Претседателот на државата и половина влада во Америка

Обединети нации / Фото: Архива

По различни поводи, на различни локации и на различни настани во САД се претседателот на државата, премиерот, двајца вицепремиери и еден министер. Па, според уставните одредби, шеф на државата во ваква ситуација е претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Претседателот Стево Пендаровски од денеска до 22 септември ја предводи државната делегација на 78. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Во состав на македонската државна делегација се и вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Премиерот Димитар Ковачевски исто така е во САД, но во неколкудневна работна посета и со него отпатува вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Во САД е и министерката за одбрана Славјанка Петровска. И таа е во работна посета, во рамките на која, како што соопштија од Министерството за одбрана, ќе ја „реафирмира одличната одбранбена соработка помеѓу двете земји, која се одвива преку континуираните програми за поддршка на одбранбените реформи, процесот на модернизација и опремување кој е поддржан и од американска страна“. Во Вашингтон Петровска ќе има средби во Пентагон и во Стејт Департментот, а веќе учествуваше на приемот за воено-дипломатскиот кор во македонската амбасада, организиран во чест на Денот на независноста и Денот на Армијата.

Претседателот Пендаровски, освен обраќањето на Генералното собрание, ќе се сретне со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, при што ќе ја одликува ООН со Орден на Република Северна Македонија, ќе се обрати пред Советот за безбедност, ќе присуствува на отворањето на Политички форум, ќе има билатерални средби со шефови на држави, учесници на Генералното Собрание, ќе го посети Њу Џерси и ќе се сретне со претставници на македонската заедница, а ќе престојува и во Чикаго.
Премиерот Ковачевски пак во Њујорк ќе се сретне со високи претставници на Стејт Департментот, вклучувајќи го и аменикот помошник државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, потоа претставници на Светскиот економски форум и Светска банка, со претставници на мултинационални компании и македонската бизнис заедница во САД, како и со претставници од Европската Унија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот