Разговор со Марјан Секуловски: Брегалница промовираше играчи за кои до пред 4-5 месеци малку се знаеше!

брегалница штип
Тренерот на ФК Брегалница Штип, Марјан Секуловски генерално задоволен од настапите во есенската полусезона/Фото: fkbregalnica.mk

– Само со континуирана, квалитетна и тимска работа можно е остварување на зацртаните цели. Простор за напредок секогаш има и максимално ќе се потрудиме тоа да го направиме во пролетната полусезона – вели тренерот на Брегалница, Секуловски.

За фудбалскиот клуб Брегалница од Штип заврши есенскиот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига (1МФЛ). Играчите предводени од тренерот Марјан Секуловски остварија осум победи, по пет нерешени и загубени средби, освоени 29 бодови и гол разлика 27:25 за моментно четврто место на табелата.

На последниот лигашки меч штипските „сини“ триумфираа над Тиквеш во Кавадарци со резултат 1:3 во „дербито на истокот“. Стрелци на головите за победничката екипа беа Манев во 56, Ѓокиќ во 71 и Алтипармаковски во 90 минута, на спротивната страна погодокот беше дело на Каракамишев во 16 минута.

По завршувањето на средбата по повод успешниот крај на есенската полусезона 2021/2022 и под водство на новиот сопственик на клубот, Кирил Гогов, фудбалерите направија победничко фото.

Играчоте на Брегалница Штип со победничко фото по успешниот натпревар во Кавадарци против Тиквеш/Фото: facebook.com/fkbregalnicaofficial

Триумфиравте против Тиквеш во Кавадарци, по што следуваше победничкото фото на играчите по натпреварот, кажете ни како го видовте овој меч, ова дерби на истокот?

– Честитки за фудбалерите за победата. Заслужено победивме. Во секој сегмент од фудбалската игра го надигравме домаќинот. Одигравме квалитетно, напаѓачки, агресивно, одговорно и тактички дисциплинирано во сите фази од играта. Одигравме модерен европски фудбал со многу агресивност, висок пресинг и брза пас игра што во Македонија го играат само 2-3 екипи. Мило ми е што тоа го видоа и гледачите на „МТВ“ и „Арена Спорт“. Доколку бевме поконцентрирани во финализацијата на нападите и ги искористевме барем 50% од шансите, победата ќе беше уште повисока. Најважно е дека победивме на жежок терен на кој тешко се победува и дека заслужено освоивме нови 3 бода.

Заврши полусезоната во шампионатот, борбата не е завршена, ќе следуваат анализи, како вие сте задоволни од перформансите на играчите во натпреварите и има ли простор за напредок?

– Следува период на детална анализа и после таа анализа ќе имаме вистинска слика на есенската полусезона. Генерално мора и треба да бидеме задоволни. Освоивме 29 бодови, многу повеќе од некои веќе со години етаблирани и искусни прволигашки екипи. Ние сме нов прволигаш, ФК Брегалница после 4 сезони се врати во Прва Лига. 70% од играчите за првпат играат во Прва Лига или за првпат континуирано играат во Прва Лига.

Брегалница Штип моментно во Топ 4 најдобри фудбалски клубови во македонскиот шампионат/Фото: fkbregalnica.mk

Со исклучок на 3-4 поискусни играчи, другите наши играчи се на возраст од 20 до 24 години. Промовиравме на македонската прволигашка фудбалска карта 5-6 млади играчи за кои до пред 4-5 месеци многу малку се знаеше. Имаме 2 стандардни првотимци во Македонија У-21, голманот Давид Денковски и централниот дефанзивец Јован Манев. За сите овие фудбалери оваа полусезона беше еден вид на адаптација во транзицијата од Втора во Прва лига. Мислам дека таа транзиција и адаптација успешно ја изведовме. Простор за напредок секогаш има и максимално ќе се потрудиме тоа да го направиме во пролетната полусезона.

Штип и навивачите, (или популарната „Фаланга“) го сакаат фудбалот, ви ја даваат поддршката кажете ни како од ваша перспектива какво е тоа чувство, за самата атмосфера на трибините и во градот?

– За дечките од „Фаланга“ имам само пофални зборови и им симнувам капа до под. Секогаш се наша најголема поддршка и се ветар во грбот на фудбалерите кога е најтешко и реално тие се вистинските навивачи на ФК Брегалница. Во текот на сите 90 минути им даваат само поддршка на фудбалерите и се наш 12 играч.

Навивачката група „Фаланга“ секогаш ја дава поддршката за штипските „сини“/Фото: facebook.com/FalangaStip1989

Македонската А репрезентација за првпат ќе игра во бараж за Светско првенство, противник е селекцијата на Италија, актуелен европски шампион, еден ваш коментар на овој голем успех..

– Италија е фудбалска велесила. Но, Македонија покажа дека знае и може да направи резултат. Имаме група на фудбалери во најдобрите фудбалски години кои играат во силни лиги и клубови. Имаме право да веруваме и да се надеваме на добар резултат.

Кои се вашите желби за во 2022 година и целите со вашиот клуб оваа натпреварувачка сезона?

– Во овие луди и несигурни времиња, прва и основна желба за 2022 е само здравје. За сè друго ќе треба максимално да се потрудиме и ангажираме на сите нивоа за да ги оствариме целите. Само со континуирана, квалитетна и тимска работа можно е остварување на зацртаните цели.

За играчите на Брегалница Штип сега претстои одмор пред стартот на зимските подготовки кои ќе се активираат низ првите денови од новата година, соопштија од клубот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот