Разговор со писателката Румена Бужаровска: Патријархатот секаде е патријархат, но си има локални обележја

Главниот креативен предизвик и вокација на македонската писателка Румена Бужаровска се да пишува кратки раскази што ги објавува во своите книги, но во овој период се случува експанзија на нејзиното книжевно дело „Мојот маж“ на театарските сцени во регионот.

Претстава според расказите од книгите „Мојот маж“ и „Не одам никаде“ од македонската писателка Румена Бужаровска е поставена на сцената на Словенечкиот национален театар (СНГ Драма) во Љубљана, а од Белград деновиве стигна информација дека претстава „Мојот маж“ се подготвува и во ЈДП (Југословенско драмско позориште). Претстава според расказите од „Мојот маж“ во режија на Нела Витошевиќ и со драматизација на Викторија Рангелова-Петровска, во соработка со актерките и актерите во претставата, се случи во февруари оваа година во Драмски театар во Скопје. Со Румена Бужаровска разговаравме за можните мотиви, но и за нејзиниот поглед кон простирањето на нејзиното дело на театарските сцени во регионот.

Што за Вас како писателка значи интересот за поставување Ваши дела на сцената на големите театри во регионот?

– Се разбира дека многу ми значи и навистина сум благодарна и до извесен степен и трогната што тоа се случува, посебно со оглед на тоа што јас пишувам раскази, а не драмски текстови, и не сум замислувала дека еден ден ќе ги видам моите ликови отелотворени на сцена. Исклучително е интересно кога тоа се случува во друг општествен контекст, во друга земја, затоа што гледате како извесни проблеми и појави се универзални. Понатаму, многу сум задоволна што ме поставуваат режисерки, и што на сцените на националните театри се актуализираат женски прашања, кои традиционално се отсутни во книжевниот канон, а вака поради визуелната презентација стануваат главнотековни. Ваквиот процес го гледам како родово еманципаторски за општеството. Конечно, посебно ме радува и што на ваков начин активно и живо се афирмираат и признаваат нашите култура и јазик.

„Мојот маж“ го прави тоа што се случува и во општите рамки на книжевноста денес: ги признава и ги актуализира женските искуства (Фотографија: Жарко Чулиќ)

Дали во текот на подготовките на претставите, покрај авторките права, од Вас беше побарана дополнителна соработка со драматурзите на текстовите за претставите?

– Во процесот на работа со Ивана Ѓилас, речиси, воопшто немав комуникација во однос на тоа како планира да се изведе текстот, чијашто драматизација ја работеше Ана Душа. Сѐ уште не сум во контакт ни со Јована Томиќ, која ја работи претставата во Белград. Мислам дека кога еден автор ќе го напише и издаде текстот, тој текст веќе не припаѓа само на нејзините/неговите гледишта, туку на тие што сакаат да го интерпретираат, така што, всушност, ми е драго што не сум вмешана во процесот затоа што не сакам да го наметнувам својот светоглед. Исто беше и со Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова, која ја работеше драматизацијата во скопската изведба на „Мојот маж“. Иако ми беше понудено да учествувам во процесот, имав доверба во тоа дека Витошевиќ – а ова се однесува и на Ѓилас, и на Томиќ – ќе излезат со своја оригинална и единствена визија на текстовите.

Скопската претстава „Мојот маж“ премиерно беше изведена во февруари во Драмски театар (Фотографија: Кире Галевски)

Праизведбата на „Мојот маж“ се случи годинава на сцената на Драмски театар во Скопје, но животот на претставата беше прекинат од пандемијата на ковид-19. Можно ли е да се предвиди каква ќе биде иднината на скопската претстава, односно дали сте во комуникација со режисерката Нела Витошевиќ и со раководството на театарот околу тоа прашање?

– За жал, не сум во комуникација со раководството, а со Витошевиќ и со екипата разговараме дека имаме верба дека во еден миг претставата ќе продолжи да игра и живее штом самите театри во земјава конечно се приспособат кон условите на пандемијата. За мене е жално што во текот на толку месеци тоа не се случи, затоа што конкретно го гледам, еве, Словенечкиот национален театар како организира преноси во живо на своите претстави – вклучително и „Мојот маж“ – во отсуство на физичка можност тие да се играат. Пандемијата покажа дека можеме да бидеме креативни и да бараме инакви решенија, но кај нас, за жал, на институционално ниво тоа сѐ уште не се случува. За поздрав се вонинституционалните театарски екипи, кои и во текот на пандемијата изнаоѓаат начини да си ја работат работата.

Претставата „Мојот маж“ во режија на Ивана Ѓилас е поставена во СНГ Драма во Љубљана, а може да се гледа и онлајн

Според Вас, што беше пресудно за експанзијата на „Мојот маж“, преводот на делото на други јазици или тематиката на расказите?

– Делото немаше да биде преведено на други јазици да немаше капацитет да комуницира со публиката од други земји и општествени контексти, поради што мислам дека тематиката на расказите е клучна за таквата експанзија. Имајте предвид дека процесот на пласирање и преведување на едно дело е бавен, па така „Мојот маж“ кај нас се појави пред точно шест години, а сега најактивно го живее својот живот надвор од земјата. Се разбира, штом едно дело е преведено, сѐ повеќе луѓе од многу поголеми јазични подрачја од нашето дознаваат за него, па станува полесно да се шири, прифаќа, чита, изведува, критикува, итн. На крај, во книжевноста недостасуваат женски гласови и женски аспекти – само погледнете го стандардниот книжевен канон, лектирите, авторите застапени во читанките и учебниците – додека од друга страна, читачката публика е сѐ повеќе женска. Па така, „Мојот маж“ го прави тоа што се случува и во општите рамки на книжевноста денес: ги признава и актуализира женските искуства, што секако од моја страна е намерно. Растена сум со неможноста да се идентификувам ниту со ликови (женските ликови главно биле штури, дводимензионални или едноставно неприсутни), ниту пак со поширока плејада авторки, па свесна сум за оваа потреба.

Женски ликови погледнати од женски аспект, би можело најкратко да се посочи кон содржината на расказите. Со оглед на интересот, може ли да значи дека ситуацијата на жената во општеството е слична во целиот регион?

– Патријархатот секаде е патријархат, но си има локални обележја, кои се претставени во „Мојот маж“, а и во другите мои збирки. Локалната обоеност на едно дело го издвојува од другите, додека темите во книжевноста секогаш се универзални. Мислам дека истото се однесува на „Мојот маж“. Во некои средини, еве на пример во словенечката, извесни медиуми или поединци се обидуваа да прикажат дека, всушност, претставата е за македонскиот патријархат, и дека темите во расказите не се однесуваат на словенечкото општество, кои тие го гледаат како попрогресивно во однос на родовите прашања. Но, ете, начинот на кој реагира публиката, како и визијата на режисерката и нејзината (женска) екипа го покажа токму спротивното: сите појави опишани во расказите се препознатливи и присутни и во тоа општество.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 61, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 19-20 декември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот