РАЗДВИЖЕНО ВО ПАРТИСКИТЕ ШТАБОВИ: Програмите за избори се при крај, сите партии особено ќе се фокусираат НА ЕДНА РАБОТА

И во СДСМ и во ВМРО-ДПМНЕ и во албанскиот блок, вредно се креираат решенија кои треба да станат дел од официјалните изборни програми за новата Влада 2020-2024 година.

Во партиските штабови деновиве сите се растрчани. Се токмат пратеничките листи, но се привршуваат и партиските програми за настап пред граѓаните на изборите кои ќе се одржат на 12 април. Партиите потврдуваат дека експерти од различни области интензивно работеле врз програмите. И во СДСМ и во ВМРО-ДПМНЕ и во албанскиот блок, вредно се креираат решенија кои треба да станат дел од официјалните изборни програми за новата Влада 2020-2024 година. Во партиите велат дека програмите ги создаваат заедно со граѓаните и експертите.

Во СДСМ посочуваат дека програмата ја креираат заедно со невладини организации, синдикати, бизнисмени, но најмногу со идеите на граѓаните кои ги слушнале на средбите. Потпретседателот на партијата Коста Петров, во изјава за Слободен печат вели дека во програмата точно ќе се знае за развојот на државата, бидејќи ќе го градат со вложување во човечкиот капитал и во општество во кое проблемите ќе се решаваат на ефикасен и праведен начин, со почитување на законите и со казнивост за криминалот. Фокусот на програмата ќе биде создавање на способна држава со демократски институции и медими, со квалитетно здравство достапно за сите.

– Прочистувањето во правосудството ќе биде приоритет во создавањето на редот и поредокот. Мораме да обезбедиме чесните судии и обвинители да ги ослободиме од стегите на нечесните и корумпираните. Нашата програма има решенија за развој на ИТ економијата, за позиционирање на Северна Македонија како технолошки и стартап центар во Европа, за зелени работни места, економија базирана на мобилност и лесно движење на идеи, луѓе, услуги и стоки. Креираме економија во која ќе има повисоки плати. Се фокусираме и на дигитализација на сите јавни услуги. Сакаме сите услуги да бидат достапни на граѓаните преку нивните мобилни, таблети, компјутери. Граѓаните да не чекаат во ред за ништо. Држава која создава консензус за стратешките прашања и која е предизвик за ангажман и вклученост на младите. Со програмата осигуруваме и различни можности за ранливите категории – вели Петров.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека изработката на програмата „Обнова за Македонија“ е во финална фаза и наскоро ќе ја промовираат пред граѓаните. Веќе изнесовме дел од економските мерки содржани во неа, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

– На програмата „Обнова на Македонија“ работат експерти на ВМРО-ДПМНЕ, односно стратешкиот тим на претседателот Мицкоски. Во неа главно се содржани потребите на граѓаните, но и решенија на проблемите кои ги имаат во секојдневниот живот во нивните места на живеење. Во програмата има решенија и понуди и за целокупната политичка ситуација која на некој начин бара да се воведат реформи во одредени области. Еден од столбовите во програмата е економијата. Дел од мерките веќе се објавени во јавноста и беа добро прифатени од граѓаните. Очекуваме иста реакција и за останатиот дел од „Обновата за Македонија“, бидејќи тоа се мерки за решавање на реалните потреби посочени од нивната страна – вели Арсовски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, денеска започна со ветувањата. Пред граѓаните најави автопат од Скопје до Битола преку Велес и Прилеп, ако неговата партија добие на изборите на 12 април. Вкупно 2 милијарди евра за автопатиштата, за експресните и регионалните патни правци.

Од Алијансата за Албанците велат дека партискиот фокус е на партиската програма со која ќе настапат пред граѓаните. Од партијата на Зијадин Села најавуваат дека деновиве ќе зборуваат на тема партиска програма.

– Сега сме фокусирани на креирање на нашата политичка програма за да имаме што да им понудиме на граѓаните. Се разбира дека деновиве ќе зборуваме и на оваа тема. Тоа што можам да го кажам е дека Алианса на Албанците овој пат ќе се натпреварува како добитник на изборите за да го добие легитимитетот кај Албанците – вели портпаролот на Алијансата за Албанците, Флакрон Беџети.

Од партијата на Али Ахмети велат дека деновиве приоритет им е добивањето на дратум за отпочнување на преговорите со ЕУ. Сепак, нагласуваат дека наскоро ќе се знае повеќе за нивната програма.

– Нашата програма ќе има пет столба, но наша главна заложба ќе биде обезбедување на работни места за сите, неселективна правда, ветинг, економски развој и подобар живот – велат во ДУИ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот