ПРВАТА ИСТОРИСКА Парада на гордоста во Сараево заврши со песни и емотивни говори (ВИДЕО)

Принтскрин

Првата историска парада на гордоста во Босна и Херцеговина, заврши со песни и емотивни говори на учесниците, кои се движеа од Вечниот пламен до Плоштадот БиХ, без ниту еден инцидент, пренесува Блиц.рc.

Горди, насмеани, но и со солзи, организаторите им се заблагодарија на сите кои ја поддржаа нивната борба за еднаквост помеѓу лезбејки, геј, бисексуалците, трансродните во БиХ.

Иако претрпеа многу осуди и судири во изминатите месеци од оние кои се спротиставија на поворката и оние кои ги поддржуваат, порачуваат дека ова е и нивен град и нивна држава и дека нема да се откажат од борбата за еднакви права на сите.

Членот на Организациониот одбор Бранко Чулибрк истакна дека денешната борба е всушност борба за сите граѓани, а не само за припадниците на ЛГБТИК заедницата.

– Ние ЛГБТИК лицата секој ден се бориме за нашата љубов, хомофобите нè тепаат, некои институции не стигматизираат, ги водат на лекување, не го даваат истиот пристап до здравствената заштита, особено на трансродовите лица кои мораат да поминат целосна транзиција со цел да ги променат и документите. Наша должност е да зборуваме јавно за слободата. Бараме општество без насилство и хомофобија, легализација на истополовите бракови, здравство за транс особите и промена на документи – изјавил меѓу другото Чулибрк.

Додека пак Лејла Хуремовиќ, исто така од Организацискиот одбор на Парадата на гордоста, истакна дека ЛГБТИК особите во БиХ од денеска не се повеќе невидливи.

На крајот од поворката, пред учесниците се појави Дамир Имамовиќ, кој со гитара изведуваше акустична верзија на севдалинките „Снег паѓа во пролет врз овошјето“, „Нека сака кој кого сака“, што одекнуваше на плоштадот Босна и Херцеговина, пренесува Српскаинфо.

Инаку, на собирот на противниците на геј парада во Сараево беше извикувано „Алаху Екбер“ и беше нападнат новинар на Телевизија N1.

Помеѓу 200 и 300 учесници на контрасобирот носеа транспаренти со навредливи пораки, а еден од нив го нападнал известувачот за Телевизија N1, изјавувајќи дека е незадоволен од известувањето за настанот.
Оваа телевизија објави дека полицијата интервенирала и нивниот новинар поминал без последици.

Од собирот беше испратена пораката дека припадниците на геј популацијата не се добредојдени во Сараево и дека нивната денешна парада е најголемото понижување што го доживеал овој град. Многумина се повикуваа на она што го пропишуваат религиозните книги. Настанот се одржа во паркот Циглана, а беше организиран од Иницијативата “Искорак“.

Видеата од Парадата на гордоста во Сараево и од контрапротестите можете да ги погледнете ТУКА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот