Сцена од претставата „Кокошка“ во режија на Теодора Силјаноска

Претставата „Кокошка“ на независниот театар „Вортекс“ се занимава со потребата за слобода

Театарската претстава „Кокошка“, во изведба на независното театарско здружение „Вортекс“, својата премиерна изведба ја имаше во ноември 2025 година на малата сцена во Театар „Комедија“. Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам, а следната изведба е најавена за 20 јануари, исто така, во Театар „Комедија“.

Претставата „Кокошка“ е поставена според текстот на Николај Кољада во режија на Теодора Силјаноска. Во уметничката екипа се костимографот Maрија Пупучевска, соработникот за сценски движења Дарко Велиќ и дизајнерот на плакатот Михаил Велески. Изборот на сценографијата и музиката е на режисерката Teoдора Силјаноска, додека фотографиите се на Луција Спасовска.

Во претставата играат Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ане Блажовски, Ванеса Тримчевска, Toме Станковски и Кристина Гиева.

– „Кокошка“ се занимава со потребата за слобода, за копнежот и страста да се сака и да се сонува, дури и кога светот станува студен и апатичен. Таа невпечатлива птица, сепак, нѐ охрабрува да летаме. Во пукнатините и преку анализа на извитоперените вредности, на моралната пакост, на лековерноста, на суетата, се раѓа светот на нашите ликови.

Налик на еден отворен креативен процес, актерите од малиот театар, преку импровизација, баналност, комедија на апсурд, создаваат сѐ во овој миг, пред наши очи на сцена. Тоа е нивниот метод за справување со внатрешниот хаос.

Како своевидни џезери, импровизатори, големи аматери, неприкосновени таленти или само обични луѓе, ликовите се борат со игра против непредвидливото, неподносливото, она што е тешко да се признае, против лажното.

Во срцето на нивната претстава е младоста, таа го буди заспаниот дух на љубовта и радоста. Таа е бесна глиста во утробата на затворениот систем; немирна, искрена и гладна за промена. Таа се судира со навиките, рамнодушноста и стравот. Таа е кокошка! – стои во експликацијата за претставата.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 316, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-19.1.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот