Расте семејното насилство: За една година 54 жени од Тиквешијата побарале стручна помош

Семејно насилство
Илустрација: Семејно насилство / Фото: МИА

Заклучно јуни, секторите на Министерството за внатрешни работи евидентирале 517 случаи на семејно насилство за кои се пријавени 526 сторители од кои 476 мажи и 50 жени.

Не секој се осмелува на пријавување на семејното насилство, особено во помалите средини, бидејќи стравот од што ќе каже на сето тоа околината, ако дознае, си го прави своето. Сепак, полека но сигурно се менува свеста кај населението и се зголемува бројот на оние кои одлучуваат да не молчат, туку да пријават дека се жртви на насилство.

Во тиквешијата вкупно 54 жени побарале помош од регионалниот Центар за поддршка на жртви на семејно насилство во Кавадарци од септември лани, до септември оваа година.

Центарот за помош и поддршка на жени жртви на семејно насилство, „Женски центар”, е регионален центар што ги опфаќа општините Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија. Работи со поддршка на четирите локални самоуправи. Во него за помош, освен жени, може да се обратат и девојки и деца, ако чувствуваат дека се жртви на било какво насилство, над нив и над нивните блиски.

Сите оние што се охрабриле да побараат помош, добиле услуги од социјална работничка, правна помош и психосоцијална поддршка. Вкупно 48 од нив, тоа го сториле и со доаѓање во просториите на центарот, а шест, побарале советодавна помош и информации, но, поради одредени причини, со нив сѐ уште не бил остварен директен контакт. Сите тие, како што самите кажале, преживеале некаква форма на семејно насилство, или родово базирано насилство.

Фото: МИА

На ниво на СВР Велес, изминатата година се поднесени вкупно 85 кривични пријави за семејно насилство, а во првата половина од тековната 2023 година се поднесени вкупно 60 кривични пријави за семејно насилство, додека пак во целата држава, заклучно јуни, секторите на Министерството за внатрешни работи евидентирале 517 случаи на семејно насилство за кои се пријавени 526 сторители од кои 476 мажи и 50 жени.

Доколку полицијата добие повик за семејно насилство должна е да постапи по секоја пријава за родово базирано насилство врз жена и семејно насилство без оглед дали е: добиена по телефон, примена на записник за примање пријава во службени простории на полиција, пријава од трето лице (роднини, пријатели, соседи …), преку известување од друга институција (центар за социјални работи, воспитно образовни институции …).

Според податоци добиени од кавадаречкото обвинителство што е надлежно за четирите општини од регионот, од почетокот на годинава до крајот на август, регистрирани се неколку кривични дела кои опфаќаат родово базирано и семејно насилство. Според различни членови од кривичниот законик, примени се 63 кривични пријави, а отфрлени се девет, една отстапена во надлежност на друго обвинителство.

Што се однесува до поднесени обвиненија или казнен налог од пријавите, има 12 случаи според член 130 став 2 и три пресуди по обвиненија за условни осуди, а 27 според член 144 став 2 пред измените на Кривичниот законик и член 144 став 3 после измените, за кои има 4 пресуди по обвиненија, од кои една затворска казна и три условни осуди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот