Фото: Денис Дуковски / РК Вардар1961

ПОРТРЕТ: Кој е Косуке Јасухира, „соничниот“ адут на РК Вардар

Прекарот „соник“, Јасухира го добил поради брзината. Навивачите на Вардар го сакаат поради квалитетот и пожртвуваноста на теренот. Јапонскиот среден бек Косуке Јасухира е еден од најголемите адути на црвено-црните сезонава, што го докажа во повеќе наврати

Дојде, заигра и ги освои симпатиите на навивачите на РК Вардар, но и на целата ракометна јавност во Македонија. Така на кратко би го опшале средниот бек Косуке Јасухира (23), ракометар од Јапонија, кој е еден од најголемите адути на црвено-црните сезонава.

Јасухира го покажа својот квалитет и пожртвуваност уште од стартот во црвено-црниот дрес и не е чудо што експресно стана популарен. Низок по раст (173 цм.), но експлозивен и неверојатно брз, ги има сите квалитети што ги бара неговата позиција.

Јасухира дојде во Вардар сезонава како позајмен играч од полскиот Орлен Висла Плок. Јапонецот дојде тука за да има што повеќе минути на теренот и тоа го доби.

Се наметна како супер-засилување уште пред сезоната кога беше прогласен за МВП на Струшкиот турнир, кој Вардар го освои. Тој беше и еден од клучните играчи кога Вардар го освои Суперкупот во дуелот со Еурофарм Пелистер, а потоа играше важна улога во големото дерби од Суперлигата со битолчани во Скопје што вардарци го добија (30-25).

Земајќи ја предвид неговата младост и квалитет, Вардар би сакал да го задржи, но тоа нема да биде лесно.

– Би сакал да го задржам Јасухира не на една, туку на пет години, ако е можно. Неговата работна етика, талентот, квалитетот, пожртвуваноста на теренот го прават врвен професионалец. Секој тренер би го посакал во тимот. Тој одлично се вклопи во Вардар што го покажува и неговиот ефект во мечевите. Дали би останал во Вардар подолго, тоа ќе зависи од неговиот клуб Висла и од него самиот. Тој има голем број понуди од врвни клубови, особено сега кога во многу благодарение нему јапонската репрезентација се избори за учество на ЛОИ Париз 2024 – вели Владо Недановски, тренерот на Вардар.

Јасухира, прв ракометар од Јапонија што заиграл во Вардар и воопшто во македонското првенство, поради својата брзина го има прекарот „соник“.

– Ме викаат „соник“ поради мојата брзина на теренот. Отсекогаш сум бил брз и луѓето почнаа да ме нарекуваат „соник“ – вели Јапонецот за својот прекар. А

Јасухира открива и како влегол во ракометот.

– Решив да станам ракометар поради брат ми кој сакаше да се занимава со овој спорт. Позицијата централен бек ме привлече затоа што играчите на таа позиција се лидери во играта – вели Јапонецот.

Неговата ракометна приказна почнува во Нипон универзитетот за спорт и наука. Косуке се искажа во јапонскиот тим до 19 години на СП 2019 кога постигна 22 гола.

Тоа го одведе во редовите на францускиот прволигаш УСАМ Ним во сезоната 2021/2022, за потоа да мине во познатиот полски клуб Орлен Висла Плок (2022/2023), кој му го позајми на Вардар за оваа сезона.

Косуке Јасухира неодамна потпиша краткорочен договор со Ал Кадсија од Кувајт за да го засили на претстојниот азиски шампионат, што на програмата е од 17 до 26 ноември. Потоа тој треба да се врати во Вардар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот