Процентот на починати од Ковид-19 и натаму во пораст: Еве кои се причините за тоа според Министерството за здравство

Фото: Слободен печат/Драган Митровски

Најновиот извештај на Институтот за јавно здравје покажува дека продолжува да расте стапката на леталитет (однос меѓу умрени и заболени) кај пациентите со ковид-19. Ако минатата недела таа изнесуваше 5,1 проценти, пред тоа 4,1, во вчерашниот извештај се искачи на 5,6 проценти од вкупниот број на регистрирани, односно во бројки, 85 починати на 1.518 заразени.

Најмногу починати има во Куманово 20, Скопје 18, Струга 14, Прилеп 10 и во Тетово 7, Дебар 4 и Велес 3. По еден или два смртни случаи се регистрирани и во Штип, Битола, Кочани, Кавадарци, Крушево.

Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години. Регистрирани се 56 смртни случаи кај лица од машки и 29 кај лица од женски пол. Од починатите, кај 64 (75,3%) се регистрирани коморбидитети, додека останатите немале хронични заболувања.

Од Министерсвото за здравство после неколкудневно инсистирање за објаснување зошто расте стапката на смртност последниве недели, иако опаѓа бројот на заболени, велат дека смртноста кај нас е далеку пониска од европскиот и светскиот просек и тоа е резултат на навремените мерки и стратегијата за брзо сузбивање на ширењето на вирусот.

„Со бројка од 85 починати лица и 1.518 заболени, сметаме дека успешно е ставен под контрола вирусот. Што се однесува до стапката на смртност таа зависи од начинот на кој се регистрира истата, но и од низа други индикатори како на пример општата здравствена состојба на населението. Ние од почетокот поставивме стратегија во која на сите пациенти кои починале, вклучително и на оние кои немале симптоми на коронавирус, ќе им биде земен брис. Со ова, пост мортем детектиравме повеќе пациенти кои починале примарно од друга болест, но се покажале и позитинвни на вирусот. Тие сите влегуваат во статистиката на починати од коронавирус. Ова не го прават сите земји и заради тоа значително варира смртноста кога се споредува истата меѓу земјите. Ние се одлучивме заради темелен увид во ширењето на вирусот на овој начин детално да ги водиме починатите, но тоа ни донесе и повисок процент на регистрирани смртни случаи“, објаснуваат од МЗ.

Но нема коментар за тоа зошто имаме најголем број на починати на милион жители споредено со земјите од регионот.

Од ресорното министерство очекуваат во наредниот период оваа стапка да почне да се намалува.

„Сите мерки и активности кои се преземени од страна на Комисијата за заразни болести преку Министерството за здравство се во таа насока, како и за заштита на здравјето на граѓаните. Поконкретно во изминатиот период активно работат сите стручни лица во делот на воведување на нови терапии, со крвна плазма, терапијата со озон. Се надеваме дека овие методи како и сите други терапии ќе придонесат до намалување на смртноста која може да се јави како последица кај лица со коморбидитети, лица со зголемен ризик на смртност, но во некои случаи и без некои потешки дијагнози затоа што станува збор за непредвидлив вирус“, објаснуваат од МЗ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот