Природен феномен: Небото над источна Франција обоено во жолто со песок од Сахара
Песок од Сахара го обои небото над источна Франција во жолта боја. Феноменот е импресионирачки, но тој се случува редовно, наведе „Метео Франс“, јави дописникот на МИА.
Препорачано
Небото над францускиот исток доби окер тонови, воздух полн со прашина, слој песок што ги покрива автомобилите и пригушена атмосфера. Песокот од Сахара оваа сабота се надви над Франција. Овој метеоролошки феномен, што не е невообичаен во зимскиот период, зафати голем дел од источниот дел на земјата, од Прованс до регионот Бургоњ-Франш-Комте, па сe до Лорен.
– Ова не е апокалипса или доаѓање на вонземјани, веднаш предупреди со многу хумор „Метео Франс“. Феноменот се случува редовно.
– Импресивно е, секако, но и прилично класично, подвлекува Оливие Пруст, прогнозер во агенцијата за метеорологија.
Тој го објаснува ова со студениот воздух што се наоѓа на голема височина, паѓа во Мароко и носи силни ветрови над северозападна Сахара. Овие одржливи струи што носат песок, се протегаат се до Франција.
– Овој феномен честопати се случува од есен до пролет, додава Оливие Пруст.
„Врнежите од песок“ почнаа вчера и се засилија денеска наутро. Дождливиот период што денеска циркулира низ земјата ќе го насочи овој феномен кон централна Европа.


