Половина век од спуштањето на човекот на Месечината

Во САД во изминатиот пероид со повеќе настани и пригоди се одбележува еден од најзначајните датуми во историјата на човештвото – пилотираниот лет на Месечината со вселенската мисија „Аполо-11″.

Еден од главните настани се случи синоќа во Хантсвил, во сојузната држава Алабама, каде истовремено полетаа пет илјади модели на ракети. Со ова, Вселенско-ракетниот центар на САД одбележа пет децении од лансирањето на летот на „Аполо-11″ на Месечината.

Во чест на јубилејниот датум реставриран е скафандерот во кој Нил Армстронг го направи првиот чекор. Парите за реставрација беа донирани на глобално ниво – половина милион долари беа собрани за пет дена.

Споменикот обелиск во Вашингтон синоќа светна со илустрација на 111 метри високиот шатл со ракетата „Сатурн-5″. Тродимензионалната проекција секоја вечер ќе се вклучува по два часа во чест на годишнината.

Некои медиуми ги пренесуваат зборовите на космонаутот Мајкл Колинс за спроведувањето на првата мисија на Месечината.

-На својот грб го чувствувавме товарот на целиот свет. Бевме свесни дека не гледаат сите – и пријатели и непријатели. Целата енергија беше насочена кон тоа да ја покажеме нашата најдобра страна. И за тоа потрошивме огромни сили, рече Колинс.

Колинс управуваше со командиот модул „Колумбија” и остана во орбитата додека неговите колеги, Нил Армстронг, првиот човек кој стапна на Месечината, и пилотот на лунарниот модул, Баз Олдрин, се спуштаа на површината на единствениот приреден сателит на Земјата.

Стартот на ракетата „Сатурн-5″ од Вселенскиот центар Кенеди на Флорида ја лансираше мисијата која се случи на 20 јули 1969 година, кога за првпат луѓе слетаа на Месечината.

Историскиот настан беше емитуван на телевизија и следен од половина милион Американци и останати жители од 33 земји на шест континенти.

Од политичкиот врв на САД успехот на мисијата беше оценет како победа во вселенската трка со поранешниот идеолошки соперник, Советскиот Сојуз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот