Проект на МСУ е избран од Фондот за културно наследство на Хедли за Југоисточна Европа

Музеј на современата уметност во Скопје / Фотографија: Денис Сарагиновски

Од вкупно 46 пријавени проекти, „МСУ – Скопје ремек-дела за сите“ е единствен македонски проект избран уште во првиот повик за грантови од Фондот за културно наследство на Хедли за Југоисточна Европа за 2024 година, преку „Балканската мрежа на музеи“ (BMN), известија од Музејот на современата уметност во Скопје.

Членовите на стручната евалуациона комисија едногласно заклучија дека МСУ – Скопје е еден од водечките музеи во државата и затоа е од суштинско значење музејот да почне со трансформација во насока за подобра пристапност и инклузија.

Во рамките на проектот вклучени се релевантни организации и стручни лица на национално и регионално ниво. Креиран е концепт за спроведување најдобри практики во музеите, кои покажаа сериозни резултати за одржливост.

Според раководителот на проектот Бојана Јанева, кустос во Одделот за едукација и музејско водење, најзначајно во реализацијата на овој проект е што МСУ – Скопје ќе добие стручна „Студија за пристапност“ од врвни советници во оваа област од земјава и регионот, обука на музејскиот кадар за начини на комуникација со различни ранливи групи, како и изработката на реплики на дела за лица со оштетен вид. „Музејски куфер“ со тактилните реплики на ремек-дела од колекцијата на МСУ – Скопје ќе биде достапен и за лица кои имаат потешкотии да дојдат во музејот.

Бојана Јанева / Фотографија: Денис Сарагиновски

– Во обид да добиеме повеќе искуствено знаење за иновативни пристапи и технологии во областа на пристапноста на музејот, минатата година, нашиот музеј започна месечна музејска обиколка наречена „Тури на инклузивност“. Турите ги реализиравме заедно со различни граѓански организации со попречености, за да добиеме повратни информации за проблемите со пристапноста. Оваа повратна информација многу ни помогна да ги идентификуваме клучните точки како да ја подобриме работата на МСУ, што беше иницијална точка за развивање на проектот „МСУ – Скопје ремек-дела за сите – вели кустосот Јанева.

Во рамките на овој повик, други избрани проекти се и „Проект Beezantium“ – Амбели; „The Spyronians Podcast Show“ – „Карусос Архиви“; „Прозорец кон минатото: Индустриското наследство на Зајечар“ – „Сквер магазин“; и „Поттикнување на музејски ангажман со млади“ – Асоцијација „Културанова“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот