Проникнатост со родниот праг носи книгата „Врвиците на зборот“

Најновата книга на проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ е со наслов „Врвиците на зборот“, објавена е во издание на „Матица македонска“, а рецензија за книгата напиша проф. д-р Катерина Петровска – Кузманова.

– Книгата „Врвиците на зборот“ претставува значајно дело бидејќи произлегува од долгогодишното занимавање на проф. Антиќ со историјата на старата македонска книжевност, која долги години ја предавала, а на која и денес се навраќа најчесто преку релациите што нејзиното поле на истражување ги има со други книжевни области.

Познавајќи ја истражувачката работа на проф. Антиќ, кога станува збор за последната книга можам да истакнам дека во ракописот преовладува новина во предавањето на текстовите, кои претставуваат едно добро резиме од нејзиното творештво. Книгата не случајно започнува со важноста на домашното огниште, во кое се раѓаат првите зборови, а потоа се навраќа на нивната врвица во растењето на детето-човекот, кој може да проникне и подлабоко во слушаните зборотечини, опкружено со говорници, домашни и други.

Покрај тоа, се осврнува и на образовните институции во Битола, кои придонеле за развој на нејзиниот афинитет кон книжевноста, особено кон длабокото осознавање на поезијата на Блаже Конески. Иако не го познавала лично, до контактот дошла како негов студент, а подоцна и како негова колешка.

Токму затоа нема да ги заборави своите афинитети одразени во ракописот од видот на хагиографската книжевност, апокрифната, со претставниците Светите Кирил и Методиј, Светите Климент и Наум Охридски. Во факултетската средина проф. Антиќ ги дели научните вистини со знаменитиот славист дојден кај нас од Русија – проф. д-р Владимир Мошин, со странските слависти од рангот на емеритус професор Хорас Лант од Харвард, академик Нуло Миниси од Италија, Збигњеб Голомб од Чикаго, итн.

Текстот станува интересен бидејќи авторката не ги ниже своите професионални и научни теми без потребна пауза, туку ги разубавува со присутност на значајни настани од нашата сегашност, без да остане превидена злогласната пандемија во светот, па и кај нас. Токму затоа во нашата атмосфера ќе прозвучат милозвучните звуци на светскиот диригент и музичар Андре Риу.

Навраќањата во родната Битола, која магично ја привлекува, открива страници од историјата, но и од сегашната проникнатост на авторката со родниот праг – запишано е во рецензијата на Катерина Петровска – Кузманова.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 137, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17 јули 2022)

Видео на денот