Разговор со Елизабета Баковска и Сашо Димоски за фотокнигата „Во главата пишувам расказ“

Книгата „Во главата пишувам расказ“ на писателката Елизабета Баковска и фотографот Сашо Димоски е создадена како специфично партнерство на двајца автори што работат во различен медиум.

Заедничкиот интимен, личен и емотивен живот на писателката Елизабета Баковска и фотографот Сашо Димоски фантастично е отелотворен на страниците на книгата „Во главата пишувам расказ“. Креативниот спој на 64 лирски прозни минијатури со 115 фотографии, чија нарација буди слободни асоцијации, е резултат на целото нивно образование, знаење и искуство.

Претходната Ваша книга беше со наслов „Во главата слушам песна“, каде што своите искуства и емоции ги изразивте со кратки раскази. На самиот крај на 2021 година ја објавивте новата книга „Во главата пишувам расказ“. Кратката форма на расказите останала, но тука разлика внесуваат фотографиите на Сашо Димоски. Во чија глава се случи спојот на Вашите текстови и неговите фотографии?

– Расказите, или кратките прозни текстови собрани во претходната книга („Во главата слушам песна“, Или-или, 2020 година) хронолошки се, всушност, пишувани подоцна од текстовите во оваа книга. Меѓутоа, се случи „Во главата пишувам расказ“ да излезе од печат дури сега, три години откако беа напишани текстовите што се наоѓаат во неа. Причината за ова „задоцнето“ објавување беше токму времето што ни требаше да го направиме спојот на текстовите со фотографиите и тие, така да кажам, да сраснат едни со други. Овој спој, пред сè, е дело на Сашо, кој одблиску го следеше создавањето на расказите, ги читаше, но и го споделуваше целото животно искуство среде кое тие се раѓаа.

Книгата „Во главата пишувам расказ“ е своевиден хибрид, фотокнига, спој на текстови и фотографии, уметнички објект на двајца автори

Би сакале да нагласиме дека оваа книга не е класична книга на раскази со илустрации. Таа е своевиден хибрид, фотокнига, спој на текстови и фотографии, уметнички објект на двајца автори. Фотографиите и текстовите во неа комуницираат едни со други, се надополнуваат, некаде се приближуваат, некаде се разделуваат, некаде водат дијалог, а некаде стојат едни до други, заедно раскажувајќи ги своите паралелни приказни – онаа на зборот и онаа на сликата. Некако слично на она како и ние двајцата функционираме заедно.

Луксузно опремена, одлично отпечатена, книгата има формат на монографско дело. Зошто се одлучивте да ја објавите како самиздат?

– Прво, во однос на форматот – сакавме да направиме книга што ќе биде квалитетен визуелен и тактилен производ, нешто што се купува, што се подарува, што се чува и откако ќе се прочита, книга на која оној што ја има повторно би ѝ се навраќал. Таа е, впрочем, како што рековме, фотокнига, па затоа и самата налага поинаков формат од книга во која има само текст.

Од друга страна, оваа книга е резултат на нашиот интимен, личен, емотивен влог, но и на сета наша досегашна работа. Зад секој збор и зад секоја фотографија во неа стојат нашето образование, знаење и искуство. Таа е авторско дело и културен производ, а кај нас општата свест за значењето на овие две работи е многу ниска. Едноставно, нашето општество не ја разбира културата како сила што може да го придвижи напред, а уште помалку ја чувствува културата како насушна потреба за духовен развој и ослободување на мислата на секој поединец во тоа општество. Просто кажано, кај нас културата најчесто се сведува на лоша естрада. Сметаме дека критериумите за вреднување на уметничките дела и на културните производи се деградирани и не сакавме нашиот труд да биде проценуван за некаква финансиска поддршка врз основа на такви, во суштина паушални и површни матрици.

Книгава ја издадовме сами водени од истата мотивација поради која со години вложуваме во себе. Ние живееме, се надоградуваме и се облагородуваме со културата и постојано учиме за неа и од неа. Сметаме дека е исклучително важно за интелектуалниот развој на еден човек, за неговата душевна исполнетост, за неговото посвесно живеење, да искуси еден добар културен производ – книга, музичко дело, слика, фотографија, филм… Затоа, веруваме и дека е важно тој културен производ да допре до јавноста, секогаш кога тоа е можно, без печати на комисии што го одобриле и без калкулативност во однос на некоја потенцијална заработка од него.

Фотографија од семејната архива на Елизабета Баковска

Вашите раскази се објавувани на Фејсбук во текот на 2018 година, но колку време се „создавани“?

– Расказите се пишувани во период од педесетина дена, кој ги опфаќаше последните десетина дена од животот на мајка ми, па сè до четириесеттиот ден по нејзината смрт. Кога нејзината здравствена состојба се влоши, итно отпатував да ја видам и да бидам со неа, без со себе да земам лаптоп или нотес. Како што го сведочев нејзиното заминување, зборовите почнаа да доаѓаат веднаш – секој ден во главата ми се пишуваа раскази, па оттаму и насловот на книгата. Брзав некако да ги запишам, да ги забележам пред да исчезнат, па почнав да ги објавувам на Фејсбук, ги типкав на мобилен телефон, онака како што ми се пишуваа во главата. Потоа почнав и да ги запишувам во тетратка и да ги потсредувам. Во книгата, секој од нив го носи датумот и местото на ова забележување.

Дали создавањето на фотографиите го следеше пишувањето на расказите?

– Во краткиот вовед што го даваме во книгата, Сашо пишува дека користи свои авторски фотографии направени во различни временски периоди и со различна опрема и техники. На неколку места, користи и фотографии од мојата семејна архива, но има и неколку наменски направени фотографии.

Како успеавте да направите таков фантастичен преплет на текст и фотографија и со колкав избор на фотографии имавте работа?

– Самите раскази се лирски текстуални колажи од сеќавања и емоции, со цитати од книги, музика и филмови. Тие го поттикнаа Сашо да изработи цел проект (всушност, книгата е и неговиот магистерски труд), инспириран од размислите за животот и смртта во нив, како и од емоциите што ги носат. По пат на слободни асоцијации, тој ја доловува атмосферата од нив и визуелно ја прераскажува. Заедно со кориците, во книгата има вкупно 115 фотографии, и во боја и црно-бели.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 115, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6 февруари 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот