Попишани над милион граѓани, ДЗС тврди дека нема бојкот

Попис 2021 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Вкупно 1 037 309 лица, 323 286 домаќинства и 438 705 станови се попишани заклучно до 19 септември, до 20 часот. Можноста за самопопишување на лица во странство досега ја искористиле – 193 370 лица.

Од Државниот завод за статистика (ДЗС) за МИА потврдуваат дека граѓаните масовно се попишуваат, а бројките за наводни одбивања за попишување се измислени, целосно неточни и немаат никаков допир со реалноста.

– Дури и кај изолираните случаи на граѓани кои во прв момент не се попишале, подоцна при последователните контакти ја оствариле својата обврска и дале свој придонес и учество во пописот, посочуваат од Заводот.

Од ДЗС информираат дека казни не се пишуваат, бидејќи за тоа нема потреба.

– Попишувачите и граѓаните на терен соработуваат одлично, додаваат од Заводот во одговорот за МИА.

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев е убеден дека пописот успешно ќе заврши, наспроти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој смета дека има проблеми.

Заев вчера порача и да не избрзуваме и изрази благодарност до граѓаните кои учествуваат и верува дека така ќе биде и до самиот крај. Упати комплименти до сите попишувачи, до Државниот завод за статистика и до сите стручни луѓе кои работат внатре, до македонски Телеком, до ИТ експертите од државните институции кои се вклучени да помогнат…

– Системот, како што знаете е сериозно нападнат од хакери. Тоа го знаеме сите. Секако работат повеќе од пет илјади попишувачи и тука истрагата не може да даде конкретен резултат, важно е што се ставаат соодветни блокади и досега пописот продолжува успешно да функционира, изјави Заев.

Тој потсети дека во просек дневно има околу сто илјади попишани, а надмината е бројка на милион попишани граѓани.

– Во просек имаме околу сто илјади попишани. Ја надминавме бројката од милион и 37 илјади граѓани кои се попишани, тоа можам да констатирам дека е успешен. Фокусот мора да остане пред се на стручните луѓе, на ИТ техничарите кои се позадинска поддршка на попишувачите кои што одат од куќа на куќа, од дом на дом, но и се морална стабилност и на граѓаните, оти ако системот паѓа и навистина не можете да го завршите попишувањето, се создаваат нервози, непријатни ситуации или слично, рече премиерот Заев.

Според Мицкоски, апликацијата континуирано изминатите 15 дена паѓаше. -Пописот има многу проблеми и тоа Заев го знае. Апликацијата континуирано изминатите 15 дена паѓаше и попишувачите на терен не можеа да ја користат 24 часа. Тоа е факт, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги признае резултатите од пописот, Мицкоски не одговори конкретно.

– Како можеме да признаеме нешто што не сме виделе? Допрва има период кога ќе се вкрстува тоа со базите на податоци. За една година од сега ќе излезат тие пподатоци. Но, првата контрола ќе бидат локалните избори и фингер принт терминалите, истакна опозицискиот лидер.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во земјава официјално почна на 5 септември и ќе трае до 30 септември.

Извор: МИА

Заев: Верувам дека пописот ќе биде успешен

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот