Посебни проблеми со прифаќањето на учениците со посебни потреби

Училиште Фото: Профимедиа

Дваесетина второодделенци од скопското ОУ „Невена Георгиева-Дуња“ можеби ќе останат без својата прва учителка поради тоа што таа не се обидела да спречи говор на омраза што го искажал родител на социјалната мрежа „Вибер“, а кој се однесувал за дете со посебни потреби кое учело во истото одделение. Родителите објаснуваат дека ваквата одлука – сè уште неофицијална – завчера им ја соопштил директорот на училиштето, но тие тврдат дека овде станува збор за класично политичко делување, со цел да се занемари конкретниот проблем.

– Немаме ништо против детето со посебни потреби, но морам да кажам дека во последно време ситуацијата прилично се влоши, бидејќи детето стана премногу агресивно и почна физички да се пресметува со соучениците. Но, знаејќи дека неговите родители се политички моќни, ние долго време стискавме заби и го толериравме проблемот. Меѓутоа, ситуацијата на крајот стана неиздржлива. Исто така, добро е да потенцирам дека во истото одделение учат вкупно три деца со посебни потреби, па никој од нас досега не се пожалил. Ние решивме да го кренеме гласот кога забележавме дека едното од тие три деца почна да го малтретира целото одделение – вели родител во изјава за „Слободен печат“.

Тој објаснува дека освен на родителска средба, комуникацијата помеѓу родителите и учителката се одвивала и на социјалната мрежа „Вибер“, а таму, додава нашиот соговорник, деновиве осамнала порака од еден загрижен родител, во која се вели дека неговото дете се плаши да оди на училиште поради насилството што секојдневно го приредува детето со посебни потреби.

– Еден од родителите прати порака дека неговото дете не сака да оди на училиште, бидејќи стравува од своето другарче. Тој во пораката ги замолува родителите на детето да пронајдат решение за проблемот. Но, наместо решение, овој родител беше обвинет за ширење говор на омраза, а најавени се и санкции за учителката, која не успеала да ја препознае омразата во испратената порака. Зарем така се решаваат проблемите во демократските земји? Не сакаме нашите деца среде учебна година да добијат нова учителка. Задоволни сме од нејзината работа и посветеноста да го пренесе своето знаење. Впрочем, таа е просветен работник, а не детектив или инспектор со задача да санкционира говор на омраза на интернет. Овој проблем мора да се реши, без разлика на политичката моќ на одредени родители – вели нашиот соговорник.

Директорот на училиштето вчера не беше достапен за изјава, а и од Министерството за образование и наука (МОН) креваа раменици и топката ја префрлија кај надлежните од Просветниот инспекторат, кои исто така не беа расположени за коментар.

– Новиот закон за основно образование предвидува сите деца да бидат вклучени во образовниот процес без разлика на тоа дали станува збор за деца со попреченост. Во случај кога се појавуваат вакви проблеми како во ОУ „Невена Георгиева-Дуња“, Просветниот инспекторат треба веднаш да излезе на терен и да направи увид – вели Горан Галевски, портпарол на МОН.

Според социолозите, главниот причинител за ваквите проблеми во образованието не се децата со посебни потреби, туку институционалната неподготвеност за справување со предизвиците.

– Законот предвидува инклузивност на сите деца во образовниот процес, бидејќи сите деца на светот се исти и сите деца уживаат исти права. Ако едно дете е агресивно или хиперактивно, тоа не мора да значи дека е дете со посебни потреби. Во едно училиште може да има десетина деца што не се со посебни потреби, а кои се склони кон насилство и кои физички се пресметуваат со своите соученици, па дури и со наставниците. Но, вината не е во децата. Виновни се институциите, кои не си ја вршат својата работа. Потребни се образовни асистенти и дефектолози, кои постојано ќе им помагаат на децата – објаснуваат социолозите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот