ПОШТА: Писмата „летаат“, но ги кочи транспортот

Скопје, 13 август 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Чаршијата веќе инсинуира дека една од поголемите банки е заинтересирана за договор со Пошта, но оттаму повторуваат дека нивните клиенти навреме ќе бидат известени кога ќе почне и кој ќе го преземе платниот промет преку нивните шалтери.

Дозволата што Поштата ја чека од Владата за да преговара и да склучи договор со друга банка за обнова на платниот промет, сѐ уште не е ставена на дневен ред пред министрите. Поради прекинатиот договор со Еуростандард банка, на поштенските шалтери не може да се плаќаат сметки за комунални услуги и да се врши исплата на пензии и социјална помош. Ејуп Рустеми, генерален директор на Македонски пошти, неколкупати апелираше дека мора итно да се потпише договор со друга банка. Чаршијата веќе инсинуира дека една од поголемите банки е заинтересирана за договор со АД Пошта на Северна Македонија, но од ова Друштво децидно ги отфрлаат сите шпекулации и повторуваат дека нивните клиенти навреме ќе бидат известени кога ќе почне и кој ќе го преземе платниот промет преку нивните шалтери.

Во однос на приемот и доставата на пратките, од Пошта тврдат дека тие се вршат непречено, но апелираат секоја вредносна пратка или документ да се врши со препорачан документ, за да има доказ во случај на губење или недоставување.

– Во изминатите четири недели нема прекин во доставувањето пратки од меѓународниот поштенски сообраќај, а сите пратки што пристигнуваат во државата се доставуваат до крајните корисници. Во моментот бројката на држави за кои може да се испраќаат поштенски пратки е 47, вклучително и САД, а поради актуелната ситуација со ковид-19, авиокомпаниите преку кои се транспортираат поштенските пратки вршат промени на летовите на дневна основа – посочуваат од Пошта и предупредуваат дека поради редуцираниот број на летови, очекувани се поголеми задоцнувања во транспортот.

Од 349 поштенски филијали во земјава, во моментот не работат околу дваесетина. Во Скопје има 68 филијали, а од нив 8 се привремено затворени. Работното време е едносменско до 17 часот, иако во некои помали места низ државата шалтерите се отворени до 13 или до 15 часот.

Еуростандард банка, врз која е отворена стечајна постапка, имаше петнаесетгодишен договор за платен промет со Поштите, склучен во 2016 година. За договорот, директно или индиректно, биле ангажирани 870 вработени. Поштата има околу 500 шалтери на кои им даваат услуги на граѓаните на територијата на државата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот