Преспанскиот договор – столб за безбедноста

Сеад Ризвановиќ
Сеад Ризвановиќ / Приватна архива

Откако Грција го тргна товарот на „спорот за името“, земјата се најде среде најдинамичниот регион на планетата, каде што се испреплетени геополитичките интереси на големите и регионалните сили.

Пред потпишувањето на Преспанскиот договор во 2017 година, во Македонија владееше мислење (и, веројатно, сѐ уште владее) дека Грција на некој перверзен начин ужива во блокирањето на интеграциите на својот сосед. Перцепцијата на македонската јавност беше дека Грција е комотна во својата улога на уценувач и дека крајната цел на грчката политика е бришење на македонската држава и нација.

Но, настаните што следуваа по потпишувањето на Договорот, покажуваат дека ситуацијата не била баш таква. Во моите разговори со висок дипломат на грчкото МНР за време на преговорите помеѓу Македонија и Грција, неколку месеци пред потпишувањето на Договорот во Преспа, дознав дека спорот околу името бил „камен околу вратот“ за грчката дипломатија.

„Џокер во покер“

Мојот соговорник оцени дека Грција го почна спорот во раните 90-ти, по осамостојувањето на Македонија, но со тек на годините и децениите, спорот, од „стратегиска предност“ на Атина, се претворил во „стратегиска тежина“ што не ѝ дозволувала на Грција да ги исполни своите целосни потенцијали во регионот. Иако перцепцијата на светската јавност за спорот се движеше од поддршка за македонската позиција поради апсурдноста на спорот, до зголемување на разбирањето за грчката страна поради проектот за антиквизација на Груевски, сепак, во сите дипломатски или воени релации на Грција со своите сојузници секогаш проблемот со името излегувал како „џокер во покер“.

По тврдиот грчки став во Букурешт во 2008 година, кога тогашниот грчки премиер Костас Караманлис не попушти под притисокот на тогашниот американски претседател Џорџ Буш, меѓународната позиција на Грција се претвори од нестабилна во лоша.

Популарното размислување во Грција и во Македонија дека цената за грчкото вето е големата должничка криза во Грција која својата кулминација ја доживеа во 2010 година можеби и не беше толку далеку од вистината. Високи грчки политичари во неколку наврати ја имаат кажано јавно оваа теза во домашните медиуми во изминатите години, додека Викиликс во 2011 година објави дека Грција била казнета поради наложеното вето во Букурешт, со тоа што гневот на администрацијата на Џорџ Буш тогаш го забавило присоединувањето на Грција кон американската програма за безвизни патувања.

„Ренесансата“ на односите Грција-САД

Откако Грција го тргна товарот на „спорот за името“, земјата се најде среде најдинамичниот регион на планетата, каде се испреплетени геополитичките интереси на големите и регионалните сили. Во Источниот Медитеран се случија војните во Сирија и Либија и интервенциите на Русија и Турција во тие конфликти, енергетската борба за ресурси помеѓу Турција, ЕУ и Египет, американскиот спор со Турција, зголемената соработка помеѓу Русија и Турција и мигрантската криза.

На Американците им требаше стабилна потпора во немирниот регион. Вашингтон го пронајде тоа во Атина. За време на посетата на поранешниот државен секретар на САД на Грција во 2020 година, Мајк Помпео порача дека „Грција е столб на стабилноста во Источниот Медитеран“. Слични пораки се повторија и годинава, после посетата на актуелниот државен секретар на САД Ентони Блинкин на Грција, со што Вашингтон недвосмислено укажува на важноста на возобновеното стратегиско партнерство со Грција.

САД го зголемуваат и военото присуство во Грција. Лани, островот Крит стана „домашно пристаниште“ за американската експедициска поморска база „Хершел Вуди Вилијамс“. Годинава, пак, САД планира на Крит да изгради и комуникациски центар. Американските сили веќе ги користат базите во Лариса и Стефановикео, а Грција ги повика Американците слободно да користат и други воени бази, доколку имаат потреба за тоа.

Поуки за Софија?

Поставеноста на пристаништето во Александрополис, што се наоѓа веднаш до Турција, се проширува за да може да прими поголема фреквенција на трупите на САД и НАТО. Во услови на затегнатите односи на Вашингтон и Анкара поради турската аквизиција на рускиот противвоздушен систем С-400, јасно е дека Грција станува најдоверлив партнер за американската администрација и треба да преставува замена, доколку односите со Анкара премногу се затегнат.

Настрана од ситноградите ставови за Преспанскиот договор во Северна Македонија и во Грција, јасно е дека со сите свои недостатоци, Преспа преставува голема вин-вин ситуација за двете земји. Македонија после договорот се стабилизираше со членството во НАТО и ги оттргна стравовите за конфликти или распад на земјата, додека Грција на голема врата се врати на светската дипломатска сцена и ја врати стратегиската важност која земјата ја имаше во 80-тите години од минатиот век.

Можеби нешто од овие поуки би можеле да се „пренесат“ и во актуелниот став на Софија и нејзиното евро-интегративно блокирање на македонската држава. Кога таму би имало некој кој би бил доволно концентриран во решавање на проблемите со нивниот западен сосед, Северна Македонија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот