Расправата за уставните измени ништо не измени и не се знае кога ќе се гласа

Собраниска седница за уставните измени / Фото: Драган Митрески

Во мирна атмосфера, без реплики и контрареплики, со силни аплаузи „за своите“ по нивните говори помина претресот на пленарната седница за уставните измени, за кој се пријавија само девет говорници, односно по еден претставник на сите парламентарни групи. Во говорите доминираа три наративи – владејачките ДУИ и СДСМ истакнаа дека со уставните измени Македонија ќе ги продолжи со преговорите со ЕУ со гарантиран идентитет и заштитен македонски јазик и поентираа дека отсуството на протести пред Собранието се знак дека граѓаните даваат поддршка, опозициската ВМРО-ДПМНЕ триумфираше дека 70-те гласа со кои беше усвоен дневниот ред со една точка е показател дека власта го нема потребното мнозинсто од 80 пратеници и повтори дека овој состав нема мандат да менува Устав, а опозицијата од албанскиот блок ги поддржа измените за внес на Бугарите во Преамбулата, ама побара во овие уставни измени да биде вметнато и нивното барање терминот „20 отсто“ во Уставот да се замени со терминот „албански јазик“.

По претресот, за кој се предвидени десет дена, ама заврши за три часа, претседателот Талат Џафери ја прекина седницата со напомена дека продолжението дополнително ќе го закаже и немаше гласање, иако ВМРО-ДПМНЕ претходно инсистираше веднаш по претресот да се гласа.

Ковачевски: Не е загрозен македонскиот идентитет

 

Премиерот Димитар Ковачевски во име на Владата како предлагач истакна дека предлогот за уставните измени е македонски, поддржан од цела ЕУ и САД, за македонска иднина во Европа до 2030 година. Рече дека предлогот е резултат на повеќемесечна, транспарентна, експертска и политичка дебата со која сите се целосно запознаени со потребата, причините и конкретната содржина на Предлогот за измена и дополна на Уставот. Премиерот потенцира дека интеграцијата во ЕУ е највисок државен приоритет и за огромно мнозинство граѓани тоа не е променето!

– Влезот во ЕУ беше, е и ќе биде најдобриот државен, интеграциски, интеретнички, меѓугенерациски, економски, правен и политички процес. Нашето сврзно ткиво, нашиот механизам да се промениме на подобро, нашиот начин да бидеме држава со сите стандарди. Тоа е, заедно со нашето членство во НАТО, што нѐ прави држава со цел, со фокус, со кохезија. Држава со сегашност, држава со јасна иднина! – потенцира Ковачевски.

Премиерот Димитар Ковачевски им се обрати на пратениците, фото: Слободен печат - Драган Митревски
Премиерот Димитар Ковачевски им се обрати на пратениците, фото: Слободен печат – Драган Митревски

Предлогот, додаде, е напишан тука во Скопје и се дебатира во македонското Собрание и затоа со цела одговорност ги отфрла невистинитите тези за бугарски диктат.

– Ако за момент ги видиме фактите, ќе видиме дека на македонски јазик се говори и пишува во Брисел, ќе видиме дека поддршката за нашиот вековен идентитет се случи и во Берлин, и во Вашингтон. За прв пат се потпиша Договор на македонски јазик со ЕУ, конкретно Фронтекс! Се случи сето спротивно од тоа што го заговараа домашните политиканти! Никој не нѐ асимилира, не нѐ загрози, не нѐ нападна! А речиси и да нема дебата во ова Собрание, за слични прашања, во која секогаш постојат политички структури и поединци кои дежурно сеат страв, омраза, го плашат народот со катастрофи, го преплавуваат просторот со лаги и црнила! – рече премиерот.

Тој ги образложи промените, одоносно дека освен дел од бугарскиот народ, ќе се додадат и хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ, а согласно со тоа е направена и измена на делот за Комитетот за односи меѓу заедниците. Истакна дека со тоа што во Уставот е посочено „македонски народ и делови од народи“ недвосмислено е истакната примарната уставотворност на македонскиот народ, како и објективната културолошка, историска и нормативна засебност и уникатност на македонскиот народ од другите народи, вклучувајќи го во овој контекст и бугарскиот народ.

– Најважно од сѐ, уставните измени не загрозуваат ниту едно македонско идентитетско прашање. И тоа е целосно јасно на сите во државата и затоа кога ќе ги погледнете улиците на Скопје гледате да се е мирно и граѓаните очекуваат одлука за својата европска иднина – рече премиерот.

Силјановска Давкова: Дали Македонија ќе биде сѐ што немаме

 

Пратеничката Гордана Силјановска Давкова истакна дека никој на избори не побарал мандат да го менува Уставот и затоа се потребни предвремени избори.

Таа рече дека во последниве триесет години на Македонија и се случува уставен садомазохизам и додаде дека би го прашала Бадентер што би рекол денес на ситуацијата, откако на времето рекол дека Македонија  треба само да го змени знамето и да усвои уставен амандман дека нема територијални претензии кон соседите со што портите на Европската заедница за нас ќе бидат отворени.

– Рацете ги искршија пратениците менувајќи го Уставот и ако уставната промена е евроинтегративен фактор ние денеска ќе претседававме со ЕУ, ама не е така – рече Силјановска Давкова.

Таа потсети дека наметнатите уставни измени не одат рака под рака со европската демократија, а ЕУ за да биде заедница мора да ги почитува европските вредности.

– Лажна е тезата за дилемата за запад или исток, дилемата е дали Македонија ќе биде се што имаме или се што немаме, дали ќе бидеме пристојна мала држава или протекторат. Никогаш и никаде преамбулата не била гаранција или место за промоција на етнички идентитети. Устав не се менува во последна година од мандат. Што велат граѓаните? Каде е мандатот за оваа измена? Уставот вели дека суверенитет извира и им припаѓа на граѓаните, па треба ли да ги прашаме – рече таа.

Пратеничката Гордана Силјановска Давкова Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески
Пратеничката Гордана Силјановска Давкова Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Таа ја праша Владата дали кога ја прифатила преговарачка рамка и билатералниот протокол заборавија дека не се законодавен орган и не може да преземаат обврски на Собранието и им порача „бујрум, отворете го процесот, ама не можете“.

Силјановска Давкова нагласи дека она што се бара од нас е спротивно на европските вредности и дека во ниеден годишен извештај од ЕУ досега нема забелешка за отсуството на Бугарите од Уставот.

– Не сме против ЕУ, не сме против Бугарија, ама Лисабонскиот договор  повикува на реципроцитет во меѓународните договори. Бугарија е потписник и ја ратификуваше Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата. Бугарија има Совет за малцинства, а таму ги нема Македонците. Значи мора да ги има! – нагласи пратеничката.

Таа рече дека е лаички пристапот на уставните измени, насловот е погрешен, образложението е катастрофа и дека „не може именик да правиме од Преамбулата!“

– Камбаните овој пат бијат за Македонија и крајно време е да покажеме дека сме пристојна европска држава која сака на патот кон ЕУ да оди исто како сите сегашни членки. Не смее да има посебни критериуми и преседани за нас. Затоа мислам дека овој предлог не треба да се поддржи, туку треба да се прашаат граѓаните на избори, бидејќи оваа власт е целосно делегитимирана – заклучи Силјановска Давкова.

Реџепи се закани дека албански општини може да бараат пат кон ЕУ одделно од македонските општини

 

Независниот пратеник Скендер Реџепи кој до неодамна беше дел од Алтернативата рече дека ќе ги поддржи уставните измени за вметнување на Бугарите, но побара и да се избрише формулацијата „20 отсто“ од Уставот. Реџепи рече дека со вметнувањето на Бугарите ќе се отворат хоризонтите кон ЕУ, но во државата ќе има меѓуетнички тензии, а Албанците не смее да бидат заложници.

– Може да се случат и други барања, албански општини да бараат пат кон ЕУ, одделно од македонските општини. Ова не би го посакувале, но реалноста е таа. Македонија денес е пред голема раскрсница. Имаме пат на кој можеме да патуваме заедно како народи, како заедничко тело на државата и докажувајќи дека Македонија може да биде дел од ЕУ. Најдобриот пат за сите граѓани е тоа што ние треба да отвориме нови хоризонти кон ЕУ и да ги затвораме и етничките прашања. Како може да се случи тоа. Со предлогот за измена јас би предложил таму да бидат и Гораните, Торбешите и овој Устав да биде иницијатива за бришење на „20 отсто“ бидејќи е срамно – рече Реџепи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот