаторите што го предизвикале стравот и да влијаат да се намалат. Да разговараат, бидејќи разговорот секогаш е најдобриот начин за решавање на проблемите со децата.

Како родителот на детето истовремено да му биде и едукатор и психолог, но и родител во овој период кога образовниот процес се реализира во домашни услови?

– Родител сме сите ние, секако во секој момент, во секоја смисла. Да бидеш психолог со своето дете е исто како и да бидеш родител. Психолог те прави искуството, вниманието и ангажирањето околу своите деца. Психолог значи да го разбираш своето дете, а за да го разбираш, треба да знаеш да го слушаш и да го почитуваш, да го поддржиш и да му помогнеш, но и да го запреш ако греши, да го научиш сѐ што е потребно во однос на неговото добро однесување, да го казниш кога треба, со што ќе му укажеш на неговите грешки. Не секогаш ние ги учиме на сите работи што треба да ги знаат, треба и самите да ги оставиме да учат од своите грешки и од своето искуство. Да бидеш едукатор е исто како и да го воспитуваш своето дете. Тука нема ништо сложено, туку само треба да се посветиме на своето дете во полна смисла кога треба да се научи нешто. Ние не само сега, туку секогаш, истовремено сме и родители и психолози и едукатори на своите деца.

Дали вие психолозите во овој период на новововедени правила во домот, но и во целото општество, имате зголемен обем на работа и за што најчесто децата или родителите се консултираат со вас?

– Да, секако. Нашата работа како психолози не би можела да се нарече работа ако не сме тука за сите луѓе во ситуации кога најмногу им требаме. Јас како психолог кој е лиценциран преку Комората на психолози на Македонија, сум вклучена во иницијативата и отвореноста за сите граѓани што имаат потреба од разговори, совети, препораки во однос на оваа новонастаната ситуација со коронавирусот. Работата на еден психолог е доста сложена и бара голем психички напор за да им помогне на другите луѓе на соодветен начин. Во овој период најчести се повиците токму од родители што одат на работа бидејќи мораат, а притоа стравуваат да не го донесат вирусот дома на своите деца и своите блиски, потоа родители што не знаат како да му објаснат на своето дете што се случува надвор и како да го пребродат овој период. Родителите се доста загрижени бидејќи се во неизвесност за целата состојба. Тоа е нормално. Ние како психолози сме тука да посочиме колку што е можно повеќе совети, начини, практики, но и позитивни мисли за тоа како да се справат со оваа состојба и родителите, и децата, и сите други што се затекнати, и тоа со максимално разбирање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот