Протест на граѓани од Карпош-им ги срушиле куќите за да градат зграда но веќе седум години живеат под кирија

Протест на граѓани од Каршош/ Фото Слободен печат/ Елизабета Дамјаноска-Спасеновска

Околу 50 граѓани од Карпош кои веќе седум години живеат како раселени лица поради поништувањето на новиот Детален урбанистички план, со кој се стопирала изградбата на зградата во која тие требало да живеат, излегоа на протест. Кога пред седум години дошол инвеститорот Трим и Лум и им понудил изградба на зграда во замена за нивните куќи, тие не се сомневале дека ќе ги изгубат домовите кога ќе потпишат да се срушат и на нивно место да се направи зграда.

Протест на граѓани од Каршош/ Фото Слободен печат/ Елизабета Дамјаноска-Спасеновска

Александар Ѓорѓиевски е еден од оштетени граѓани кој веќе губи надеж дека на местото на неговата куќа ќе се направи зграда.

– Не се сомневавме дека ќе се случи стопирање на градба поради враќање на стариот ДУП. Уште кога Стефан Богоев стана градоначалник ја стопираше градбата, а сега истото го продолжува и Стечво Јакимовски, кој во претходниот мандат даде одобрение за градба.  Договорите за градба ги потпишавме пред седум години. Откако се средија сите документи и дојдовме до фаза пред градба, дојде до промена на власта во Карпош. Стефан  Богоев го поништи ДУПот бидејќи не бил ставен на огласна табла во општина Карпош. Со Богоев имавме многу состаноци но не се најде решение. Морам да нагласам дека не станува збор за заштитено подрачје, во наша околина веќе има изградено згради, само нашата зграда е проблем, и тоа на локација каде што претходно имаше изградено куќи, вели Ѓорѓиевски.

Горан Ѓорѓиевски дозволил да се сруши неговата куќа за да се изгради зграда, но веќе седум години живее под кирија

Инвеститорот има вложено средства во име на граѓаните за да се направи дооформување на земјиштето.

– Идејниот проект помина,  го откупивме државното земјиште, но проектот падна на Уставен суд, поради тоа што не бил објавен на веб страната на општината. Ни беше ветено дека ќе се донесе нов ДУП но ние заедно со сопствениците на куќите одлучивме да направиме компромис и да градиме по стариот ДУП што предвидува помала катност за два ката. Со новиот плансо пониска катност аплициравме во општина, идејниоит план беше одобрен, дојде до последниот акт што значи пресметување на комуналии што е последна фаза за добивање на одобрение за градба, но тогаш ни кажаа дека се жалат комшиите дека нема пристап и не смееме да градиме. Имавме и добиено одобрение за припремни работи. Со општината се договоривме  да направиме пристап на сите соседи со наши средства, со  цел да почнеме со градба, но пак не одбија. Го добивме предметот во второстепена  комисија во Министерство за транспорт  и врски но повторно не одбија, рече во изјава за Слободен печат Менди Ќура, сопственик на градежната компанија Трим и Лум,  кој на оштетените граѓани им ги плаќа сметките за кирија во вредност на 5.000 евра месечно.

Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, вели дека има разбирање за проблемот на граѓаните, но дека истиот ќе биде решен кога ќе биде донесен новиот ДУП.

– Проблемот на граѓаните почнал кога  инвеститорот ги срушил нивните куќи пред да добие одобрение за градба. Луѓето си имаат мака јас ги разбирам но неопходно е да се изгласа нов  ДУП. Кога ќе стигне планот јас ќе го ставам на јавна анкета. Моја задача е планот што е нарачан да инсистирам да се стави пред советниците, и да се гласа, вели Стевче Јакимовски.

Од друга страна инвеститорот бара да се одобри градба по стариот ДУП без да се чека нов ДУП, со цел  да се спасат од маки околу 50 жители.

 

Местото на кое ги срушиле куќите, со години е напуштено/ Фото Слободен печат/ Елизабета Дамјаноска-Спасеновска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот