Пола држава Арнаутовци вие за Марко се фативте

Фото: Ерол Шаќири

Како да ви кажам дечки, сите сте вие „Арнаутовци“, сите сте вие исти, само се наоѓате на различни страни. Од кожата своја не може да излеземе, ни ние ни вие, барем не продавајте лажен морал, етика, вредности и така натаму, не бидете лицемерни.

Хипокризија – застапување ставови, вредности и убедувања во кои личноста не верува. Ноам Чомски хипокризијата ја дефинира како одбивање на себеси да се применат истите стандарди кои се применуваат на другите.

Не поздрави фудбалерот на Австрија Марко Арнаутовиќ со „јебем ти мајку шиптарску“ по постигнувањето на голот против нашата селекција и целата македонска нација остана стаписана, запрепастена, чиниш првпат се соочуваат со ваков гест. Па, тоа осуди од сите страни, па тоа обвинувања за национализам, расизам, шовинизам, „сељачизам“, па повици до УЕФА да реагираат остро кон фудбалерот, па констатации од типот национализмот и расизмот се недозволиви и се косат со европските вредности (измислување топла вода), за момент помислив дека сум се разбудил во Шведска. Си велам, чекај малку Ероле, па зарем е можно нација составена од пола „Арнаутовци“, општество во кое „ебењето ѓаурски и шиптарски мајки“ е секојдневие да реагира вака на примитивизмот на Марко? Се разбира дека е можно, а има и дијагноза, се вика лицемерие.

Да разграничам само дека ова не се однесува на оние поединци во општеството, на „здравото ткиво“, ако може така да се нарече, кои реагираат на секој ваков чин или на секоја неправда, без разлика, туку се однесува на оние кои реагираат во зависност од тоа кој е нивниот интерес, поточно реагираат само тогаш кога ним им одговара. Сепак, да бидам искрен и реакциите на луѓето, кои според мојата субјективна класификација припаѓаат на ова „здраво ткиво“ ми се некако патетични. Патетични во смисла на тоа дека нам се уште дворот ни е извалкан, купишта ѓубре кај и да се свртиш, а реагираме на еден отпушок фрлен илјадници километри од нас, „Арнаутовци“ на сите страни, а ние му се фрливме на Марко.

Да се вратам на лицемерите за кои говорам. Коментаторот на МТВ, после трансот и делириумот кој го доживеа на натпреварот со Грузија каде им посочи на Европа дека ние сме ја описмениле, на европското првенство отиде и чекор понатаму, па и „објави војна“ на истата таа Европа, „ќе видат они кои сме ние“, „ние не сме робови“ и така натаму, не можам сега да се сетам на сите искажани патетики. Е сега, сите оние кои во овие коментари гледаат врвен чин на херојство, патриотизам, а не примитивизам и своевидно насилство врз слухот на обичните гледачи, сите оние кои мислат дека македонскиот спортист нема за цел да се натпреварува и да постигнува спортски резултати, туку на секој натпревар треба да изгине за знамето, за химната за името и презимето, за Гоце, за баба му, за корените итн., сите оние кои на Македонецот гледаат како на роб и жртва, а не како на дел од едно европско семејство, сите тие спаѓаат во групата на оние кои на дневна основа сакаат да „ебат шиптарски мајки“, односно воопшто и да не постојат. Тие се истите кои на дневна основа „ебат“ и северџански мајки кои, нели, родиле предавници на светата своја татковина. Овие луѓе припаѓаат на насилно створената социјална категорија во македонското општество наречена „патриоти“. Што значи, не може да си и едниот и другиот, не може да се „палиш“ на вакви патетично-хистерични говори, со што покажуваш кој е изворот на твојата емоција, а кога изворот е загаден емоцијата може да прерасне само во деструктивни дејствија, пред се вербални насилства, а во исто време да го осудуваш гестот на Марко Арнаутовиќ.

Од гледна точка на припадниците на оваа социјална категорија гестот на Марко е за пофалба и служи за лечење на раните после натпревар во кафеана со неколку ракии во стилот „изгубивме, ама виде ли Марко што им направи на нашиве орли“.

Од друга страна, не може човек кој посакал „ѓаурите да бидат последни во група“ да повика на осуда на примитивизмот на Арнаутовиќ. Не може човек кој не покажува ни минимална љубов и почит спрема таа репрезентација во која, патем речено, играат неколкумина „негови“, човек кој кога ја победивме Германија и буквално ги окупиравме светските насловни страници објавува дека Албанија го добила Сан Марино со 1:0 да го повика ФФМ да реагира. Човек за кого дронот со албанско знаме кое прелета над белградскиот стадион е поголем успех од пласманот на Албанија на европско, а за Македонија пак да не правам муабет. Не може, точка. А за крај не може ни ФФМ да реагира, мислам може како и што направи, но е лицемерно. Лицемерно е затоа што тој истиот ФФМ не ги средил работите на своите терени, терени на кои ќе чуете од „Голема Албанија“ до „мртов Шиптар, добар Шиптар“, терени на кои ќе видите и национализам и расизам и шовинизам, ќе видите се, а најмалку фудбал. Средете, санкционирајте дома за да имате лице истото да го барате од Европа.

Како да ви кажам дечки, сите сте вие „Арнаутовци“, сите сте вие исти, само се наоѓате на различни страни. Од кожата своја не може да излеземе, ни ние ни вие, барем не продавајте лажен морал, етика, вредности и така натаму, не бидете лицемерни.

Но, во ред е се. Македонското општество влегува во една друга, подобра фаза. Моментно се соочува со синдромот „делириум тременс“, тоа е тежок синдром кој најчесто се поврзува со повлекување алкохол од организмот. Македонското општество се соочува со повлекување примитивизми, патриотизми, национализми, со повлекување на сите „изми“ со негативна конотација кои го труеле со години организмот, а на кои тој станал зависен. Отсуството на супстанција (национализам, патриотизам, примитивизам) во организмот (општеството) предизвикува симптоматски реакции, а главните симптоми се распаѓање на свеста во која се појавуваат визуелни халуцинации, заблуди и емоционална лабилност. Организмот (општеството) е во шок, во исто време се случува повлекување на идеологијата од која беше станала зависна, а се појавуваат некои нови алтернативи, некои европски ветрови дуваат, некои нови патишта се отвораат, за некои нови перспективи се говори. Недостатокот од супстанца, таа отровна доза на примитивизам и патриотизам која се вбризгуваше во вените на македонскиот граѓанин на дневна основа кај некого резултира и со губење на смислата за живот. Впрочем каков е тој живот во кој јас не сум жртва на светот, на Албанецот, или обратно на Македонецот дискриминатор, каков е тој свет во кој јас сум рамноправен со другите, рамноправен со сите? Така да овие изливи на емоции кои се всушност халуцинации, овие летања на орли и вергини се нормална работа во процесот на повлекувањето на отровот од организмот кој ќе потрае уште малку.

Е сега, делириум тременс е проблем што може да предизвика и смрт на пациентот, но може и да се третира, со постојан надзор каде се набљудува рамнотежата и виталните знаци. Кога говориме за општеството/државата, фазата во која сме е добро контролирана од западните партнери, со постојана поддршка, а кога зборуваме индивидуално (како за нашиот омилен коментатор на пример или нашите „Арнаутовци“), ако државата не сака или нема сила да им помогне на засегнатите во процесот на излекување, да не очајуваат има третман кој финансиски приуштив и е следниот: Администрација на диазепам, лоразепам и диполиум хлорацепат и витамини. Исто така да се користи халоперидол за контрола на психотичниот процес и халуцинациите.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот