Примитивна експлозија на бесот на Вучиќ

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Вие од Европа, срам да ви е, а ова е ситница во однос на тоа што сакам да ви го кажам, изјави претседателот на Србија

Александар Вучиќ знае често да скокне од рамките на дипломатската етикација и политичката коректност, но изминатата недела со канонада од кафеански навреди и уличен речник се надмина себе си.

Претседателот на Србија просто збесна кога косовскиот премиер Албин Курти за министер за заедници и враќање го назначи лидерот на умерената Прогресивна демократска партија Ненад Рашиќ, а за негова советничка Рада Трајковиќ, претседателка на Европското движење на Србите на Косово.

– Го избраа најлошиот српски џган, од дното на кацата, Рашиќ и Рада Трајковиќ, не постојат полоши, кои немаат доверба од никого во Србија, но ја имаат довербата од Албин Курти и западните агентури – изјави Вучиќ во излив на борбениот патриотизам што го носи од Централната татковинска управа на неговиот политички отец, радикалот Воислав Шешељ.

На досега незабележан начин Вучиќ се нафрли и врз Европската Унија, обвинувајќи ја дека покажала „беден антисрпски однос“ и дека поради тоа што го сторил „терористичкиот џган Албин Курти“ требало да добие заслужена осуда од ЕУ, но не ја добил.

Белград ја оцени како толерирање „брутално правно насилство“ изјавата на портпаролот на Европската комисија, по повод назначувањето на Рашиќ, дека е од витално значење Приштина да ги почитува сите неопходни чекори при именувањето министри што ја претставуваат немнозинската заедница.

Под влијание од бесот тој потоа додаде дека Србија првпат нема да учествува на самитот ЕУ-Западен Балкан, кој вчера се одржа во Тирана: „Вие убаво доаѓајте, патувајте со авион, зборувајте глупости и блебетете, сите вие од Европа и од Западен Балкан“.

Порача дека можат да „тропаат за тоа дека Србија е виновна“, но дека тоа не го интересира. „А вие од Европа, срам да ви е, а тоа е ситница во однос на тоа што сакам да ви го кажам“.

Рафали од навреди

Премиерката Ана Брнабиќ, навкната послушно да ги повторува оцените од својот „шеф“, веднаш додаде дека „по ваквата срамна изјава на ЕУ, само уште една во низата, нема никаква потреба Србија повеќе да учествува на самитите за Западен Балкан“. Министерот за одбрана Милош Вучевиќ прашува: дали ЕУ и понатаму ни е партнер или станала отворен спонзор на антисрпските акции и желби за ентичко чистење на нашиот народ од Косово и Метохија?

А, потоа Вучиќ се предомисли. Рече дека го повлекле емоциите. „Само да порачам, не сум ни луд ни пијан, ни мрднат, пијам само чај од камилица, но укажав на сѐ што се случуваше од почетокот на годината и како тоа се одвиваше постепено и како се уриваше од приштинската страна“.

Неговите први зборови, сепак, делуваа како истрел од пиштол на атлетска патека. Ретко кој од власта ја пропушти приликата за излив на гордоста што Србија има таков претседател, а ботовите по режимските таблоиди доживеаја ѕвездени моменти, опишувајќи го Рашиќ и Трајковиќ како предавнички џган, политички џуџиња, квислинзи и однародени.

Во конкурсот за избор на што понавредливи зборови веднаш се вмешаа и Србите од регионот. Некогашниот претседател на Собранието на Република Српска говори за „шизоидниот“ Курти, кој како „политички Франкенштајн“ изразува „целосен политички кретенизам“.

Прилика уште еднаш да се претстави како голем заштитник на српскиот суверенитет доби и Москва. Министерот Сергеј Лавров особено го раздразнила изјавата на шефот на европската дипломатија Жосеп Борел дека Русите немаат што да бараат на Балканот и дека треба целосно да ги прекинат сите контакти со Србија и со другите балкански држави.

Пациент и претседател

Назначувањето на Рашиќ од страна на Курти следуваше откако по налог од Белград неговата влада ја напуштија лидерот на Српската листа и на сите десетмина српски пратеници во собранието на Косово. Српската листа е косовска филијала на владејачката Српска напредна партија, а со комбинација на страв и уцени на последните избори доби 98 отсто од гласовите на Србите од северот на Косово.

Вучиќ настојува Листата да има монопол врз позицијата на претставниците на Србите на Косово и не би сакал да дозволи Србите од Косово самостојно да решаваат за сѐ што сметаат дека е најдобро за нив. Затоа неговата експлозија на бес е насочена кон критичарите, меѓу кои се Рашиќ и Трајковиќ, кои велат дека Листата е мафијашки картел, кој својата лојалност кон Вучиќ ја наплаќа со профитабилни бизниси низ Србија.

Такви сомневања отворено изнесуваше и либералниот српски политичар од Косово Оливер Ивановиќ, против кого од Белград беше покрената кампања на оцрнување, а потоа беше убиен во Косовска Митровица во јануари 2018 година. Убијците и оние што им го дале налогот до денес не се откриени.

Свесен дека ги губи лостовите на влијание врз косовските Срби северно и јужно од Ибар, Белград го оцени изборот на Рашиќ како прекршување на Бриселската спогодба и поништување на волјата на народот.

Претседателот на Србија сѐ почесто изразува симптоми на зголемена нервоза. Сѐ се поклопува со изјавите на меѓународните посредници. Американскиот пратеник Габриел Ескобар вели дека е „прашање на недели“ кога косовскиот проблем ќе заврши со потпишување сеопфатна спогодба за нормализација на односите. Пратеникот од Европската Унија Мирослав Лајчак спомнува рок до почетокот на 2024 година, врз основа на германско-францускиот план, кој е прифатен како иницијатива на Унијата.

Рада Трајковиќ, која долго време е цел на притисоци од Српската листа и од Белград, ефективно го прокоментира Вучиќ: „Со таква психофизичка состојба, мислам дека не би ја поминал лекарската контрола и не би добил уверение дека е способен да ја извршува функцијата претседател на државата. Јас сум лекар и навистина се обидувам да го разберам како пациент, но не можам да го разберам како претседател“.

Авторот е новинар

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот