Разговор со писателката Елизабета Баковска: Емоцијата е она што на светот му дава значење и смисла

Внимателно избрани и структурирани кратки раскази со впечатлив личен багаж од животот на авторката содржи книгата „Во главата слушам песна“ на Елизабета Баковска, што деновиве ја објави издавачката куќа „Или-или“.

Збирката раскази „Во главата слушам песни“ со поднаслов „Лирски рефрени“ на Елизабета Баковска почнува со „Траги од детството“ и суптилно води кон „Траги од иднината“, а помеѓу се случуваат „Новото фустанче“, „Траги од младоста“, „Сеќавања“, „Љубов во бегство“, „Татко“, „Кујната на мајка ми“, „Распукана реалност“ и уште 40-ина други кратки раскази.

Рецензентката Калина Малеска ќе ги нарече и микрораскази (или микрофикција) – внимателно структурирани, уметнички ефективни и емотивно топли, кои издвојуваат значајни лични моменти од животот на авторката и откриваат аспекти и односи што обично се затскриени или чии импликации не се видливи сè додека самите раскази не ги откријат нивните потенцијални значења.

Новата книга „Во главата слушам песна“ содржи 49 кратки раскази, микрораскази. Колку зборови се доволни за да се изрази чувство или емоција?

– Со самото тоа овде што сум го одбрала краткиот расказ (или кратката, лирска проза) како книжевна форма, најверојатно сум мислела дека нема потреба од многу зборови. За некои од расказите овде дури и ми рекоа дека се повеќе поезија од проза. Меѓутоа, кај мене, во овој момент на мојот творечки живот, изборот на начинот на кој ќе ги кажам нештата што ми лежат на душата (еве, да употребам и едно такво клише) беше поврзан и со интензитетот на емоцијата што ја чувствував. Колку погуста и поинтензивна емоција (а овој период беше таков – густ, тежок и емотивно интензивен), толку пократок и позбиен текст што ќе ја пренесе, сега и веднаш, во моментот кога се појавила.

Секој расказ е проследен со наслов на песна. Како се раѓаше збирката, во кој период и дали прво се појави песната или зборот?

– Расказите се пишувани полека и постепено, еден по еден, во периодот од декември 2018, па некаде до февруари 2020 година. Ги објавував на мојот профил на Фејсбук онака како што ги пишував, на секои неколку денови, без некој посебен распоред. Потоа ги собрав во една збирка и се обидов да ги подредам по некоја, да ја наречам автобиографска хронологија – прво оние што зборуваат за детството, па младоста, сè до овој период на мојот, така да го наречам, возрасен живот.

Песните под расказите се мои слободни асоцијации на она што го пишував, музика што навистина ми се вртеше во главата истовремено со зборовите што ги запишував – песни што сум ги слушала, песни што сум ги сакала, песни што ги слушале и што ги сакале оние за коишто пишував. Кога ги запишував, често ја гледав кујната на баба ми и дедо ми, со старото црно радио на една висока полица таму и со сите музички емисии што се слушаа додека таму се готвеше, се разговараше, се раскажуваше, се живееше. Оттаму и поднасловот на збирката – „лирски рефрени“, како наслов на некоја дамнешна музичка емисија.

Станува збор за многу лични доживувања – покрај реалноста, дали во расказите е вметната фикција?

– Овде секако има многу автобиографски елементи, како што споменав погоре. Повеќето раскази се лични: дел се мои сеќавања, дел се приказни од животите на моите родители, онака како што ми ги раскажувале, или онака како што јас сум ги запаметила. Со самото тоа што сите мои блиски (а и јас со нив) овде се книжевни субјекти во лирска проза, неминовно е дека во сите овие сеќавања и приказни има и фикција.

Сметам дека лириката сама по себе, со својата насоченост кон емоцијата и со својата натопеност во неа, е субјективно доживување на светот и од неа не може и не треба да се бара и да се очекува дистанцирано, објективно прибележување на стварноста, некакво документирање на факти. Но, ова не значи дека емоцијата е затоа помалку важна или помалку релевантна за нашето разбирање на светот. Напротив. Таа е она што на светот му дава значење и смисла.

Според Вас, колку себеспознавањето ги отвора портите кон спознавањето на Другиот?

– Мислам дека одредени тегобни, мачни животни искуства се истовремено и чистилиште на човечката душа, а со тоа и пат кон неминовно себеспознавање. Ја сфаќаме и сопствената кревкост и сопствената сила, сфаќаме што нè запира, а што нè придвижува понатаму. Нема подлабок и посуштински начин да се разбере Другиот освен преку емпиријата: загубата ја разбираме кога ќе загубиме, болката кога ќе нè здоболи, животот кога ќе го создадеме, смртта кога ќе ја посведочиме. Нашата потреба, па дури и обврска, како писатели, е да се обидеме преку писмото да го пренесеме сето она што на ваков, подлабок начин сме го спознале.

Родовата димензија е една од карактеристиките на Вашето досегашно творештво. Како авторка, но и како книжевна критичарка, каков е Вашиот став во однос на поделбите на „машко“ или „женско“ писмо?

– Женското писмо е тема за која повеќепати досега сум пишувала и сум зборувала. Честопати тоа се поистоветува со родот на авторот, па се смета дека женско писмо е едноставно книжевност напишана од жена, или она што англосаксонската феминистичка книжевна теорија го нарекува women’s writing. Франкофонската теорија, пак, најмногу зборува за женско писмо од аспект на одредени карактеристики на самиот текст што се разгледува, т.е. за écriture feminine. Не гледам ништо проблематично во тоа книжевноста да се анализира од аспект на женско писмо, во кое било од овие две значења, зашто феминистичките теориски предлошки се возбудлив начин да се зборува за книжевноста. Тие овозможуваат нови, свежи читања, нови разбирања на книжевните дела.

Меѓутоа, интересен е тој жилав отпор кон примената на ваквите теории и постојаното проблематизирање и на самото постоење на женското писмо. За мене, дилеми нема – женското писмо постои, зашто тоа извира од специфичното женско искуство, од женскиот светоглед. Но, тоа не значи дека е секогаш поврзано со родот на авторот, ниту, пак, дека е во некој антагонистички однос со машкото писмо.

Портретна фотографија: Сашо Димоски

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 42, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 4 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот