При голема експлозија, ниту ПП апарати ниту прскалки не можат да го изгаснат пожарот

Пожар во тетовската модуларна болница / 8 септември 2021 / Фото: EPA-EFE/STRINGER

Системот за противпожарна заштита во модуларната ковид-болница во Тетово е под истрага на обвинителите. Иако координаторот на ковид-центарот, д-р Гзим Нуредини тврди дека во болницата во која во пожар загинаа 14 лица, имало ПП апарати, се проведува дали и колку противпожарни апарати имало, дали имало прскалки кои треба да се активираат за време на пожар, дали се активирале или зошто не?

Експертите во оваа област велат дека дури и да имало ПП апарати во модуларната болница, немало време тие да се активираат.

 – Ниту една ПП опрема немало да може да го изгасне пожарот во модуларната болница во Тетово затоа што ПП апаратите се наменети да се употребуваат ако се забележи дека од некаде почнува да чади и да избива пламен, но во случајов, таму имало експлозија која дури и да имало вградено прскалки немало да помогнат, вели за „Слободен печат“ дипломиран електроинженер кој повеќе од 30 години се занимава со противпожарна опрема, а кој сакаше да остане анонимен.

Од друга страна, според нашиот соговорник, во Македонија исклучително малку внимание се посветува на противпожарната заштита. За тоа говори фактот што компаниите, јавните институции и домаќинствата секогаш се одлучуваат да обезбедат поевтин противпожарен апарат дури и без сертификат и со помала моќност, несоодветна на квадратурата, само колку да го имаат во документација.

– Дирекцијата за заштита и спасување е таа што треба да води сметка за да се увезува и набавува квалитетна опрема согласно стандардите. Има секакви примери. Се случува дури да се увезе апарат без етикета, па во печатница да им ги штампаат. Но, дури и да се увезе неквалитетна ПП опрема, истата не би се носела до крајните потрошувачи доколку тендерите се распишуваат како што треба. Ние имаме многу примери кога од нас, наместо сертификат за квалитет обезбеден од производителот, се барала изјава за производот која може да ја напише кој било, вели нашиот соговорник.

Од друга страна прооблематично е одржувањето на апаратите.

– Апаратите мора да се одржуваат, контрола и проверка треба да се прави на секои шест месеци или најмногу на една година. Проблематично е тоа што диструбутерите на противпожарна опрема немаат сервиси за одржување на истата. Затоа, кога државата дозволува влез на производот на пазарот, мора да обезбеди и сервис за негово одржување, нагласува соговорникот.

Во Македонија не се внимава ниту на материјалот за градба. Доколку се користи материјал кој брзо се распалува тогаш веројатноста за ширење на пожарот е голема и затоа ниту еден објект изграден од запалливи материјали не би требало да помине на технички прием од причина што не ги исполнува условите пропишани во проектот за заштита од експлозии. Исто така, неопходно е во објектите да има противпожарни врати. Такви има во хотелите од повисока категорија и повторно, во големите корпорации кои навистина се грижат за својата безбедност, нагласува соговорникот на „Слободен печат“.

Истражители од Германија ќе утврдуваат што предизвика модуларната болница да се пеплоса

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот