Разговор со ликовната уметница Надја Петровиќ: Човекот како главен елемент во делата

Надја Петровиќ пред свое дело

Самостојната изложба „Кршливоста на светулките“ на Надја Петровиќ до 30 март ќе биде поставена во Музејот на град Скопје и претставува убава можност да се запознаете со еден нов и свеж сликарски универзум.

Восхитот од грандиозните дела на старите италијански мајстори силно се чувствува во сликарството на ликовната уметница Надја Петровиќ. Родена во Битола, уште од мала го изразува својот талент на изложбите на „Мал битолски Монмартр“. За време на гимназиското образование заминува на неколку студиски престои во Централниот колеџ „Сент Мартин“ за уметност и дизајн во Лондон. Дипломира во 2013 година на одделот за сликање и цртеж на Академијата за убави уметности во Фиренца, каде што и магистрира во 2017 година, на одделот за визуелни уметности и нови форми на уметничко изразување.

По неколку изложби во светски центри на уметноста, овие денови поставена е нејзината втора изложба во Скопје.

Твоја самостојна изложба од 15 до 30 март е поставена во Музејот на град Скопје. Имајќи предвид дека твојата претходна изложба била пред речиси четири години, во 2019 година, на што се должи паузата на изложување и дали, можеби, тоа е времето потребно за да се подготви и претстави твојот нов циклус?

– Не би рекла дека е пауза, паралелно се работеа неколку проекти. Секако, за време на пандемијата беа забавени некои работи секаде низ светот, а и неможноста да се патува за да се направи целосна организација, каква што е потребна, имаше некое влијание. Самата идеја за целиот нов циклус, самото истражување околу светулките, како и подготовките за правењето на делата од новиот циклус, кои се со големи формати, но и како стил и техника бараа многу дополнителна работа, бидејќи вклучуваат модели што позираа за време на изработката на некои од делата. Исто така, спојувањето на циклусот во мултимедијален проект заедно со браќата Тавитјан и со светски познати гости, од кои повеќето се добитници на „Греми“, одзема многу време и енергија.

Изложбата „Кршливоста на светулките“ е поставена во Музејот на град Скопје

Со наслов „Кршливоста на светулките“ изложените дела се припишуваат на твојот втор сликарски циклус. Со каков концепт го почна циклусот?

– Концептот на „Кршливоста на светулките“, или како што ко-кураторот Гордана Велков го нарече „Парадигма на човековите состојби“, е концепт кој прави паралела помеѓу човекот и светулките. Кршливоста на светулките во човековата природа, но и во општеството, е изразена преку насликаните бели ленти, кои го трасираат и го осветлуваат меѓупросторот кај повеќето од делата, а се јавува и во форма на лед-светло кај едно од делата, како гранична линија на биолошката и социјална состојба на човекот, кој блеснува и се гаси во однос на неговото дејствување и опкружување, исто како и трепкањето на светулките во ноќта во чисти и мирни средини.

Како е создадена приказната за насловот на изложбата?

– „Кршливоста на светулките“ е концепт што почнавме да го истражуваме уште во 2018 година, во кој беа вклучени лица од областа на ентомологијата, како и новинари од Италија и Македонија, кои собираа материјали и докази што ми беа потребни за светулките и нивното исчезнување на глобално ниво. Како инсекти се премногу нежни и им се потребни посебни услови за да можат да опстанат, и така се роди насловот „Кршливоста на светулките“.

Симболиката е во перцепцијата на животот низ призма на добро и лошо, успех и неуспех, како и што тоа навистина претставува успехот во животот, што е тоа што е од клучна важност за човекот да биде среќен. Секој има свои пет минути на „светење“, како и светулките кои живеат кратко и згаснуваат. Така и човекот трага по добрината во човештвото и по духовни вредности, кои се многу ретки и кога ќе ги најдеме кај некого посакуваме да траат засекогаш и никогаш да не згаснат од било какви околности и причини, но кршливоста е насекаде, во секоја сфера на живеењето, како суштински така и духовно.

За да се работи дело на голем формат е потребен посебен тренинг во сликарството

Во твоите дела е втисната реалност во документаристички манир, а истовремено зрачи надреалност во концептуална смисла. Кои беа тематските инспирации и зошто се одлучи за големи формати на сликите?

– Големата форма на сликите ја работам уште од студентските денови во Италија, а за да се работи дело на голем формат е потребен посебен тренинг во сликарството. Секако, бев фасцинирана од делата на старите италијански мајстори и нивната грандиозност, големи димензии и совршено сликарско изразување, и пропорционално и композициски. А што се однесува до тематското изразување кај моите дела, се појавува човекот како главен елемент во делата. Човекот и неговите состојби како резултат на неговото дејствување го провлекувам во повеќе мои циклуси.

Пораката на твоите слики е дополнета со музиката на браќата Тавитјан. Која е поврзувачката нитка на музичката и ликовната уметност на изложбата?

– Музиката на браќата Тавитјан е џез/фјужн и е премногу слична со стилот и изразот на моите дела. Оние кои добро ги разбираат правците во музиката и во визуелната уметност можат многу лесно да ја најдат паралелата.

Твоите дела многу повеќе биле изложувани во странство – Њујорк, Далавер, Сан Диего (САД), Виена (Австрија), Лондон (Обединето Кралство), Венеција (Италија), а во Скопје имаш само две самостојни изложби. Зошто е тоа така?

– За да се изложува во странство, особено во центри како Њујорк, Далавер, Сан Диего, Лондон и слично, не е лесен патот кој треба да се изоди. Секако дека да се изложува во центри каде претходно сум сонувала да изложувам за мене претставуваше еден голем предизвик и ми беше чест да бидам застапена на места каде што се застапени најголемите автори од ликовната уметност.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 172, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.3.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот