Прв академски час: Намален број на студенти во Македонија – УКИМ за десет години има скоро пет илјади студенти помалку

Бруцоши на УКИМ / Фото: Слободен печат - Слободан Ѓуриќ

На општествениот кампус на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска се одржа првиот академски час, а првпат по 14 години сите новозапишани студенти на едно место го започнаа своето академско образование.

На првиот академски час се обратија ректорката на Универзитетот, проф. д-р Биљана Ангелова, претседателката Гордана Сиљановска Давкова и премиерот Христијан Мицкоски.

Бруцоши УКИМ/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

– Одлуките што ги правите, ризиците што ги преземате и издржливоста на која ќе се научите, ќе го обликуваат не само вашиот академски развој, туку и патот по кој ќе чекорите низ животот надвор од овие згради. Ние сме тука за да ве поддржиме, да ве водиме и да ги следиме и славиме вашите големи и мали успеси. Патот кој е пред вас може да биде исполнет со подеми и падови, но знајте дека не сте сами на ова патување. Имате заедница која верува во вашиот потенцијал и е посветена да ви помогне да успеете – порача ректорката Ангелова.

Бруцоши УКИМ/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Претседателот на Универзитетското студентско собрание (УСС) при УКИМ, Александар Николовски на бруцошите им порача дека искуството што ќе го стекнат на Универзитетот ќе биде уникатно.

– Задачата на студентите е да се борат за промени, а задачата на државниот врв, поддржувачите и претставниците на академската фела е да нè задржите и да ни ги дадете сите шанси промените да ги направиме тука, а не во странство – додаде Николовски.

Бруцоши УКИМ/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

На свеченоста доделен беше и по еден индекс на еден студент од секој факултет. Бруцошите беа информирани за текот на студиите, како и за студентските организации и поддржувачи на УКИМ кои ќе им бидат од голема корист во текот на студентскиот живот.

Со цел меѓусебно запознавање и дружење, Универзитетот организираше и „УКИМска“ забава на која настапија студенти од Факултетот за драмски уметности и Факултетот за музичка уметност. За музичката програма беа задолжени Сиото Џез, Д Рингтонс, Пајак и Луна, како и студентскиот бенд УКИМЦИ.

Формиран во 1949 година со три факултети, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, денес е заедница од 23 факултети, пет научни институти и четири јавни научни установи, како и придружни членки.

Бруцоши УКИМ/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

УКИМ запишува 552 студенти помалку од лани

Во трите уписни рокови слободни места имаше за 9.921 бруцоши, од кои 4.761 за редовни студенти во државната квота, 4.210 за редовни студенти кои ќе ги кофинансираат студиите и 950 места за вонредни студенти.

Најмногу слободни места имаше на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ – 1.020, на Природно-математичкиот факултет-ПМФ – 1.030, на Филозофскиот 895 места, на Филолошкиот факултет 790, на Правниот 705, на Економскиот факултет 700 слободни места …

Во споредба со лани, кога на УКИМ имало 10.473 места, оваа година бројката е намалена за 552 места.

Бруцоши УКИМ/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Намален број на студенти во земјава, УКИМ со најголема загуба

Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации и податоците на Државниот завод за статистика, за десет години бројот на студенти се намалил за 7.000. Кај државните универзитети има постојан пад, пораст има само на медицинските и на информатичките факултети.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е најголем губитник, а пораст на студенти се забележува на приватните факултети и верските високообразовни установи. Во меѓувреме, бројот на наставен кадар на факултетите се зголемува.

Бројот на студенти на државните факултети постојано се намалува во последните десет години и од некогашните скоро 52 илјади студенти, сега е сведен на едвај нешто повеќе од 40 илјади.

Бруцоши УКИМ/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

– Најголем губитник е најголемиот државен универзитет, УКИМ, каде за десет години има скоро пет илјади студенти помалку. Најмногу студенти загубиле Економскиот факултет во Скопје, 2.273, Филолошкиот факултет 1.844 студенти и Градежниот факултет, 689 – велат од Центарот за граѓански комуникации.

Секој петти студент сака да биде лекар, а податоците од истражувањето покажуваат дека повеќе од десет илјади или 20 отсто од студентите се запишани на некоја од медицинските високообразовни установи. Од другите струки, покрај медицинската, втора струка со најмногу студенти е информатичката, со вкупно 6.655 студенти, а трета, со приближно исто толку студенти, односно 6.065 е економската.

Бруцоши УКИМ/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

За десет години бројот на бруцоши е намален од 19 на 15 илјади

Ако пред десет години имало скоро 19 илјади бруцоши, сега бројот на новозапишани студенти изнесува околу 15 илјади. Само за десет учебни години, вкупниот број запишани студенти во прва година е намален за 3.612, односно за 19 проценти. Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажува дека најмалку бруцоши имало во пандемиската 2020/21 година, малку повеќе од 12 илјади. Оттогаш наваму, односно во последните три години е забележан постојан пораст на бројот на студенти што се запишале на прва година на некоја од високообразовните установи во земјава.

Наспроти намалувањето на бројот на студенти, се зголемува бројот на наставници и соработници. Само за последните десет години, универзитетскиот кадар пораснал за повеќе од илјада луѓе, односно за една третина. На државните универзитети има за 26 отсто повеќе кадар отколку пред десет години, односно 786 наставници и соработници повеќе. На приватните, пак, кадарот пораснал за 281 лице, односно за 45 проценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот