Разговор со Миодраг Мајиќ: Не постојат апсолутно исправни и непоправливо злобни луѓе

Издавачката куќа „Антолог“ во својата уредувачка политика ја вклучи објавата на македонски јазик на книгите од српски автор Миодраг Мајиќ, кој е едновремено и судија и писател на крими-романи.

Српскиот писател Миодраг Мајиќ (1969) работи како судија во Апелацискиот суд во Белград. Докторирал кривично право, а специјализирал меѓународно кривично право. Поврзано со неговата работа досега објавил голем број правни текстови и учествувал во изработката на значајни закони од кривичното право во Србија. Со години неговиот блог е една од најпосетуваните и најкоментирани интернет-локации, каде што отворено зборува за корупцијата, непотизмот и политичките притисоци во правосудството.

По објавата на повеќе стручни книги кај него се појавила желбата да пишува белетристика. Така се појавуваат крими-романите „Деца на злото“, кој на македонски јазик веќе е објавен со второто издание, и „Островот на пеликаните“, кој деновиве ќе излезе во издание на „Антолог“.

Како се случи по изработката на закони и пишувањето написи за казнената политика во Србија да почнете да објавувате книги со крими-содржина?

– Отсекогаш сум ја сакал убавата книжевност, но за премногу смела ја сметав идејата и самиот нешто да напишам. Верував дека со пишување може да се занимаваат исклучиво професионалните писатели. Меѓутоа, откако прочитав многу различни литератури, меѓу кои и еден куп трилери и крими-романи, помислив дека би можел да се впуштам во слична авантура. Дополнителен поттик ми даваа искуствата на колегите, како Џон Гришам или Скот Тароу, кои успеваа искуството од судницата да го преточат во четиво што ќе биде интересно и за читателите што не се правници. Покрај тоа, од искуство знаев дека имаме барем еднакво интересни случаи како Американците, Швеѓаните или Норвежаните, но и дека приказните што се одвиваат во нашите судници неретко се и единствени. Длабоко зедов воздух и почнав да составувам приказна. Така почна сè.

Крими-романот „Деца на злото“ е првата книга од Мајиќ објавена на македонски јазик и веќе има две изданија

Дали приказните што ги слушате во судските сали би можеле да бидат основа за книжевно дело?

– Да, некои од нив. Сепак, погрешна е претпоставката дека сите приказни од судницата се интересни. Напротив! Поголемиот број се сувопарни и исцрпувачки. Меѓутоа, кога навистина ќе се појави вистинска животна драма, тогаш таа е подобра и поинтересна од што било што човек сам може да смисли. Животот е поимагинативен и од најимагинативните писатели. Па, сепак, долг е патот од тој почетен нуклеус до готовата приказна што ќе им биде интересна на читателите. Потребно е да се исфантазираат доста работи и еден продукт по игра на случајноста да се претвори во нешто што може да има универзално, безвременско значење. А тоа е исклучително комплексно, а повремено и невозможно. Затоа, колку пати и да е повторено, пишувањето секогаш е тешко.

Имате огромно искуство во областа на кривичното право. Колку на балканските простори се случуваат неверојатни приказни?

– Многу. Балканот е специфично поднебје. Шареноликоста на обичаи, вери и културни обрасци, но и комплексната историја, веќе сами по себе чинат и животите на обичните луѓе често да претставуваат добра подлога за фантастични приказни. Покрај тоа, луѓето што живеат овде се страсни. А во коренот на трилерот се страста, неизвесноста, невообичаеноста… Кога на сето тоа ќе ги додадете и неизоставните елементи на балканска мистика, имате сјајна, а недоволно искористена мизансцена за добра, возбудлива приказна. Таа, значи, веќе е тука, „во каменот“, само што, како што рекол Микеланџело, треба од неа да се оддели непотребниот материјал.

Со каков мотив ги пишувате книжевните дела?

– По пишувањето голем број стручни книги, есеи и блогови, почувствував потреба да се изразам и на овој начин. Сакав одредени општествени проблеми, првенствено оние што се однесуваат на корупцијата во политиката и во правосудството, да им ги претставам на читателите во пивка, интересна форма. Знаете, кога денес би им рекол на читателите – сакам да ви раскажам приказна за едно страшно воено злосторство што е „заташкано“ од државата, или за расистичкиот однос што овдешното општество повремено го има кон Ромите, многумина би се свртеле и би си отишле. Веројатно и би ме обвиниле, како што неретко прават, дека работам на штета на државата. Тоа се тешки и непопуларни теми и луѓето не сакаат да знаат за нив. Меѓутоа, преку трилерот или некоја интересна драма, вовлечени се во приказната и дури на крајот сфаќаат дека, низ возбудата и пресвртите, слушнале многу работи што на друг начин би ги бркале од себе, што по автоматизам би ги прогласиле за еретички. Испадна дека таквиот рецепт е добар и дека луѓето се многу поподготвени да се соочат и со горчливите вистини откако ќе ги прифатат јунаците на овие приказни и ќе пронајдат сличности со нив.

Каков е Вашиот став за вечната борба помеѓу злото и доброто?

– Станува збор за борба што, како што и сами велите, е вечна. Отсекогаш постоела и ќе постои засекогаш. Се наоѓа во коренот на сите наши стремежи, успеси и падови. Јас сум од оние што професионалната кариера ги научила дека, поради всаденоста на оваа праборба во нашите битија, не постојат апсолутно исправни и непоправливо злобни луѓе. И кај испосниците и духовниците тлее потенцијал за лоши постапки, исто како што и кај закоравените злосторници постои макар и мала одаја во која е скриен стремежот кон доброто. Верувам дека поради тоа најдобри приказни се оние што ги испитуваат овие потенцијали кај различни луѓе. Ме инспирираат да истражувам што се случува кога добриот човек е принуден да постапува лошо и кога лошиот човек во одредени случаи го покажува своето човечко, ранливо лице. Токму онака како што и се случува во реалниот живот.

Крими-романот „Островот на пеликаните“ наскоро ќе излезе од печат

Во Македонија досега е издадена Вашата книга „Деца на злото“, а наскоро ќе излезе и „Островот на пеликаните“. Каква е Вашата соработка со издавачот „Антолог“ и очекувате ли ист прием на книгите како и во Србија?

– Исклучително ме радува тоа што гледам дека и македонската публика добро реагира на моите романи. Верував дека, поради нивната универзалност, овие приказни се такви што можат да им се допаднат на читателите на различни простори, но ваквиот топол прием позитивно ме изненади. Сигурен сум дека одличната соработка со „Антолог“ многу придонесе за тоа. Се уверив дека станува збор за издавач што внимателно се однесува кон желбите на авторот и се труди, колку што е можно, да излезе во пресрет на неговите барања. Мислам дека тоа е за пофалба, особено денес, кога повеќето издавачи се свртени кон максимизација на профитот. Сепак, директните споредби со ситуацијата во Србија би биле неадекватни. Станува збор за далеку поголем пазар, но и за средина во која сум попрепознатлив и како судија и како писател. Па, сепак, второто издание на македонскиот превод на „Деца на злото“ зборува за тоа дека оваа, а се надевам и книгата „Островот на пеликаните“, која набргу излегува, уште долго ќе живее меѓу македонската публика. Затоа искрено се радувам за скорешната средба со моите тамошни читатели.

Насловна фотографија: Далибор Тонковиќ

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 86, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 26-27 јуни 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот