Политичката припадност главен основ за дискриминација, но не заостанува ни националната и етничката димензија

Истражувањето на Центарот за управување со промени (ЦУП) покажува дека 45,5 отсто од испитаниците кои искусиле дискриминација или познаваат некој кој искусил дискриминација, ја идентификуваат политичката припадност како главен основ за дискриминирање, информираше извршната директорка на ЦУП, Неда Малеска-Сачмароска на денешната конференција на тема „Дали Република Северна Македонија е фер земја? Како институциите заеднички да ја унапредат борбата против дискриминацијата?“.

Според Малеска-Сачмароска, етничката или религиозната димензија, која игра голема улога во нашиот политички систем, овој пат не избива во прв план.

Дискриминацијата врз основа на политичка припадност, според неа, најчесто се среќава во областа на работата и вработувањето, како причина за пристап до работно место, напредување и губење на работната позиција. Она што се јавува како проблематично, е дека чувството на неправда е подеднакво застапено кај сите етнички групи – македонската, албанската и ромската етничка заедница, што упатува на тоа дека постои конкуренција и внатре меѓу самите етнички заедници.

– Постои едно раслојување и по партиска и по етничка припадност, каде што политичките партии успеваат да обезбедат работа и вработување, единствено на своите приврзаници и во етнички македонски и етнички албанскиот блок. Ова говори дека администрацијата се смета за политички плен, а политиката е еден од најбрзите и најдобрите начини да се дојде до работна позиција во нашето општество и да се обезбеди социјален статус, рече Малеска-Сачмароска.

Таа додаде дека сме многу политизирано општество и секоја политичка одлука влијае врз нашиот живот бидејќи приватниот сектор е релативно слаб, а сиромаштијата е продлабочена.

Според Малеска-Сачмароска, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) е целосно функционална и веќе постапува по 248 претставки.

Претседателот на КСЗД, Исмаил Камбери во своето обраќање на конференцијата посочи дека бројот на претставки од минатата година е зголемен за три пати, што укажува на зголемување на довербата на граѓаните, но и показател за квалитетот на работата на Комисијата.

– И како член, и како претседател на ова тело за еднаквост, со гордост можам да кажам дека направивме значајни чекори во борбата против дискриминацијата и промовирање на еднаквоста во нашето општество, од моментот на основање на оваа институција во јануари 2021, до денешниот ден. Како значајни чекори би ги издвоил случајот со овозможување на соодветна настава на малолетничката со попреченост во Гостивар, изедначување на студентските стипендии и овозможување на пристап до вода во неформална ромска населба. Дополнително, веќе ја имаме и првата прекршочна пресуда од прекршочен Суд изречена кон дискриминатор, кој што бил утврден од нашата Комисија, додаде Камбери.

Весна Бендевска од КСЗД на конференцијата информираше дека во последните 20 месеци, Комисијата изработила вкупно 470 предмети.

– Во 2022 година работевме на 255 предмети и за разлика од истражувањето на ЦУП, според кој граѓаните се убедени дека најчеста форма на дискриминација е базирана врз политичко уверување, социјален статус и национална или етничка припадност, анализата на нашите статистички податоци говори дека сепак најчести дискриминаторски основи за 2022 година се националната и етничката припадност, личното својство и општествениот статус, изјави Бендевска.

Според неа, постои веројатност дека зад ова се крие политичкото уверување, бидејќи граѓаните поднесувачи на претставки, најчесто не сакаат да признаат дека се чувствуваат дискриминирани во поглед на нивното политичко уверување.

– Области во кои најчесто се случуваат дискриминациските активности се работата и работните односи и тоа верувам дека некое попрецизно истражување ќе покаже дека – да, политичкото уверување и тоа како влијае врз еднаквиот пристап до вработување, унапредување и градење кариера во нашето општество, рече Бендевска.

Таа информираше дека оваа година имале голем број претставки кои се однесуваа на вознемирувачки говор врз национална и етничка припадност, најчесто промовирани на социјалните мрежи, поточно 47 проценти од претставките, при што нивни најчести поднесувачи се здруженијата на граѓани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот