ШИЛЕГОВ ЗА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“: Повеќе пари за општините или нова територијална поделба

Петре Шилегов, Фото: European Union/Fred Guerdin

Нема децентрализација без пари. Или повеќе пари во општинските буџети или нови општински граници и надлежности – нешто мора да се менува за да добиеме општини што ги задоволуваат современите потреби на жителите и кои ќе го оправдаат епитетот децентрализирани.

Претседателот на ЗЕЛС, скопскиот градоначалник Петре Шилегов, во разговор за „Слободен печат“ ги сподели своите размислувања како да се откочи децентрализацијата во Македонија, која подолго од деценија стагнира, а лани во октомври кулминира кога со 50 милиони евра од државниот буџет беа покриени половина од натрупаните 100 милиони евра вкупен општински долг!

Според Шилегов, за единиците на локалната самоуправа (ЕЛС) е клучно да се стабилизира нивното финансиско работење, а ако добијат соодветни извори на пари, подготвени се да преземат и нови надлежности.

– Нашите анализи покажуваат дека е потребно да се зголеми зафаќањето од ДДВ на најмалку 10 отсто во полза на општините. Сега добиваме 4,5 отсто од ДДВ. Исто така, нашето барање е зафаќање од 50 отсто од персоналниот данок, од кој сега добиваме 3 отсто – вели Шилегов.

Општините „влечат“ долгови уште од СФРЈ

Тој се согласува дека не е во ред општините да создаваат долгови, а државата да ги плаќа и апелира на домаќинско и економично работење.

– Причините за задолжување се различни, некои долгови се наследени и направени без вина на општините. ЗЕЛС во 2005 година со анализа дозна дека пред почетокот на децентрализацијата општините имале 51 милион евра основен долг. Значи, долговите настанале многу порано, а дел потекнуваат и од периодот кога сме биле во друга држава. Како што општините добивале нови надлежности и обврски, така растеле и долговите. Дел се настанати и поради недоволно обезбедени пари за блок и наменските дотации, за кои општините морале да одвојуваат сопствени средства и да влегуваат во дополнителни долгови – вели Шилегов и објаснува дека ЗЕЛС првично изразил незадоволство од начинот на кој државата ги покри долговите, бидејќи првичната опција била да се обезбеди позајмица со поволна каматна стапка, но и усвоената мерка дала резултат.

– Мерката даде можност општините да преземат развојни компоненти и ценам оваа година тие се видливи за граѓаните. Дел од општините останаа несубвенционирани, или не побараа пари или немале толкав број долгови. Очекувам да се исполни она што беше ветено од Владата, дека тие општини ќе бидат поттикнати во поинаков процес – вели Шилегов.

Тој објаснува дека централната и локалната власт во изминатиов период водат интензивен дијалог за пофункционални општини. Неодамна Управниот одбор на ЗЕЛС и премиерот Зоран Заев договориле да се формира малa оперативнa групa со претставници од двете страни, која ќе работи на темите и законите што треба да се променат за да се врати децентрализацијата на својата суштина.

– Во работната група утврдуваме нов бран надлежности на локалната власт, но останува императив да се обезбеди стабилност, а надлежностите да се пренесуваат фазно, во областите каде што ќе биде можно и потребно. Ние, пред сè, сакаме финансиска стабилизација за досега преземените надлежности. Очекуваме Владата прво да ги исполни барањата на општините кои се преточени во систематизирани ставови на ЗЕЛС во повеќе области. Освен зголемувањето на зафаќањето од ДДВ и од персоналниот данок, бараме зголемување на висината на сите блок-дотации, зафаќање од данокот на добивка на игрите на среќа и друго. Ако добиеме соодветни пари, спремни сме и за нови надлежности. Имаме предизвици во противпожарната заштита, во процесот на легализација на дивоградбите, во потребата од скратување на роковите за донесување на планска документација, за поддршката на руралните општини, за концентрацијата на капиталните инвестиции, имаме недостаток на одредени професионални кадри како урбанисти, архитекти, информатичари и слично – вели претседателот на ЗЕЛС.

Тој е свесен дека и општините се виновни за длабоките минуси и порачува дека треба да се поконцентрирани во собирањето на сопствените приходи, особено данокот на имот.

– Размислуваме и за етапно зголемување на износот на данокот на имот, како еден од најстабилните извори на финансирање на ЕЛС – вели Шилегов.

Нова организација или различни типови општини

Според Шилегов, проблемите на општините мора да се решаваат итно за да не мора да се размислува за нова територијална организација, затоа што сега општините се така поделени што има екстремно богати и екстремно сиромашни.

– Во работната група разговаравме и за преиспитување на исправноста на моделот на монотипни општини со еднакви надлежности, без разлика на нивната големина и капацитети. Предлагаме да се размисли за воведување политипен вид на ЕЛС со различни надлежности, односно, општините да имаат задолжителни и факултативни надлежности – вели Шилегов.

Според него, Македонија е една од фискално најцентрализираните држави во Европа.

– Треба да се создаде објективен, правичен, транспарентен систем за финансирање на општините и соодветен систем за нивно финансиско воедначување, со цел да се обезбедат доволно пари за помалите и посиромашните општини, кои континуирано имаат мали даночни капацитети, а големи фискални потреби. Неопходно е, пред сè, да се дефинираат расходните потреби врз основа на расходни норми по клиент. Сите граѓани имаат право на минимален квалитет на услуги без разлика дали живеат во богати или сиромашни, големи или мали, урбани или рурални општини. Во ЗЕЛС често дискутираме на оваа тема и аргументирано ги утврдуваме недостатоците на постоечкиот концепт на локална самоуправа. Централната власт мора да ги почитува уставните и законските обврски да ги консултира општините пред донесување на законите кои се однесуваат за локалната самоуправа, да ги почитува роковите за навремено доставување на буџетскиот циркулар и за трансферите на пари кон ЕЛС, како и да го следат развојот на системот за финансирање на општините. Треба да се востановат т.н. буџетски преговори помеѓу централната власт застапувана од Владата и општините застапувани од ЗЕЛС во септември кога се подготвува буџетот за следната календарска година за да се договори правична распределба на парите, со цел општините и Град Скопје да обезбедат квалитетни услуги за граѓаните и успешно да ги спроведат законски доверените надлежности.

Скопје како една општина ќе има подобри резултати

Скопје има двостепена локална самоуправа, односно на територијата има десет општини со свои надлежности и Град Скопје со надлежност над целата територија, со законски поделени ингеренции во комуналната сфера, урбанизмот, сообраќајот итн. Секоја општина има своја администрација од стотици вработени и свој буџет од неколку десетини милиони евра. Град Скопје има буџет од околу 80 милиони евра, а заедно со десетте општини можат да соберат вкупен буџет од околу 150 милиони евра, па се наметнува прашањето дали е подобро Скопје да биде една единица на локалната самоуправа со единствен буџет и локална администрација.

– Мое лично мислење е дека една општина, односно единица на локална самоуправа на ниво на Скопје ќе има далеку подобри резултати. Но, велам, ова е мое мислење, затоа што ова прашање не е дискутирано во ЗЕЛС, како ни со колегите од скопските општини – вели скопскиот градоначалник.

Децентрализацијата доби единица

Градоначалникот Шилегов го дели впечатокот дека во последнава деценија практично и немаше децентрализација. Кога беше воведена, кампањата се водеше под слоганот „Да одлучуваме сами за себе“, а досега овој процес се сведе на финансирање на локални проекти со државни пари.

– Впечатокот е разумен. Со постојната законска регулатива, парите за капитални проекти доаѓаат од централната власт и тоа од повеќе министерства како расцепкани капитални дотации кои општините ги добиваат преку аплицирање со готови проекти. Наше барање е прво да се обезбедат значително повеќе средства за капитални проекти, а сегашните да се интегрираат во една единствена капитална дотација, еден систем со потсистеми за да се постигнат очекуваните цели со нивна распределба според јасни и правични критериуми во транспарентна постапка. За тоа каква децентрализација имавме зборуваат фактите: задолжени општини, лоша инфраструктура, патишта и улици, проблеми со одржување на објектите, проблеми со противпожарната служба, листата е долга… Крајно време е во фокусот на приоритети да биде фискалната автономија на општините.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот