Политички подметнувања во правото на образование на српски јазик
Сега сите деца во земјава имаат можност како изборен предмет да го изучуваат јазикот и културата на својата заедница. Дали, според логиката на бугарските државници, Турците, Ромите, Бошњаците и Власите се „џелати“ на Македонија или сме тоа само ние, Србите?
На веста – „откриена“ во честитката на премиерот Зоран Заев по повод празникот Свети Сава – дека во основните училишта во Северна Македонија ќе се изучува српскиот јазик, официјална Софија виде некакво политичко приближување кон Србија. Треба на јавноста да ѝ се појасни дека тука се работи само за системско заживување на веќе стекнатото право.
Препорачано
Во својот втор мандат на местото директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, сега во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, се наоѓаме пред низа предизвици за решавање на тековните наследени и запуштени прашања, а мошне важни и битни во образованието на припадниците на сите заедници во земјава.
Во претходниот мандат во Министерството за образование и наука – благодарејќи на разбирањето од премиерот Заев и од тогашниот министер за образование и наука Арбер Адеми – се изборив српски и турски јазик, како изборни предмети, да се вратат во наставната програма во основното деветгодишно образование во земјата. Конкретно, за предметот српски јазик тоа значеше враќање на стекнатото право, кое беше одземено во 2007 година. По 12 години, предметот повторно да биде вклучен во наставната програма за основците во македонското деветгодишно образование.
Тоа навистина е значаен и важен чекор за унапредување на образованието на основците со српска, но и тие со турска етничка припадност. Ова е потврдено со искуството од реализацијата на нашата иницијатива за повторно воведување на изборниот предмет „Јазик и култура на Србите“ во основните училишта, што го почнав уште од моето назначување во 2017 година и беше постигнато само во 2019 година. Упорноста во укажувањето на важноста на такво решение се однесува кога тоа со години се обезбедува и се применува – со право – на други заедници: Роми, Бошњаци, Власи.
Ова укинување на стекнатото право беше правдано со образложението дека Србите имаат училишта во кои се одвива редовна настава на мајчин јазик за деца од основно образование од српска националност. Факт е дека и тогаш, како и сега, редовниот процес на настава за српските основци се организира и се спроведува само во рурални области, во одделенија на само три основни училишта – во Кучевиште, Старо Нагоричане и во Табановце. Во процесот на редовната настава на српски јазик во тие три училишта вклучени се вкупно 202 ученика.
Задоволство е што во таа успешно спроведена иницијатива во делот на воведување изборни предмети покрај „Јазик и култура на Србите“, беше воведен и предметот „Јазик и култура на Турците“.
Систематското враќање на стекнатото, а потоа одземено право, несомнено претставува значаен чекор во образованието на српските деца во Македонија.
Да нема забуни – сега сите деца во земјава, припадници на помалубројните заедници, имаат можност како изборен предмет да го изучуваат јазикот и културата на својата заедница. Дали сега, според логиката на бугарските државници, Турците, Ромите, Бошњаците и Власите се „џелати“ на Македонија или сме тоа само ние, Србите?
Бидејќи образованието на децата е од клучно значење за целото општество, не се откажуваме ниту од забелешките во концепцијата за основно образование каде изборните предмети сега се ставени „во други активности“. Очекуваме дека оваа мала, а за нас крупна ставка ќе биде исправена и дека статусот ќе биде како и до сега – изучување на изборниот предмет во сите средини каде што живеат нашите заедници. Вредно е да се потенцира дека и во Србија и во Албанија во основното образование се учи и на македонски јазик, за разлика од Бугарија и Грција, па ова прашање би можело да се гледа и низ призмата на реципроцитет. Јасна е нашата обврска за еднаква грижа во администрацијата за решавање на проблемот со подобрување на наставата на јазиците на сите заедници, со сите специфики и разлики.
(Авторот е директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците при Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците)


