Полесно е да се урне владата отколку да се формира нова

Фото: Архива

Опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ можеби ќе успее да „ја урне“ актуелната влада, но многу потешко ќе успее да формира нова, велат политички аналитичари за можните сценарија за излез од политичката криза.

Според нив, во секој случај политичката неизвесност во земјава ќе продолжи.

Политичкиот аналитичар Блерим Хисени смета дека не е исклучено владата да падне, а повторно да се формира нова, предводена од СДСМ.

– Тоа што некои потписници на иницијативата за уривање на актуелната влада велат дека се потпишале само за гласање доверба, а не за коалиција, зборува за суштинско прашање – дека може да ја урнат оваа влада за после тоа да бидат отворени сите опции, што би значело и преговори дури и со СДСМ. Но, другиот аспект е дека по седницата во четврток, доколку не се достигне бројката од 61 пратеник за уривање на владата, тогаш Заев ќе поднесе оставка за да формира нова влада, што ние го нарекуваме реконструкција. Тогаш ќе се разбудат апетитите на опозициските партии и покрај тоа што како блок гласаа за уривање на владата, па ќе направат напори да станат дел и од новата влада. Сепак, ситуацијата е неизвесна, но јасно е дека процесот ќе има многу новини, и до гласањето доверба, а и после тоа – вели Хисени за „Слободен печат“.

Политикологот Иво Ранѓеловиќ вели дека е мала можноста по падот на владата на СДСМ повторно да се формира влада на чело со СДСМ.

– Логично е кога ќе се изгласа недоверба на една влада, потоа да биде формирана нова, од новото парламентарно мнозинство. Но, во нашава земја не може да исклучиме ништо, па дури ни таа можност (СДСМ повторно да формира влада), особено ако се земе предвид потенцијалот за коалицирање на СДСМ врз основа на цврстиот проевропски курс. Наспроти тоа, здружената опозиција, и покрај тоа што манифестира сила да изгласа недоверба на власта,  веќе наидува на објективни пречки за формирање нова – изјави Ранѓеловиќ за „Слободен печат“.

Според аналитичарите, она што може да го отежне формирањето Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде учеството или поддршката од Левица. Во таква коалиција тешко ќе влезат партиите на Албанците, кои ја сметаат Левица за антиалбанска, анти-ЕУ и анти-НАТО партија, која се противи на признавањето на Косово и има радикални антиисламски ставови.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот