Разговор со Михајло Димитриевски (Тхе Мичо): Секогаш ќе има луѓе што сакаат да читаат стрипови

Објавена со колор-цртежи и со тврд повез, неодамна се појави првата книга „Карантински хроники“ на легендарниот битолски стрип-цртач и илустратор Михајло Димитриевски – Тхе Мичо.

Битолчанецот Михајло Димитриевски, попознат како Тхе Мичо, е легенда на стрип-цртањето и илустрацијата не само кај нас, туку и во глобалната индустрија на видеоигри и стрипови. На домашен терен е познат како автор на карактерите на Петко и на Еднооки, додека на светски план стигна до цртање карактери за популарниот серијал „Игра на троновите“. Во последно време неговото име се појавува на шпиците на анимираниот серијал „Светот на Биби“, каде што е арт-директор, ги дизајнира карактерите и позадините и се грижи за целокупниот визуелен изглед на проектот.

Покрај сите професионални цртачки обврски во периодот на карантин во изминатите неколку месеци секојдневно на Фејсбук објавуваше по еден цртеж поврзан со ковид-кризата. Така се појави неговата прва книга „Карантински хроники“, во која објави 82 колор-цртежи.

Излезе твојата книга со цртежи „Карантински хроники“. Дали тоа значи дека тебе ти беше интересно за време на карантинот, односно имаше што да работиш?

– Излезе книгата, но јас секако имав што да работам, бидејќи за среќа сум во струка што баш се погоди за карантинов, односно цртање стрипови и игри, а тие вообичаено се барани во вакви ситуации, кога си дома и имаш многу слободно време. Така што немав апсолутно никаква промена во тајмингот во работата. Моето размислување околу целата работа е – добро е што мене ми е убаво, но реално треба на сите да ни е убаво за да функционираме како што треба.

Идејата за цртежите дојде од седење дома со семејството, а децата ми даваа идеи со настани од денот, со тоа што планиравме тоа да трае две недели. За жал, испадна дека ништо од предвидувањата не испадна точно и како што гледам ситуацијата трае и по официјалните карантински денови.

Најинтересниот дел во целата ситуација беше што голем дел од луѓето што секој ден ги гледаа цртежите ги прифатија многу убаво. Мојата најискрена желба е да сме малку попаметни и да се придржуваме до мерките за заштита, затоа што сериозно, ама сериозно, не ми се црта втор дел од карантинските хроники.

Во некои твои коментари на Фејсбук со иронија се сомневаш дека книгата ќе биде продадена во голем број примероци. Сметаш дека нема многу луѓе во државата што останаа верни на стрип-културата?

– Верувам дека луѓето кај нас читаат книги, ама не колку што би требало – и не ако се поскапи од 300 денари (би сакал да не сум и се надевам дека не сум во право). И не ги обвинувам, бидејќи сме сиромашни, а помеѓу леб и книга – книгата не се јаде. Стварно би сакал сите да уживаат во книги, стрипови, игри, ама тоа е скап спорт за нас. А со иронијата се правев „кул“ со надеж дека книгата убаво ќе се продава и – за чудо, навистина се продава и сум преблагодарен за тоа. Не за некаков финансиски успех или слично, туку чест ми прават луѓето што ја купуваат.

Се надевам наредната книга нема да биде со болести, туку со монстери и епски битки, и во колор. И поскапа ќе биде. Околу луѓето и стрип-културата, секогаш ќе има луѓе што сакаат да читаат стрипови. Може нема да има стрипови на секој чекор, ама затоа секој добиен или купен стрип ќе има поголема вредност.

Книгата е објавена под етикетата на „Светот на Биби“. Како се случи твојата соработка со овој млад, а многу перспективен бренд?

– Книгата е објавена под етикета на „Светот на Биби“ затоа што сум дел од светот на Биби и затоа што ниту знам како се објавува книга, ниту, пак, имам интерес да научам (уште се мачам). Соработниците од „Светот на Биби“ се понудија да ја објават книгата, при што мене максимално ми олеснија, затоа што стварно не се разбирам од организирање на што и да е. Оваа пригода ја користам јавно да им се заблагодарам за сѐ – посебно за тоа што „ги гњавам“ секој ден за најмали работи, а сѐ со цел мојата прва книга (после милијарди илустрирани книги, стрипови, анимации, сториборди итн.) да дојде во рацете на читателот или гледачот, бидејќи само слики има во книгата.

Инаку, соработката со „Светот на Биби“ се случи случајно (како што и постојано се случува) уште пред да постои „Светот на Биби“. Дечките имаа идеја за веб-страница (deca.mk). Направивме едно карактерче, кое сите го бендисаа, па си рековме ајде ќе направиме книга – книгата ја бендисаа уште повеќе луѓе и така од едно до друго стигнавме до „Светот на Биби“, како проект со книги, сликовници, цртани филмови, играчки и други проекти што допрва ќе излегуваат.

Бизнисот во индустријата за забава е добро платен ако си добар во тоа што го работиш, ако ги почитуваш правилата и ако си коректен како човек

Кога и да сум те сретнал во Битола, секогаш си брзал со некои папки во рацете. На кои други проекти работиш и може ли да се живее со цртање стрипови, карактери за видеоигри и со правење анимации?

– Веројатно најчесто се среќававме во петок или сабота, бидејќи тогаш обично купував „Политикин забавник“ или „Стрипотека“ (повеќе не излегува), па така се погодило. Инаку, бидејќи работам дигитално, не верувам дека би носел нешто со мене во овој период. Поголема е веројатноста да носам ќеса од супермаркет.

Моментално, освен како арт-директор во „Светот на Биби“ и на првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, најголемиот дел од времето го посветувам на изработка на илустрации на друштвени игри (boardgames). Имам среќа што имам големо портфолио (затоа што цртам многу секој ден), како и среќа да се најдам во вистинскиот момент на вистинско место тоа портфолио да го покажам.

Бизнисот во индустријата за забава е добро платен ако си добар во тоа што го работиш, ако ги почитуваш правилата и ако си коректен како човек. Кога ќе влезеш во тие кругови на продуценти на игри, на фанови на игри и кога комуницираш двонасочно со сите – резултати ќе има. И секако дека може да се живее и заработува, со тоа што не смееш да заборавиш дека тоа е работа. Има работно време, има дедлајн, има квалитет што мора да се запази и така натаму. Сѐ друго ќе го покаже пазарот. Имам среќа да работам со супер луѓе и презадоволен сум од досегашната соработка со сите.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 40, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 18-19 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот