Почнува судењето за пожарот во „Пулс“ / Фото: „Слободен печат“, Слободан Ѓуриќ

Пожарникарите опишуваа како ваделе изгорени тела и заглавени луѓе на влезната врата од „Пулс“

На самиот паркинг имаше многу луѓе, од кои и доста паднати. Паднати имаше и на скалите, а на влезната врата имаше и заглавени повеќе лица што бараа помош. Извлекле три јагленосани тела. Ова се дел од страшните сведоштва на пожарникарите кои го гаснеле огнот и спасувале во дискотеката „Пулс“ кога се случи страшниот пожар на 16 март минатата година во Кочани.

Командирот на противпожарната едница во Кочани, Драган Апостолов пак кажа дека ноќта на кобниот настан бил дома кога добил телефонски повик во 2.47 часот за пожар во дискотеката по што ги известил и ги повикал сите команданти на смена, а побарал и помош од противпожарните единици од Виница, Штип, Свети Николе и од Пробиштип за да помогнат во гаснењето на пожарот.

Апостолов пред судот опиша сцена на вистински ужас. И покрај професионалната заштитна опрема, командирот се здобил со изгореници и пликови на рацете само од екстремно високата температура во внатрешноста.

Најголемата концентрација на заглавени и починати млади лица била пронајдена во тесниот ходник веднаш зад влезната врата.

Пожарникарот кој стигнал таму прв, Благој Паунов рече дека не можел да го види огнот, а претпоставува, дека бил придушен поради немање кислород и огнот не можел да се шири.

– Но нашата стандардна процедура и најголем приоритет е спасување човечки животи. Ние не гледавме пламен, моравме да ги извадиме лицата. И кога дојде и вториот тим, и тие првин извлекуваа зашто не можеа да пуштат линија. Веднаш пристапивме кон извлекување на лицата заглавени на влезната врата. Кога извадивме едно лице, моравме да побараме помош од полицијата и од двете лица од обезбедувањето, како и од цивилни лица. И така во мешовити тимови почнавме да ги извлекуваме децата. Послабите полесно, а покрупните потешко и секој реагира на свој начин. Некои беа избезумени, во шок и грч и моравме да ги носиме до паркингот. Други, пак, од паника газеа врз нас и врз други деца за да излезат. Кога го поднамаливме бројот, во тој момент веќе забележав дека пристигна брзата помош, како и повеќе цивили и дека почнаа да ги носат до болница – изјави сведокот.

Заглавени луѓе имало и во билетарницата, над десет луѓе, кои веќе лежеле и не давале никакви знаци.

– Излегов и побарав помош. Откога ги извлековме сите, имаше друга врата, помала, во која имаше многу деца заглавени. Кога излеговме, веќе забележав дека се пристигнати сите мои колеги и пуштени се сите линии и почнаа со гаснење – изјави сведокот.

Потоа влегол внатре, бидејќи им кажале дека има заглавени и кај тоалетот, и од таму почнал да извлекува заглавени лица.

– Потоа веќе бев изнемоштен и не можев повеќе да извлекувам лица и побарав замена и зедов да гаснам. На крајот од интервенцијата мислам дека беа извлечени уште две или три тела, кои беа изгорени – изјави сведокот.

Гаснењето беше многу отежнато. Пред тоалетот имаше сандаче хидрант, внатре имаше црево, но немаше вентил и не можевме да го користиме. Имаше и расфрлани употребени ПП-апарати од девет килограми – рече сведокот.

Интервенцијата завршила околу 4-4.30 часот кога пожарот бил локализиран.

– По локализирањето, побарав дозвола од јавен обвинител да извршиме пребарување за други лица. По пребарувањето, извлековме уште три изгорени тела. Други не најдовме – изјави Апостолов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот