Помирувачот се актуелизира со протестот во УЈП – што е медијација?

Медијацијата е посредување во кое страните го решаваат спорот со помош на трета независна страна – медијатор, при што им помага на двете страни да дојдат до решение на обострано задоволство, односно решение кое мора да биде во интерес на двете страни

Во актуелната општествена ситуација во Македонија често се говори за медијацијата како постапка за решавање спор и медијаторот како лице што посредува во постапки меѓу две страни во спор. Постојат неколку видови постапки што се целосно различни и независни од судската постапка и се регулираат со различни закони. Медијацијата се регулира со Законот за медијација што го подготвува Министерството за правда, а за Законот за мирно решавање на работните спорови е надлежно Министерството за труд и социјална политика. По донесувањето на законот за медијација и позитивната пракса од неговата примена, особено од 2017 година, денес многубројни субјекти, физички и правни лица како страни во спор сакаат да дојдат до решение на заедничко задоволство со задоволување на заедничките интереси.

При изборот на медијацијата како постапка, наспроти судската постапка, страните во спор ги имаат предвид следните фактори: ниското ниво на доверба во судиите, оптовареноста на судови со голем број предмети, појавата на висок степен на неефикасност во давање правна помош на граѓаните, големото незадоволство кај странките од начинот на водење на постапката, долга постапка до решение и високите трошоци.

Медијацијата е посредување во кое страните го решаваат спорот со помош на трета независна страна – медијатор, при што им помага на двете страни да дојдат до решение на обострано задоволство. Решението мора да биде во интерес на двете страни. Медијацијата е доброволна, неформална, доверлива, брза постапка што завршува со потпишување спогодба чија форма и содржина ја утврдуваат страните. Области во кои медијацијата се применува се: граѓански, работен, деловен, и трговски спор, во кривични спорови, во семејни и бракоразводни спорови, во образование (основни училишта), во областа на екологијата и во локалната заедница.

Процесот медијација започнува на предлог на една од страните во спорот, која се јавува како иницијатор и втора страна која го прифаќа барањето за спорот да се решава со медијација.

Добра волја за решавање на спор

Медијацијата е можна кога постои добра волја кај страните спорот да биде решен, кога страните во спорот сакаат и имаат потреба да ја вратат довербата, да ја продолжат (добрата) соработка; кога страните имаат потреба и интерес да биде решен проблемот и кога страните во спорот се чувствуваат заморени од траење на спорот и негово натамошно продолжување. За секој правен субјект од приватен и јавен сектор од голема важност е спорот што го има да го реши за кратко време, по можност да го добие или штетата да биде помала.

Во постапката на медијација до решение на спорот се доаѓа на тој начин што медијаторот на страните им помага како да дојдат до решение со почитување на сопствените интереси и на заедничко задоволство. Страните во спор при доаѓање до решение се водат од своите позиции и лични интереси, а суштината на спогодбата е да ги дефинираат заедничките интереси. Посебна придобивка за страните што постигнале преку медијација, потпишување спогодбата, како резултат на заедничка работа со помош на медијаторот е исклучување на можноста од жалба и продолжување на постапката. Дополнителен аргумент што ги прави задоволни страните што постигнале спогодба се ниските трошоци на водење на постапката на медијација што медијаторот им ги соопштува пред почетокот на постапката.

За одреден вид правни субјекти, можноста спорот да го решат без присуство на јавноста е дополнителна вредност и придобивка, односно јавноста никогаш не учествува во постапката на медијација, како што е тоа редовна пракса во судската постапка. За да се создадат поволни услови за подобрување, негување и зачувување, пред се на коректни, меѓучовечки односи во иднина, медијаторите сметаат дека никогаш нема да се направи грешка, доколку решението на спорот се побара во постапка на медијација, а не во судска постапка.

Наспроти Законот за медијација, што посредува во решавање спорови меѓу физички и физички со правни, како и меѓу правни лица, со Законот за мирно решавање на работните спорови се уредуваат начинот и постапката на мирно решавање на колективните и одделни индивидуални работни спорови. Во овој закон се предвидени изборот, правата и обврските на помирувачот и арбитрите и другите прашања од значење за мирното решавање на работните спорови. Со законот за мирно решавање на работните спорови тежиштето се става врз работните колетивни спорови и во преговарањето, најчесто една од страните, наспроти работодавачот, е репрезентативниот синдикат на вработените од соодветниот орган. Индивидуалните работни спорови, како што е регулирано, се решаваат со Законот за медијација.

Независно, неутреално и непристрасно постапување

Решавањето работен спор, според законот за мирно решавање, упатува на спор што има колетивна димензија, решението се однесува за повеќе вработени и двата субјекта се правни лица, а лицето што посредува е помирувач. Колективен работен спор се смета спор по повод склучување, измена, дополнување или примена на колективен договор, остварување на правата на синдикално организирање и штрајк. Помирувач се смета лице кое дава помош на страните во колективниот спор со цел да склучат спогодба за решавање на спорот. Помирувачот е должен да постапува независно, неутрално и непристрасно во однос на страните или предметот на спорот. Постапка за мирно решавање работен спор се покренува со поднесување предлог во писмена форма до МТСП од една или од двете страни заедно.

Страната што се поканува на помирување од МТСП по добиениот предлог од една од страните треба во рок од пет работни дена да се изјасни дека се согласува за предложената постапка, односно ако во тој рок не се изјасни позитивно се смета дека предлогот за поведување постапка не е прифатен.

Кога постои најава за штрајк во дејности од општ интерес или во дејности во кои прекинот на работата би можел да го загрози животот или здравјето на луѓето или да нанесе штета од поголеми размери, страните во спорот се должни веднаш да пристапат кон мирно решавање на колективниот спор. Страните во колективен спор треба да го решат спорот во рок од десет дена од поднесувањето на предлогот за мирно решавање на спорот. Во меѓувреме, страните во спорот се должни да поднесат заеднички предлог за помирување наредниот ден од денот на настанувањето на спорот. МТСП определува помирувач за страните во спор кога не поднесуваат заеднички предлог за негово решение.

Регистрирани 5.000 случаи на медијација

Постапката за помирување на колективниот спор се води пред Одборот за помирување што го сочинуваат еднаков број претставници од страните во спорот. Во постапката за помирување учествува помирувачот без право на одлучување. Одборот ја заклучува расправата во рок од 20 дена од денот на отворањето на расправата и донесува препорака за начинот на решавање на спорот во писмена форма и со образложение. За препораката е потребно да гласаат сите членови на Одборот. Помирувачот на странките во спорот може да им предложи препорака во случаи кога Одборот не донесува препорака во рок од пет дена од денот на заклучување на расправата. Битно е да се потенцира дека Препораката не ги обврзува страните во спорот.

По прифаќањето на Препораката, страните во спорот склучуваат Спогодба. Кога предмет на спорот е колективен договор, Спогодбата претставува составен дел на колективниот договор, а доколку предмет на спорот не е колективен договор, Спогодбата има сила на судско порамнување. Постапката за помирување се завршува пред Одборот, ако страните во спорот склучат или не склучат Спогодба за решавање на спорот во рок од 20 дена од денот на отворањето на расправата.

Постапките на медијација и на мирно решавање работен колективен спор се еден вид ефикасна, брза и целисходна постапка за доаѓање до решение на спорот преку задоволување на интересите на двете страни. Деловниот свет и граѓаните се свесени дека брзото решение на спорот заштедува време, пари и енергија и затоа се почесто ја избираат медијацијата како постапка. Северна Македонија, во споредба со државите од регионот бележи посебен пораст на случаи што се решени во постапка на медијација.

Според последните податоци во Министерството за правда се регистрирани околу 5.000 случаи на медијација со тенденција овој број постојано да се зголемува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот